Picture
Текст на Јордан Плевнеш во новиот дневен весник “Слободен печат”, објавен во двобројот од 22/23 Октомври 2013 година.

“РЕПУБЛИКА” И ПЕТТЕ МИНУТИ НА МАКЕДОНИЈА

Веднаш по слегувањето од авионот Париз-Скопје на 19.10.2013 го купив првиот број на "Слободен печат" и со голема радост Ви посакувам среќен пат и мирно море!
Бидејќи сум колекционер на првите броеви од европски дневни весници, почнувајки од времето на Гарибалди, па до времето на Жан Пол Сартр, чиј што дневен весник "Народна Кауза" излегуваше дури 11 дена среде Париз, првиот примерок на "Слободен печат" ќе има значајно место во мојата приватна архива што ја држам, исклучиво на нервна база.

Со голема љубов и респект до сите Вас би сакал да ви предочам за еден мал превид и историска неточност во редакцискиот текст каде што велите дека "Дневник беше првиот независен дневен весник во Македонија". Прв независен дневен весник во Македонија, цели пет години пред "Дневник", беше "Република" и таа излегуваше 163 дена, се до последниот број кој се печатеше на  фотокопир, со симболички наслов "Слобода на печатот или смрт" познатата Дантонова реченица од Француската Револуција што и денес ја носам во своето срце!
Идејата за раѓањето на “Република“, првиот независен дневен весник во Македонија по ослободувањето, што во 50.000 примероци излезе на Илинден 1991 година, за да продолжи со секојдневен ритам од 8 септември истата година, на денот на референдумот за независноста на Република Македонија, е непосредно поврзана со падот на Берлинскиот Ѕид и Железната завеса во Европа.
Бидејќи во Македонија тогашната политичка номенклатура се правеше како воопшто да не паднал Ѕидот и Завесата и сите медиуми беа строго контролирани, Дантоновата реченица “Слобода на печатот или смрт“ изречена во далечната Француска Револуција изгледаше недостижна за сите слободоумни Македонци.
“Една идеја воопшто не може да биде наречена идеја ако не е опасна“ како што не учи европската класична духовна максима. Опасната идеја за ра÷ањето на првиот независен дневен весник “Република“ помина низ три фази: интимна, политичка и егзекутивна.
Во интимната фаза која започнува во една париска мансарда пролетта 1991 година кога крвавата војна почна да беснее во бившите југословенски простори, која однесе илјадници невини животи и беше подоцна наречена најголем срам на европската цивилизација по Втората светска војна, се разбудив едно утро со мислата на Питер Вајс дека интелектуалците се обично кукавици бидејки одбиваат да бидат актери во историјата. Во исто време на сцената на Националниот театар во Руен градот на Молиер и Корнеј се одвиваа пробите на мојата пиеса “Еригон“ , тоа црно куче што се бори со сета светска историја за да докаже дека треба и тоа да лае во интернационалните кучешки хорови како Canis Lupus Macedonicus. Бидејки тоа беше прва драма од македонски автор поставена  на западно европските сцени и бидејки во проспектот на мекедонската праизведба големото име на нашиот театар Љубиша Георгиевски напиша: “Да се биде Македонец е естетски чин“, добив необични утрински крилја. Одозгора на тоа ми се појави сеќавањето на една реченица изговорена од страна на Владимир Дедиер непосредно по смртта на Јосип Броз Тито на еден официјален ручек во Скопје, во која тој ни рече на група македонски писатели: “Ви Македонци, ви сте били спашени за пет минута! “
Си реков тоа утро, ако во пренаселената балканска историја со геноциди и масовни ликвидации има најмалку пет милениуми цивилизациски арте и леге факти од Македонија, има место за нови пет минути акција за да не се заборави континуитетот на македонските пет минути изразени во последните два века на формирањето на нациите во Европа.
Симболички гледано, пет минути историја е формирањето на историското ВМРО во 1893 година во книжарницата на Иван Хаџи Николов во Солун, пет минути историја се десетте дена на Крушевската Република, пет минути историја е антифашистичката борба и АСНОМ , подоцнежната брутална ликвидација на неговиот прв претседател во монтиран процес, како и на илјадници други жртви на идеолошката тиранија и си реков, и требаат сега на Македонија пет минути слобода на информирањето за да знае која е, што е и како е.
Тука започнува политичката фаза и драматично опасната идеја  за раѓање на првиот независен весник  во Македонија,  од Илинден 1991 до 8 март 1992, токму 218 дена, со 167 дневно отпечатени весници на македонскиот информативен Амаркод што некогаш, некој народен македонски Фелини ќе го пренесе на белото платно од црната историја.
Сите тие 218 дена додека постоеше “Република“, на нејзините страници се излеваа, често пати во сурова форма, сите по воени трауми, во Македонија минуваа безброј понижени, навредени и обесправени лу÷е во нејзините скромни простории, доа÷аат грозоморни вести од отворените фронтови на бившо југословенските крвопролевања, од македонските касарни се уште не беше повлечена ЈНА, се подготвуваа злогласните планови за уште едно бришење на Македонија.
Сите тие 218 дена Македонија се плашеше од самата себе си од една страна, а појавуваше невидена храброст од друга, изразена од првите независни новинари од сите националности кои на лице место почувствуваа, според Наполеновиот кодекс дека “историјата е голема лага и ретки се тие што се осмелуваат да ја оспорат. “
Најубавата дефиниција за “Република“ ја деде еден ноќен чувар кој читајки ги неколку дена по ред вестите за генералот што во кабинетот на Претседателот на Републиката рекол: “До кога ќе излеѓува ова ѓубре“ , до подготовките за атентат на премиерот на експертската влада Никола Кљусев, и до специјалниот извештај од Бутел по повод погребот на министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков ќе рече: “Република“ е како игла за Македонија да си ја закрпи најзината распокината и парам-парче-сторена душа”.
Во мигот кога и во крајно опструираната дистрибуција се докажа дека тиражот рапидно расте бевме исфрлени од државната печатница која зјаеше празна во “Нова Македонија“, бевме прибрани како сираци во печатницата “Просвета“ во Куманово, а последните денови на почетокот на пролетта излегувавме на фотокопирен апарат. Така завршија петте минути на македонската информативна пролет, ние имавме идеја, но немавме капитал, сите големи македонски идеи ја имале како капитал прашината од сандалите на Апостол Павле кој тргна да ја пренесува Цивилизацијата на љубовта во Европа без капитал.
Капитал во Македонија имаше и држвен и приватен. Почна веќе “нов призрак да снове низ Европа“ што големиот француски интелектуалец Жил Мартине го напиша до Советот на Европа во одбрана на “Република“: La classe dirigente se transforme en classe possedante – Класата на комунистичките управувачи, се претвора во класа на поседници на капиталот.
И едно само ќе ве прашам, кој од фундаменталните настани во Македонија е направен  со капитал, и ќе ве прашам уште: Зошто немаше кој да ги плати свеќите на погребот на Крсте Петков Мисирков, автор на книгата “За македонските работи“, балкански лингвистички Моцарт и меѓник на нашето траење?
Третата фаза беше егзекутивна. Ја егзекутираа “Република“. Сакајќи да ја отплачам во угледниот париски “Монд“  го објавив мојот есеј “Народот фантом“, но во Македонија немаше кој да го преобјави зошто не излегуваше “Република“. Се етаблира пост комунистичкиот тоталитаризам и одзеде драгоцени години на македонската европска иднина. Заедно со Форумот за слободна на информирањето организиравме голем протестен митинг на кој дојдоа дури 700 подржувачи на кои тогашниот министер за внатрешни работи ни испрати двапати по толку чувари на јавниот ред и мир. Симеон Гугуловски ја испеа песната “Трба трби“ кај се чуло и видело триилјади на три мина, бидејки како што знаете ние сме народ песнарија. . .
Требаше да поминат повеќе од пет години празен од во кој меѓународните институции пишуваа во нивните анализи за Македонија “живите сили на нацијата се исфрлени од игра“. Подоцна се појавија и други независни весници, независни телевизии, радија и други медиуми за кои имав прилика да зборувам  во моето интервју во Лондонски букселер со познатиот биограф и публицист Херберт Лотман објавено во јануарскиот број, во 2006 година, каде реков дека во Македонија цветаат медиуми, не само на македонски туку и на албански и на турски, на ромски и на други јазици, но нивната ѕвезда на македонското информативно небо како што ја нарече Гоце Дртковски во книгата “Затворено општество“ беше и останува “Република“.
Зад нас остануваа пет минути историја во кои веруваме дека наспроти нашата смртност, Македонија е вечна.
 


Comments


Your comment will be posted after it is approved.


Leave a Reply