Актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ во копродукција со „Сфумато“ театарот од Софија и „НЕТА“ од Љубљана, покажаа извонредна актерска игра која предизвика големи импресии кај публиката.
Јордан Плевнеш кој е авторот на драмскиот текст, рече дека има голема симболика што во тоа што оваа претстава за прв пат се изведува токму во Охрид.
- Одисејата на оваа претстава започна токму вечерва во Охрид со тоа што тој го потврдува епитетот културен центар на цивилизациите и духовната историја. Претставата продолжува на фестивалот „Експонто“ во Букурешт и поголем број други европски метрополи за да во овој загрозен свет покаже дека надежта не е загубена и дека според Кирил и Методиј цивилизацијата на љубовта повторно е можна, истакна Плевнеш.
Режисерот на претставата, Мартин Кочовски вели дека основната порака на претставата е дека треба да и дадеме малку повеќе простор на духовноста.
- Колку сме побогати во духот, толку сме поблиску до Бога и мораме да работиме токму на нашата духовност, а не само да бидеме преокупирани со материјализмот, егзистенцијалните потреби и заслепени со парите. Сметам дека мора да се најде друг општествен систем во светски рамки, наместо капитализам, кој повеќе ќе ги вреднува духовните вредности, а не дотолку да ја истакнува важноста на парите до степен на опсесија, рече Кочовски.
Инаку претставата „Кирил и Методиј: who are you?“ е современа претстава со рефлексија на историска тема во која кризата во денешниот современ свет, дехуманизацијата, гладта за љубов, превласта на парите и импреријализмот умешно се поврзуваат со филозофијата на браќата Кирил и Методиј за обединување и љубов меѓу сите нации.
Превземено од www.ohridnews.com