Од промоторите и пријателите на Плевнеш, како и од него самиот, посетителите можеа да слушнат за неговите дела и искуства и како тие искуства ги вплетува во литературното творештво. Посетителите исто така слушнаа за неговата поезија, неговите драми и романи, за искуствата од театарските сцени каде што се поставени и играни неговите драмски текстови. Даден беше осврт и на играниот филм „Тајната книга“, но и на многубројните документарни телевизиски филмови и портрети на значајни личности од сферата на културата, уметноста и јавниот живот. Посетителите имаа можност да запознаат еден забележителен автор од балканската и меѓународната книжевна сцена, познат по неговото творештво како македонски романсиер, драматург, поет и дипломат.
– Неговото пишување често ги истражува темите на идентитетот, егзилот и метафизичките комплексности на постоењето, како одраз на културните и историските вкрстувања на Балканот. Најпознатиот роман на Плевнеш, „Осмото светско чудо“, е опишан како филозофско патување низ времето и просторот, спојувајќи елементи на митологијата, историјата и надреализмот. Неговите ликови често живеат во лиминални простори, и географски и духовно, пресликувајќи ги сопствените искуства на Плевнеш како личност вкоренета на едно место, но интелектуално и уметнички номадски.
Гласот на Плевнеш како писател е лирски и интензивен, со поетски стил што ги спојува егзистенцијалните прашања со секојдневниот живот на неговите ликови. Неговиот јазик често е симболичен, слоевит со референци за балканскиот фолклор, античката историја и европските книжевни традиции, кои придонесуваат за богатиот безвременски квалитет на неговите дела – беше кажано на настанот.
Јордан Плевнеш е еден од најзначајните современи македонски драмски автори. Неговите драми се преведени и играни во голем број театри во земјата, регионот и пошироко во Европа и светот. Тој е долгогодишен претседател на ИТФ „Актерот на Европа“, претседател на „Фестивалите на кинематографиите на Југоисточна Европа“ во Париз и Берлин, претседател на интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот, амбасадор на Република Македонија во Франција, Шпанија и во Португалија. Тој e поет, драматург и романсиер. Драмите на Плевнеш се објавувани и изведувани во над триесетина земји во светот. Пишува на македонски и на француски јазик, а преведува од српскохрватски, грчки и од француски јазик. Прва негова публикувана книга е збирката поезија „Теорија на отровот“, објавена во 1980 г., по што следуваат драмите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“, „Подземна република“, „Безбог“, „Среќата е нова идеја во Европа“, „Последниот ден на Мисирков“, „Глобална комедија“ и други. Романот „Осмото светско чудо“ е негов прв роман, објавен 2005 година.
RSS Feed