
Утрински Весник
Сунчица Уневска
„Вечна куќа“, претставата со која на 7 декември ќе се отвори новата зграда на Стариот театар, е приказна за луѓето и за времињата, тоа е приказна за опстојувањето и за изминувањето на времето. Зошто „Вечна куќа“?
- Во поднасловот на драмата има една мантра која беше многу ослободувачка за мене во текот на пишувањето. Таа мантра гласи: „Трагедија + време = комедија“. Се работи за куќа изградена на брегот на Вардар во 1492 година од семејството Бенвениста, кое стигнало на Балканот непосредно пред прогонот на 500.000 Евреи од Иберискиот Полуостров во време на императорката Изабела Католичката. Во таа одисеја од пред пет века се појавуваат голем број реални и историски фантоми, но центарот на драмското дејство е Стела Бенвениста, која како десетгодишно девојче е прогонета за време на Втората светска војна, а се враќа од Ерусалим како старица за да ја земе во владение својата родна куќа. Таа куќа станува имотноправен проблем во кој се замешуваат уште стотина сопственици, со тоа што секој од нив има аргумент за да ја докаже сопственоста. Во таа смисла, колку што „Вечна куќа“ е метафора за Македонија, толку е метафора и за цела планета.
- Има речиси 12 години откако во една од архивите на Фондацијата „Гулбенкијан“ го пронајдов цртежот на куќа крај Вардар оставен од потомците на семејството Бенвениста и нивните дневнички записи. Тогаш не сонував дека во Македонија ќе се гради театар на местото на Стариот театар, урнат по скопскиот земјотрес. Цртежот од Лисабон го носев како најскапоцен аманет за еден чеховски сон, дека еден ден ќе напишам драма за три женски лика во која централно место ќе има таа куќа. По изведбата на моите драми на сите пет континенти и на многу јазици, со драмата „Вечна куќа“ се случуваше нешто многу чудно. Ја пишував долги години и не сакав да ја завршам. Кога се објави анонимниот конкурс на Министерството за култура за драмски текст со кој ќе биде отворен новиот театар, решив да го завршам во последен миг и го предадов последниот ден, во последната минута. Се' друго е апсолутна случајност.
Вашата хероина во барањето на својата куќа ќе ја најде целата смисла на своето постоење. Куќата - тоа е она место каде што припаѓате, но кое може да е двојно, како физичка припадност, но и како припадност во срцето. Како Вие ја замисливте симболиката на куќата?
- Бидејќи хероината Стела Бенвениста била прогонета од куќата, а трагата на нејзините родители, заедно со браќата и сестрите се губи во пепелта на Треблинка, таа останува со единственото наследство кое и' го дал татко и': врзоп со 100 клуча, со кои може да влезе во сите симболички одаи. Во таа смисла, секаде каде што патував низ светот, сите згради што ги гледав, си мислев дека можат да бидат куќата на Стела Бенвениста, слично на записите на Данте Алигиери, кој цел живот бил прогонет од својата Фиренца, но не го спречило тоа да напише дека „Сите неба на светот ќе ги гледам како да се небо над Фиренца“.
Што се случувало на тоа место пред 3.000 години, што се случувало низ историјата, што се случува сега? Што значи за Вас таа патина и тој дух содржан во тоа место, колку е тоа важно за да ја црпиме силата?
- Античкиот принцип на античките трагичари, чии духовни траги и црни камени плочки на кои пишувале и кои се' уште се присутни низ големиот број македонски откопани и неоткопани театри, гласел вака: „Уметноста му е должна на секој човек посебно“. На европските и американски универзитети, каде што предавав креативно пишување, студентите ме нарекуваа „безвремениот професор“. Имено, тие во интензитетот на мојот обид да објаснам еден стих на Есхил или една реченица на Бекет гледаа интервал од најмалку 3.000 години, што се слева во единство со мојот скромен напор да ја пронајдам безвремената рамка на драмското пишување. Со други зборови, нашата сила да живееме е слична на Богомилскиот апокриф: „Сегашноста е тука, иднината е непозната, најнепредвидливо е минатото“.
Зборувавте за цртежот на куќата во Фондацијата во Лисабон. Неверојатно е како приказните се распространети на различни страни на светот, за потоа уште побогати да се вратат на истото место. Какво е чувството кога она што го барате за својата земја го наоѓате на некој друг крај на светот, а кое по некои мистериозни патишта повторно се преоткрива токму пред Вас?
- Демографите велат дека за дваесетина години на планетата ќе живеат околу 9 милијарди луѓе. Приказните помножени со соништата на сите живи битија завршуваат во недоброј. Тоа е слично на „Книгата на песокта“ на Хорхе Луис Борхес, што моите синови Константин и Илија ми ја подарија за мојот прв роденден по нашето преселување од Скопје во Париз во 1988 година. Таму пишуваше дека секое зрно песок во својот бескрај ја носи драмата на смртниот човек во бескрајот. Борхес вели: „Единствено нешто што останува бесмртно е човештвото“. Затоа приказните што ги откривав поврзани со Македонија, независно дали во светските библиотеки или во анонимните судбини, секогаш беа за мене интимна ренесанса дека ако јас не ги запишам, никој и никогаш нема да ги дознае. Дали се случува во Рио де Жанеиро, во Париз или во мојата родна Слоештица во југозападна Македонија, приказната е основа на човечката меморија. Неодамна францускиот филозоф Мишел Сер рече: „Замислете, Европската унија е започната од заедница за челик и јаглен, сега во Европа нема ни челик ни јаглен, единствено живи се приказните за јазичките мемории на Стариот континент“.
Тотален театар, тоа е театар што го раскажува целиот свет? Можно ли е тоа?
- Во мојата книжевна младост во Мадрид имав ретка можност да бидам гостин во домот на светскиот поет и шпански нобеловец Винсенте Алеиксандре. Интервјуто со него го објавив во тогашна „Нова Македонија“. Се сеќавам како да беше вчера, тој ми велеше: „Јас пишувам тотална поезија. Сакам сиот свет да биде претворен во поезија во секоја моја песна“. Потајно сонував да напишам една единствена пиеса во која ќе биде сиот свет претворен во театар и, еве, требаше да наполнам 60 години за да ја напишам „Вечна куќа“. По премиерата, ќе утврдиме дали сум успеал во таа намера.
Триесет години немаше праизведба на Ваша драма во МНТ, но, сега, на почетокот на неговото ново патување, заедно ја испишувате историјата. Што значи за Вас ова „спектакуларно“ враќање во „вечната куќа“, онаму каде што со целото срце припаѓате?
- Поминаа речиси 30 години од мојата единствена праизведба во МНТ на претставата „Мацедонише цуштенде“, во режија на Љубиша Георгиевски. Во 1999 година, Владо Цветановски ја постави „Еригон“. Пред и по тоа, јас бев автор на Драмски и на Битолски театар, како и на театрите во внатрешноста на Македонија, а по моето заминување во Париз, театарски дом ми стана и Франција, и Европа и светот. Можеби причините за спектакуларното враќање треба да се бараат, како што и самата рековте, 3.000 години пред овој чин или 3.000 години по него. Европската ренесанса во новата зграда на МНТ е можеби и одраз на копнежот на сите македонски идеалисти, од гемиџиите до Рацин, дека и Македонија има право да биде дел од сонот за светот како „Вечна куќа“.