Меѓу илјадниците почитувачи на Жак Ширак (1932-2019) најсаканиот претседател во историјата на Француската република заедно со генералот Шарл де Гол, што овие денови масовно поминуваа за да се запишат во книгата на жалоста во Елисејската Палата, на популарниот собир на Плоштадот на Инвалидите и во Катедралната црква Сен Сулпис имаше претставници од сите етнички и духовни заедници од сите континенти и култури. Претседателот Жак Ширак беше познат како универзалист, што со подеднаква љубов ги внесуваше во француската културна реалност и големите имиња на руската литература и вредностите на јапонската меморија, и големите имиња на кинеското сликарство, и посебно на африканската примитивна уметност, за да докаже дека Западната цивилизација може да учи од сите овие форми на Вечноста што ја обележува светската уметничка стварност. Имаше и бројни претставници на македонската заедница во Франција од повеќе генерациии. Како што е познато, од времето на Балканските војни и Првата светска војна до денес, поголем број, во различни бранови на македонската емиграција стануваат дел на француската социјална и општествена реалност не само во Париз туку и во сите поголеми француски градови како што се Марсеј, Лион, Лил, Руан, Нант и други. Еден мал куриозитет за кој пишуваше и професорот Божидар Настев во неговата книга „Македонија во делата на француските писатели“ и, го раскажуваше легендарниот астрофизичар Паскал Сотировски, што целиот свој век го помина како специјалист за животот и смртта на Сонцето, еден од најпознатите квартови во срцето на Париз се уште се вика La petite Macedoine и La petite Salonique, во слава на многубројните македонски Евреи - Сефарди кои своето место под Сонцето го бараа во Градот на Светлината.
Во декември 1991 на насловна страна на тогашниот прв независен дневен весник во Република Македонија „Република“, кога се појави портретот на Жак Ширак, тој стана симбол на надежите на Македонците во Европа и насекаде во светот дека новите историски ветрови, по падот на Берлинскиот ѕид, ќе придонесат и за остварување на македонскиот сон во Пролетта на народите во Европа.
Од тогаш следуваше една бурна хронологија на историјата и на нашите средби.
Пролетта 1995 Жак Ширак беше избран за Претседател на Француската република и тоа беше општа радост за голем број на сонувачи за Балканска Европа по периодот на претходниот претседател Франсоа Митеран кој никогаш не се ангажираше за излез од мрачната спирала на историскиот амбис создаден со распаѓањето на Југославија.
Неколку месеци по доаѓањето на Ширак на чело на Француската република, во октомври 1995 претседателот Глигоров беше жртва на разорен атентат кој и до денес не е расветлен, но неговиот француски колега испрати специјален авион со француски специјалисти кои беа присутни на операциите, се грижеа за неговото здравје сите години потоа.
Претседателот Ширак беше иницијатор и заедно со претседателот Глигоров ја отворија досега најголемата културна манифестација во нашата нова историја: Мај 1999 - Средновековните трезори на Република Македонија во Музејот на средновековната уметност - Клини, каде што македонските икони, во три месеци, на самото поврзување на двата најголеми париски булевари Сен Мишел и Сен Жермен, ги видоа 183 илјади посетители!
Ниеден друг европски и светски претседател не неправил поголем чин во нашата нова историја!!!
Кон средината на јуни 2000 година, Владата на Република Македонија ме именува за вонреден и ополномошен амбасадор во Република Франција. На свеченото предавање на акредитивите од тогашниот претседател Борис Трајковски се случи многу необичен чин. Вообичаеното кратко време за формалниот дипломатски чин се претвори во повторна средба на некогашниот градоначаник на Париз и драматрургот од „Силвија Монфорт“ во која претседателот Ширак се интересираше за многу теми кои од политичката поминаа во духовната сфера, и голем број на прашања од книгата на Никола Бувие „Употребата на светот“ токму во Македонија ја пронајдоа својата дефиниција дека Македондија е доказ дека „Балаканот е срцето на Европа“. За многу кратко време, во почетокот на март 2001 година, претседателот Трајковски беше поканет во официајалана посета на Франција со поголем број соработници од економската, културната и научната сфера од кои позната е заедничката изјава на двајцата претседатели на перонот на Елисејската палата, во која, во соработка со неговата минисгерка за европски прашања Катрин Колона беше формулирана бесмртна реченица, која произлегува од принципите на Француската револуција: „Македонија е една, единствена и неделива!“
Истата таа година Македонија влезе во драматични премережја кои резултираа со Охридскиот рамковен договор, но будното око на претседателотд Ширак кон европската интеграција на балканските земји не престана и во 2002 година кога со Амбасадата ја оргинизиравме Свечената академија „100 години на излегувањето на првиот македонски франкофонски весник во Париз „Македонско дивижење“. По тој повод беше организирана специјална програма во која на парискиот булевар „Распај бр. 206“ беше поставено мермерното обележје со текст кој што гласеше: „Овде пред 100 г. излегувааше првиот весник на македонската франкофонска ителигенција кој го предвести рамноправниот влез на македонскиот народ во заедничката европска фамилија“. На свеченоста се обратија Бутрос Бутрос Гали, поранешен гГенерален секратар на ОН и актуелен генерален секретар на Интеранционалната организација на Франкофонијата и поранешниот мнинистер за правда Роберт Бадинтер, кои низ цитирање на 20-тина ревии на македонската интелигенција, објавувани во Женева, Лион, Лозана, Марсеј крунисаа една долга национално-полчитичка одисеја на најобесправениот народ на Балканот. На самитот на Франкофонијата во Бејрут во 2003 г. претседателот Ширак ја поздрави иницијативата на француската институција Documentation Francaise објавувањето на книгата Франкофонските хоризонти на Балканот во која беа застапени многу значајни имиња на македонската литература и култура како неприкосновено обележје на македонскиот индентитет. Во исто време со овациите во Генаралното собрание на ООН, со говорот на Доминк Де Вилпен, во Македонија беше објавена книгата на Вилпен „Здивот на Европа“, во издание на издавачката куќа „Слово“, во која што заложбите на Ширак против војната во Ирак добија едно ехо на релацијата Европа-Балкан. Неговите заложби за еден мултиполарен свет беа споделени со прогресисвната и визионерска интелигенција, за тоа дека планетата не може да биде управувана само од еден центар на моќ и дека дијалаогот на цивилизациите може единствено да ја одреди иднината на светот. На последниот Самит на франкофонските земји 2004 г. во главниот град на Бурукина Фасо, Уагадугу, претседателот Ширак, со големи симпатии го поздрави проектот на францускиот писател Денис Тилинак дека токму во Македонија треба да биде организирана меѓународна манифестација „Денови на меѓународната Франкофонија“ која што се одржа со десетина истакнати личности од областа на литературата, филмот и сликарството и кои што ја пренесоа позицијата на Македонија како вистинска европска лабораторија на почитувањето на културните разлики. Религиозната толеранција и коегзистенција и универзализмот како принцип што може да биде гаранциаја на светската глобална слика на духовните и националните идентитети, чија што филозофија беше применета и во Музејот на кејот Бранли во Париз, што го носи името на претседателот Ширак. Капиталната книга „Тиранија и мудрост“ од Александар Кожеф, кого го нарекуваа претседател на крајот на филозофијата, објавена во педесетите години во париски „Галимар“ може денес да биде обележје на светската заедница на народите на глобалната сцена за која илјадниците посетители на последното збогување со Жак Ширак ја овековечија неговата фигура во светскиот хуманистички Пантеон.
Заедно со мојата сопруга Лилјана, на францускиот претседател и на неговата сопруга Бернадет Ширак, на крајот на нашиот дипломатски мандат им ја подаривме книгата „Албер Кан и Македонија 1913“ , чии што изложби ги организиравме во истоимениот музеј во Париз и во Нормандија. Во неговиот одговор ги прочитавме неверојатно длабоките зборови на претседателот-универзалист, дека од „Планетарните архиви“ на Алберт Кан, секогаш во неговото срце ќе постои зборот Македонија!
Со чувство на доблест, почит и незаборав Македонија може да му се оддолжи на овој голем светски државник и редок и единствен почитувач на нејзиниот идентит и историја со именување на една улица со неговото име во Скопје.