При мојот недоамнешен пресој во Шангај, за време на Фестивалот на краток игран филм на Југоисточна Европа, во рамките на проектот 16 +1, заедно со црногорскиот режисер Андро Мартиновиќ, а со помош на Паскал Делпеш, директорка на Француската алијанса во Шангај и преведувачка на Данило Киш и Иво Андриќ, ја откривме црквата „Св. Тихон Задонски“ во која две децении од својот живот поминал Свети Јован Шангајски (1896-1966). Овој светец е еден од најголемите исцелители на модерните времиња и неговиот живот е исполнет со недоброј чуда, од неговата родна Русија и бегството за време на Октомвриската револуција, како и неговото патешествие по сите континенти, почнувајќи од Балканот, (Белград, Битола и Охрид) преку Кина и Париз, завршувајќи го својот босоног поход до божјата вечност во 1966 година во Сан Франциско. Да се открие црквата во која Св. Јован Шангајски се грижел за 4000 сирачиња, помеѓу двете светски војни, во овој град што сега станува прва метропола на глобалната иконографија, само по себе е чудо, но вистинското книжевно чудо се случи на мојата средба со повеќе кинески балканолози и слависти! Имено, еден од нив, Јанг Ли, ми се обрати со молба да му испратам поголем број текстови од младиот македонски поет Љупчо Сивески, кој беше застапен во последната Антологија на современата македонска поезија објавена во Пекинг, приредена на крајот на осумдесеттите години од академик Гане Тодоровски, бидејќи во антологијата имало само две негови песни.
Причината поради која кинескиот балканолог ги побара песните на Сивески, е според неговите зборови, тоа што „иако овој автор живеел само дваесет години, ми изгледа и ми звучи дури и на кинески, како светец на македонскиот книжевен иделализам“. Деновиве ја најдов книгата Тестамент, што за тогашната издавачка куќа Мисла ја поготвивме заедно со Петре М. Андреевски, летото 1981 година, непосредно по неговата смрт на 18 јули во сообраќајна несреќа, во местото наречено Светец, помеѓу Демир Хисар и Крушево и погребот во неговата родна Слојштица.
Петре М. Андреевски со својата позната прецизност и перфекција, ги дешифрираше неговите ракописи од неговите студентски соби во Белград, кадешто студираше Светска книжевност и во Скопје кадешто беше запишан на Историја на јужнословенска книжевност, а јас го пишував опсежниот предговор со наслов „Испеана смрт“. Љупчо Сивески беше заљубен во поезијата на истотака прерано починатиот поет Наум Манивилов-Преспански (1934-1961) и стиховите на Петре М. Андреевски, посветени на подземниот градинар:
„Кој скријан, која Македонија ти се врти во слухот блажен
Ја измени ли водата низ тебе што тече
Кој то беше зборот што неуспеа да го кажеш
Подземен градинару со смртта што се лечиш“
Подготвувајќи ги текстовите што скенирани треба да патуваат во Кина, всушност ја откив големата тежина на конфучијанската дефиниција на Јанг Ли, која што може да биде илустрирана со сите песни во Тестамент и во записите во проза, кои се чувстуваат како да се напишани денес, иако поминаа речиси четири децении од нивното создавање. Насловната песна на книгата Тестамент има животворна сила да не увери дека поезијата не познава јазичи духовни и историски граници.
ТЕСТАМЕНТ
Јас!
Квазимодо,
ѕвонарот на црквата Св. Богородица
од село Слојштица, домот господов
загинав невиден од никого
откако си го ископав својот гроб
Димов Рид на нивата Јоноска.
Сега ви пишувам по теминца
и си мислам:
Што ли им оставам на моите сирачиња?!
Добри луѓе што ќе го чуете мојот Говор
(што ќе помине низ вашите заголнати уши)
и што ќе го видите мојот лик
врз огледалата со кои си ја довикувате
заблудата,
Ве преколнувам во името што го немате!
Пренесете го во мојот сакат дом
заветот што по туѓи ветрови го праќам
место наследство за децата
кои се уште го слушаат ехото
на тешкиот звук на мојата камбана
како задоцнет плач на планините.
-Детулиња мои отсега и натаму
барајте го лебот и татковината
гонејќи го во бескрајот
звукот на сите камбани.
22 март 1981 год.
Студ.дом „Гоце Делчев“ – Скопје
(На денот на светите Четириесет маченици – младенци од Сев.)
ПОСЛЕДНОТО ПИСМО ДО НАРОДОТ ОД КРСТЕ МИСИРКОВ
И ако не собрав доволно сила да им го откријам
на другите Твоето име
Ако не стигнав да се опаметам пред да се збогувам
со тебе
И ако не го видов големиот пород што го растев во
утробата
си одам со надеж дека ќе се оствари твојата
преписка со Времето
А ако пепел се престори тоа што ти го давам,
побарај ме во своето невреме
со прастар меч од твојот темел што ќе го откопаш
и во поход по сопствената историја да се вдадеме . . .
„Моето време — пишува тој, е помножено со нула. И затоа без него останувам. А за да не заостанам зад него или да не избрзам пред него, потребно е да се помножам и јас со бескрајниот број, со смртта“. Што значи тоа?
Роберт Грејвс (1895 -1985), поетот од ирско—шкотско —данско—германско потекло, „пишува поезија наменета за поети“. Во својата песна Да се оживеат мртвите тој порачува:
Да се оживеат мртвите не треба многу маѓија
Малку се потполно мртви
Дувни во жарот на мртовецот
И жив пламен ќе светне
...
Стави го перото на неговиот ракопис
Додека со истата природност
не го потпишеш него, како себе си.
Во овој сооднос можеби се крие нашата потреба да зборуваме со неговите мртви мигрени, додека ги читаме неговите размисли за Слојштица и Јозеф К., и змијата под каменот на кого седат неговите живи соговорници, неговото постојано чувство на самозаштита во „минското поле“ на зборовите.
Носејќи ја македонската книжевна стварност како прв и единствен аманет во своето бегство тој ќе ги бара синорите на својата замислена постојбина, тој нема да ги дели животните и книжевните знаци, зашто тој не знае кај оди и зашто сака да и противречи дури и на самата историја, нарекувајќи ја „курва што мижи". „Биди утеха или гроб за зборот што не разболе, се обраќа тој до тие што остануваат. Тој ја повлекува таа црна црта на зборот и заклучува: „Не можам да си објаснам како и зошто на животот му се понудив како жртва за ништо!"
*
Фаталната закономерност на иронијата сакаше да се совпаднат две пресудни индивидуални поетски драми во ист ден на студената календарска механика. Љупчо Сивески загина на 18 јули, на денот на раѓањето на Наум Манивилов — Преспански.
За да се собере книгата „Тестамент" се бараа ракописи во Слојштица, во Демир Хисар, во домот на неговите родители, чие што благородие и достоинство се исто толку бескрајни и топли, колку душата на нивниот вознесен син. Потоа се одеше по одаите низ Белград и Скопје каде се симнуваа од ѕидовите неговите цртежи и размножени распетија, неговите соништа раскажани низ линии, во кои секој миг на стравот и пркосот ја добиваше својата заокружена и закатанета енигма. Се чекаа писмата од неговите девојки. Се претресуваа приватните студентски архиви на театарската работилница „Неверни години". Се збираше се што беше раздадено во неговиот ведар и про- зрачен Дуовден, зашто тој самиот се даруваше, раздаваше за душа, не знаејќи што значи ни зол чекор, ни зла мисла, ни злословие.
Беа веќе поминати првите денови од закопот, спроти Илинден, летото 1981, на полноќ, во неговиот дом во Демир Хисар, додека мислевме како земјата го впива неговиот лик, како жедна аждаја и како му капеа росите од зрелите плодови, на неговата вечна стража на Слојштичката порта, каде што тече Бела река, во сонот што му продолжува, токму на полноќ паднаа книгиге од ѕидот над нас и се појавија нови хартии пишувани непосредно пред денот на смртта: Песната се вика: Збогум погубителу!
Пред силата на која Еурека, сега треба да коленичиме и што може да не разубеди во стварноста на чинот и во идентификацијата на Губилиштето: „Да се умира и да се пее!“.
Љупчо Сивески се збогува со својот погубител кој дојде по него веќе следниот ден и ни ги завешта зборовите на една поезија која ќе се обновува во времето што доаѓа како профетски занес, како литургија на животното ингениозно претчувство.
Збогум мој погубителу оној суден ден
кога сета твоја сила ќе се претвори во ангел
тогаш земи ме и заедно ќе одлетаме онаму
каде што напишано нема да биде
дека требало јас да престојувам
спокоен а буден
ко црнката во окото на волкот
Зборувајќи за тоа дека оној што пишува мора да ја чувствува традицијата во коските, од Хомер па наваму, познатиот латино-американски писател Карлос Фуентес неодамна рече: Постојат луѓе кои брзо го виделе крајот. Кога првпат ќе го видите чувствувате дека некои работи морате да ги спасите. Смртта е голем ангел на пишувањето. Морате да пишувате, бидејќи никогаш повеќе нема да живеете.
Ако песната Тестамент беше самоанализа на искушението, загатнатиот вовед во она што доаѓа, Збогум погубителу е скаменета и пеколно жива проштална закана од вечно младиот македонски автор Љупчо Сивески, негово отворено обраќање до иднината, која што тој ја воспеа и презре низ зборовите: Поетите не знаат за смрт!
*
Благодарение на кинескиот балканолог и на неговата желба да прочита се што има и нема напишано Љупчо Сивески, а следејќи ги неизбришливите духовни траги на Конфучиј, дека духот е толку силен што може во едно деноноќие да го пресоздаде светот, му испратив и два текста кои се пишувани во два различни историски периоди. Едниот е пишуван пред крвавото распаѓање на Југославија, а вториот пролетта 2011 година, 30 години по неговата смрт.
Петре М. Андреевски се враќа од Кина
Некаде околу Орвеловата година 1984
Едно од најголемите имиња на македонската литература
Петре М. Андреевски
Со кого имам чест да бидам роден во исто село Слојштица
Се врати од Кина и ми донесе два камени печати
На едниот беше името на нашето село
А на другиот моето име
Еве ја приказната на Петре М. Андреевски:
Бидејки на Балканот не можеме да се разбереме,
Кој што е, и кој од каде е
Кога го изговорив името Слој-шти-ца
Пред каменорезачот на кинеската азбука,
Тој како да се сепна и така од срце се насмеа
Што преведувачот едвај успеа да ми преведе до крај
Слој-шти-ца е место што се споменува
Во средновековен кинески анонимен роман:
Шиу-цуан што значи: на Работ на водата
За кого над 1000 години никој не може да открие
Од каде е, и како е можно од секој еден збор
Да се раѓаат илјадници други
Формирајќи едно раскажувачко чудо од гранки, до небото
Што ни дотогаш, ни оттогаш не е познато во Кина.
Јас си помислив да не е случајно грешка во изговорот,
вели Петре,
Но тој тврдеше дека не е.
Јас му раскажав за едно семејство од Слојштица
Што со векови ги викаа Китајците
Ѓаволот ни ора ни копа туку пишува анонимни романи
Како што е случајот со приказната
Кога му се родил татко на Итар Пејо
И по една тиквина дршка,
тргнал дури до небото да го бара татка си
Можеби таа приказна стигнала од Балканот дури до Кина
Затоа чувај го печатот, ми рече Петре
Ти ќе дочекаш
Можеби Кина е единственото решение за
Балканското прашање
Како што стојат работите
Јас ќе морам печатот да му го предадам на син му
Сергеј Андреевски
Или пак на моите синови: Константин и Илија
За секој случај,
Чекајќи на кинескиот одговор на Балканското Прашање
Во вториот текст веќе се чувствува историската резигнација на една геополитичка форма на царувањето на бесмислата на интерконтиненталната интелектуална сцена, за која Хајнер Милер, прославениот автор на Хамлет машина, го објасни во својот тестаментален текст, неколку месеци пред неговата смрт: Некои велат дека Утопијата не постои и дека е умрена засекогаш. Јас пак си велам дека можеби таа дефиниција е пресурова за да биде вистинита и се сеќавам на кинеската прастара мудрост во која Утопијата или идеализмот биле присутни на тотално неочекувнаи места кадешто се движи Човештвото индивидуално и колективно. Никогаш не верувајте дека Утопијата е умрена, бидејќи ако се појави Непознат човек на една улица од било кој град на глобалната сцена и ако праша во кој правец треба да се движи по две свртувања во лево и три свртувања во десно, насмиот агол од новата авенија на светската историја може да се појави сосема неочекувано нов идеализам дека Човештвото сепак ќе биде спасено.
Македонскиот идеализам
Софокле вели
Најдобро од се е да не се родиш
А кај Вилијам Батлер Јејтс има еден стих
“Студено око фрли на животот и на смртта,
Коњанику замини”.
Си мислам драги Љупче Сивески (1961-1981)
многу подобро е што ти не виде ништо
од она што сите мислевме
дека е Големо нешто.
пролетта 2011
на гробиштата во Слојштица
Јордан Плевнеш
(Уби поезија, иби патрија)
*
Кога тргнаа скенираните текстови на Љупчо Сивески, спроти Илинден 2019, меѓу Македонија и Кина, меѓу сонот и јавето го видов чудотворецот Св. Јован Шангајски со бескрајната прегратка меѓу Шангај и Сан Франциско, во истиот град каде Андре Малро го пишуваше романот Човечката судбина, како ги упатува неговите зборови во Интернационална молитва за Цивилизацијата на љубовта и Носталгијата по единството: Господе голем, та најголем спаси ја Човечката надеж од меѓународната перверзија на политичкиот криминал, од тиранијата на баналноста и трите ледени брега кон кои плови планетата како Титаник - Социјалниот, Еколошкиот и Нуклеарниот!
Чудотворната синтеза на отритието на црквата на Св. Јован Шангајски и книгата Тестамент на вечниот мадич на македонската книжевност е скромен прилог во интернационалните архиви на бесмртноста на идеалите и духовната ризница.