ХРОНОЛОГИЈА на Јордан Плевнеш
1953. Роден е на 29 октомври како второ дете (постариот брат Љубе е роден 1949, а помладиот Владо 1959) во љубовното гнездо на Симе Цветановски – Плевнеш, сирак, дрвар и борец меѓу Солунскиот и Сремскиот фронт и Трајанка Николова Кочовска, ткајачка, везачка и месачка во село Слоештица, Југозападна Македонија кое се наоѓа на половина пат меѓу Цариград и Рим во непосредна близина на Виа Игнација, село со многу води под Црни Врв на Илинска Планина, во кое секоја куќа има приватна река, село на прекар викано “Демирхисарска Венеција”. По таткова линија потомок е на Цветан Плевнеш, градинар во Галата сарај во самиот почеток на Дваесеттиот век кога македонските анархисти копаат тунел под Отоман Банката мислејќи дека со крвава пот ќе ја поткопаат империјата и дека со илузии ќе ги постават темелите на самостојна Македонија. По мајчина линија потомок е на Илија Кочовски, надалеку прочуен народен раскажувач кој не знаеше да пишува но остави десет усни томови во институтот за фолклор во Скопје бидејќи веруваше дека: “се друго умира на светот, внучко, само приказната не и ако земиш со голо око гледана и Македонија не е ништо друго, само една бескрајна приказна!”
1958. Семејството се преселува во Демир Хисар кој во тоа време е познат како една од најсиромашните и најмалите општини со најголема Душевна болница по ослободувањето во Републиката и со најголем број учени луѓе по квадратен километар и по глава на жител.
1957-1967. Тоа се годините покрај Црна Река или позната уште како Еригон во времето на Хомер , Александар Македонски и Римската империја . Семејството сади по 100.000 корени тутун годишно “колку за еден касај леб” но во исто време откривањето на многу гласното пеење ги полива детските соништа покрај митската река: Од левиот брег на Црна со недооткопаниот антички град Брианион, а од десниот брег со средновековните манастири чии ракописи се чуваат денес во Москва, Виена, Болоња, Кaркасон познати како книжевни жанри: Писмовници, Апостоли, Тајни Книги ...
Од тогашниот современ “уметнички живот” незаборавни траги во детството оставаат концертите на Оркестарот на Душевната болница составен од болни од цела Македонија кои обично свират на државни празници на гајди, кавали, тапани, виолини и писки од сламена трска бришејќи ги границите на тие што се “внатре” и тие што се “надвор”.
Во тоа време Франц Кафка се уште не е преведен на демирхисарски јазик, но гледано од денешен аспект има три ликови од тогашен Демир Хисар кои би можеле да излезат од некое негово ненапишано дело: Првиот е Петре Гизус, деведесет годишен старец кој без пасош ја напушта Отоманската империја и се враќа по тридецениско странствување so дванаесет жигови втиснати на гола кожа од дванаесет различни држави во кои влегол и излегол жив. Секоја пролет, самотната куќарка во која ги поминува своите последни денови ја варосува во различни бои и пред цвеќињата и пред децата ја изговара прекрасната реченица, чиста литература: “Едно секогаш треба да имате на ум, судбината не е државна туку секогаш приватна работа”. Вториот е Атанас Трајковски – Стахан , еден од најхрабрите борци во Втората светска војна во Македонија за чие херојство се слушнало дури до Москва , кој се повлекува од јавниот живот и тајно во разговор само со себе си во долгите прошетки крај Црна Река секогаш во беспрекорно бела кошула си признава : “Едно е да се бориш за слобода, а друго е да гледаш кој владее во нејзино име”. Третиот е Левко Џамбазовски, најмладиот политички затвореник за Автономна Македонија после Војната кој првпат пред децата од крај Црна Река зборува за директниот разговор меѓу Господ и Ајнштајн во Пасадена, за ангелите во германскиот експресионизам и за клучните точки во македонската тајна. Тој толку не доближува до љубовта кон светот, што ние мислевме дека Македонија постои само еднаш годишно на Света Петка во Жван, во неговата приватна библиотека!
1968. Го завршува основното осумгодишно училиште “Гоце Делчев” во Демир Хисар. Бурните светски и европски настани на годината Шеесет и осма оставаат неизбришливи траги кои од Париз и Њујорк преку Берлин а особено преку Прага стигнуваат дури и до заборавените македонски села. Демирхисарскиот прилог кон оваа важна година на Дваесеттиот век е покренувањето на литературното списание “Изгрев” од страна на еден круг млади интелектуалци меѓу кои Тале Сотировски, Љубе Цветановски, Наќе Стојановски, Лена Поповска, Живко Пауновски, Атанас Тасевски кои со неколкуте броја растурени низ целата република ќе предизвикаат сериозни реакции меѓу органите за прогон и државна безбедност. Благодарение на “Изгрев” тогаш петнаесет годишниот Јордан Плевнеш ќе ја прочита познатата мисла од париските барикади “Да бидеме реалисти, да го бараме невозможното”!
На ден Голема Богородица, истата година, од Слојштица која го слави празникот на Мајката Божја во шарена, дрвена кола со чифт – коњска запрега тргнува за Битола, за да го продолжи школувањето.
1968-1972. Дека селаните не се народ за фрлање, докажува и следната интелигентна да не речам урби и орби поговорка: “Од Слојштица можеш да стигнеш до Вечноста, но мораш да преминеш преку Битола”. Во Битола се запишува во гимназијата “Браќа Миладиновци” и во Битолскиот археолошки, историски, цивилизациски, архитектонски и духовен пејзаж започнува да го открива светот :
Во античкиот театар на Хераклеја оснивана од Филип Втори, таткото на Александар Македонски во четвртиот век пред новата ера ги открива имињата на фамилиите напишани на мермерните седишта кои му докажуваат дека целиот свет и Македонија во него е всушност едно единствено гледалиште во кое се одвива крвавиот театар на Историјата. Одделни разговори во ова време води со три познати глави од тој период: Главата на античкиот поет Есхин што денес се чува во Бритиш музејот во Лондон, Главата на Менандар (343 – 299 г. Пр.н.е.) од која еден дел е пронајден во Хераклеја, а другиот во Александрија и Трагичната маска од времето на Теспис низ која се изговарале познатите зборови на Есхил: Смртта победена само од убавината ќе биде!
Во записите на еден еврејски хроничар во почетокот на XVI век по име Абрахам Бен Лев ќе ги открие римските, византиските и отоманските митски јадра кои неизлечиво ќе ја интернационализираат неговаат младост во Битола: Дали Цицерон прогонет од Рим во Солун поминува преку Битола, дали Солунскиот крал Бонифациј Монферет во 1204 на својата љубена, фламанската принцеза Ана и го покажува петолинскиот цут на пелистерските молики, дали меѓу прогонетите евреи - сефарди од Шпанија од страна на Изабела, Католичката во 1492 година се наоѓа и Естреја Авероес, соло – пејачка која од Севилја и Толедо преку Цариград, Солун и Битола ја пренесувала арабо – андалузиската илузија дека светот,сепак,утре ќе биде поубав, дали меѓу дервишто - трубадури што доаѓале од Анатолија според персиските и арапските извори не се велело за Битола дека е тоа град – “куќа на боговите”?
Модерниот период е покриен со Театарот во Битола. Имено, кога во 1905 година младотурскиот офицер Абдул Керим Паша на местото на муслиманските гробишта одлучува да подигне една од најубавите италијански сцени на Балканот воопшто не може да претпостави дека еден безимен комунистички властодржец осумдесет години подоцна ќе го претвори во пепел тој театар за да направи паркинг. Во тој битолски амаркот ќе поминат ликовите на Прличев и неговите чекори по широк сокак, духот на Мисирков и убиството на рускиот конзул пред Илинден, сенката на Делчев и кратките мигови на Рихат Вагнер и Франц Лист по иконографијата на љубовта според која “градот се отсликува во очите на Човекот што го гледа”!
Во седумдесетите години од Дваесеттиот век во Битола дејствува една чудотворна театарска фигура по име Владимир Гравчевски патувачки траги – комичар кој низ работата со Младинската сцена при Народниот театар илегално ја внесува светлината на европскиот дух во “строгата контрала на идеолошката тиранија”. Една ноќ, непосредно пред завршувањето на гимназијата му се обраќа на Плевнеш низ зборовите кои засекогаш ќе останат во неговото срце: “Носи ја длабоко во тебе, само онаа Битола што е дел на европскиот сон и со неа замини во светот”!
1972. Есента доаѓа во Скопје или наречен со жаргонот на политичките затвореници “исприштениот престол на раната Македонија”. Се запишува на филозофскиот факултет, Историја на книжевностите на јужнословенските народи. Иако тие години Скопје е цитирано во извештаите на Интелиџенс сервис, ЦИА и КГБ како “центар на балканската љубов” ако не во минатото барем во иднината. Бидејќи преку Вардар, Скопје е во секојдневна врска со Солун, тој го чувствува солунскиот воздух покрај скопските кејови на Вардар и не од национални туку од интернационални причини.
Ги гори сите ракописи напишани во Битола, претходните години. Бидејќи Вардар се споменува кај Хомер во една инкогнито соновна посета тој запознава една интернационална духовна комисија со состојбата на Македонија на Балканот. Во неа членуваат Гогољ, Достоевски, Мелвил, Толстој, Кафка, Вилгаков, Ками. Исто така подготвувајќи се да пишува драма им се обраќа на античките трагичари: Од Есхила паѓа во екстаза а оди во ходочастие на грбот на Еврипид што се наоѓа на тлото на Егејска Македонија. Всушност во Скопје почнува да ја учи најтешката наука на духот: Науката за далечините!
1973 Октомври. Наместо во Скопје од тутунските полиња од Демир Хисар заминува за Париз, Градот на Светлината по кого сонува уште во гимназиските денови во Битола преку мислата на Данте Алигиери “во тој град се крие универзалната татковина на духот”. Како во некој ненапишан роман, без оглед на фактот што му се искинати чевлите речиси во полубоса состојба почнува да работи “на црно” како метач во најпознатите париски гробишта Пер Лашес. Со еден патувачки театар на илузионисти ја крстари Европа. Ја открива темата Македонија во судбоносните меандри на западноевропската политичка емиграција. Една ноќ меѓу гробовите на Модилијани и Џим Морисон слушајки ја американската флејтистка Ан Бродас се заљубува во идејата за трагичното пишување и почнува да ја пишува сценската анатема “Еригон”.
1974. Во Париз му се придружува неговиот близок пријател охридскиот поет Трајан Мартиноски (1951-1999) со кого ќе започнат едно големо “странствување” по патиштата на гемиџиите низ Европа.
Објавува серија на писма до неговиот близок пријател поетот Ефтим Клетников во весникот “Студентски збор”.
Започнува да пишува театарска критика и есеј посветен на театарскиот израз во тогашна Југославија за која се вели дека и “самиот воздух мириса на театар”.
1975. Започнува првин како новинар, а потоа уредник на културната рубрика на весникот “Студентски збор”. Голема поддршка за неговите честопати идеалистички иницијативи на национален и интернационален план добива од оснивачот на весникот Насте Стојкоски (1935-1996). Објавува серија на разговори со плејада македонски писатели: Блаже Конески, Владо Малески, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Симон Дракул, Бранко Варошлија, Михаил Ренџов, Јован Котевски, Милан Ѓурчинов, Георги Старделов... Посебно плодна соработка развива со Христо Андонов Полјански (1929-1985) кој го всадува чувството за библиографија во неговиот живот .
Неговата средба со професорот Гане Тодоровски која ќе продолжи низ годините што доаѓаат како форма на осознавање на македонската тајна низ вековите е од клучно значење за неговото навлегување во балканскиот духовен амбиент. Заедно со него присуствува на голем број книжевни, театарски, општо-уметнички и политички настани и ред возбудливи патувања низ балкинските метрополи.
На 25 декември 1975 година се слави на филолошкиот факултет во Скопје 50 годишнината од смртта на големиот руски поет Сергеј Есенин. Со Гане Тодоровски стигнуваат последни во Големиот амфитеатар. На сцената еден боженствен глас и исто таква убавина го рецитира Есенин на руски. Тоа е студентката по славистика родум од Битола, Лилјана Котеска која станува љубов на неговиот живот. Љубовниот чин е придружуван музички од бесмртниот хаваист од Гевгелија Илија Џаџев (1929-1991).
1976. Го објавува програмскиот есеј за македонскиот театар, Големото враќање или Што направи македонскиот театар и што треба да прави за однапред, каде што тргнува од антиката стигнува до средновековните ритуали и ја открива митската матрица на идентитетот во современиот театар. Текстот е најпрвин објавен во Разгледи, а потоа во посебното издание на Македонскиот театар на Стеријино позорје.
Пролетта 1976 објавува разговор со Ежен Гилвик, француски поет, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Во Охрид води разговор со германскиот нобеловец Хајнрих Бел непосредно по излегувањето на неговиот роман Изгубената чест на Катарина Блум.
Летото патува со македонскиот сликар Димитар Малиданов повторно за Париз по трагите на Антонен Арто и ракописот на “Еригон” за чија што содржина се запознати актерот Петар Темелковски и Љубиша Георгиевски со кого ќе разбие долга преписка околу Еригонското прашање: Зошто никој во Европа не знае да крикне?
1977. Патува во Атина по повод излегувањето на Антологијата на македонската литература и го пишува познатиот текст “Црниот славеј во Бела Атина” во слава на македонскиот есеист Душко Наневски автор на антологијата, потоа заминува по трагите на Никос Казанѕакис, Сеферис, Елитис и Вретакос објавувајќи повеќе текстови за духовните светлини на новата грчка литература како и разговори со Јенис Куцохерас, Викторија Теодору и Костас Валетас. Преку Париз, Плевнеш веќе има пријатели во грчката литература и култура со кои ѓе започне долгорочна соработка за преговарање на грчко-македонскиот спор во грчко-македонски дијалог и соработка. Во чест на неговото доаѓање кое нема никаква врска со падот на грчката хунта, во чест исто така на прашината на неговите сандали, приватна вечера ќе му приреди македонскиот романсиер на служба во Атина, Димитар Башевски. Една ноќ пред да ја напушти Атина како во античка дигресија му се појавува сцената која се одвива во салата за сецирање на лешеви на Медицинскиот факултет во Атина во која работел прочуениот анатом Дамјан од Костур. Младиот студент по медицина Григор Прличев се појавува во салата во мигот кога Дамјан сецира леш на штотуку умрена убавица. Само еден поглед и Прличев за секогаш ги напушта студиите по медицина. Од реалноста заминува во вечноста. Затоа можеше да рече: Совршенство или смрт !
1978. Во Разгледи објавува циклус песни и расказот Љубинко Менибоја и Исчезнатиот град, а во Современост повеќе есеи за театар и расказот “Како умре Босилко Пеперугов”. Летото во Рим присуствува на отворањето на Изложбата на Рафаел Алберти, легендарниот шпански поет кој по дваесет години егзил во Аргентина се враќа во Европа на пат за Шпанија. Изложбата ја отвора тогашниот градоначалник на Рим, големиот италијански историчар на уметноста Џулио Карло Арган. Средбата започнува во Меркато Трајано и ќе трае повеќе денови во кои Плевнеш ќе го објави својот познат есеј “Колку тежи еден век, Рафаел” во Нова Македонија и Студентски збор, непосредно пред доаѓањето на Алберти на Струга во август истата година како венценосец!
Во Рим го носи ракописот на неговата прва поетска книга за која Алберти прави повеќе цртежи зборувајќи за големите трансферзали на шпанската поезија и Генерацијата 27 за Лорка, Мачадо, Хименес, Алеиксандре, за политичките гробници на векот и за тешките патишта на надежта Алберти и Беатриса Ампоста му посветуваат повеќе денови на нивниот млад гостин кој ќе открие повеќе интересни настани во Ватиканските фондови во врска со Македонија!
Есента заминува повторно на едногодишен престој во Париз овој пат како стипендист на француската влада.
Ракописот на Еригон се враќа на својот извор и Париз е веќе лабораторија на македонската алхемија во неговото пишување: Македонија е таква тема од Еврипид наваму, се појавува таму каде не ја очекуваш!
1979. Патува во Полска ( Варшава , Краков и Вродслав ) на турнеја со Драмскиот театар од Скопје и го објавува текстот “Во Полска, на север од нашите срца”.
На првотот гостување на Словенечкото народно гледалиште воопшто во историјата, на сцената на Бург театарот во Виена со “Ослободување на Скопје” од Душан Јовановиќ во режија на Љубиша Георгиевски се појавува во последен миг и во неколку дена ги посетуваат местата каде се движеле македонските леви и десни револуционери. Еден миг е многу значаен од ова патување во Виена: Реквизитерот на оружје во Бург театарот го репетира празниот пиштол во правец на Љубиша Георгиевски во истата ложа каде е извршено едно од највозбудливите и најспектакуларните политички убиства во Европската историја кога Менча Кавничева стрела во Тодор Паница за време на бродоломот на “Пер Гинт” од Ибзен во 1925! “Вистинската” историја и играта на случајот што би рекол Петер Вајс се откриваат во археологијата на современите духовни трауми. Го објавува текстот “Тешкото во Бург театарот” во Студентски збор. Текстот завршува со некролошка нота за Душан Томовски, сјајниот препејувач на германските поетски колоси на македонскиот јазик .
Објавува есеј-разговор со легендата на францускиот театар Жан Луи Баро под наслов “Во почетокот беше гестот”!
Објавува текст за првата биографија на еден од неговите најомилени автори на француската и светската литература Алберт Ками од американскиот автор Херберт Лотман со кого подоцна ќе се сретне во Скопје.
Патува во Шпанија во чија литература е смртно заљубен и води долг разговор со големиот шпански поет нобеловецот Висенте Алеисандре објавен под наслов “Никогаш збогум Дон Висенте”. Бара траги од Алонсо де Охеда или Драган Охридски кој како роб е продаден на солунскиот пазар во втората половина на XV век и учествува во експедицијата на Колумбо при откривање на Америка.
Во Мадрид положува цвеќе на Каса дел Кампо каде е убиен македонскиот револуционер и поет Ганчо Хаџи Панзов, чевлар и надреалист од Велес учесник во интернационалните бригади за време на Шпанската граѓанска војна. Куршумот му влегол в уста додека викал: Напред! Се враќа во Македонија со едно шише вино од пред триесетина години од лозјата на Андалузија што Висенте Александре му го дава за по патот. Со свечен поетски ритуал виното испиено во домот на големиот македонски поет Јован Котески, бидејќи што би рекол Матош “будни се само поетите и атентаторите’’!
Од париското претставување на првиот македонски роман објавен во Франција “Вест Ауст” од Божин Павловски (за кого Атанас Вангелов ) непишува текст под наслов “Што ни е Европа нам” во кого изнесува повеќе детали од неговите лични историски архиви во врска со македонската политичка трауматологија во минатото и особено во сегашноста каде во една метафоричка дигресија Македонија е наречена “духовна зандана”. Повеќе месеци целокупниот општествено политички живот во СРМ ќе се одвива во знакот на темата: “Кои се тие мрачни сили на граѓанската десница кои ја нарекуваат Македонија духовна зандана…?
Повеќе ноќи во периодот од октомври до крајот на декември 1979, забележан е Плевнеш во долг црн мантил како ги пречекува лично - типерите на Графичкиот завод “Гоце Делчев” со прашањето дали не е растурено оловото во кое е набрана неговата прва книга со исто така црни корици “Теорија на отровот”?
1980. Во почетокот на јануари излегува од печат неговата прва и единствена поетска книга “Теорија на отровот?” во издание на “Студентски збор”. Рецензенти на книгата се: Богомил Ѓузел, Гане Тодоровски и Георги Старделов . Жирито во кое членуваат : Академик Михаел Петрушевски , Михаил Ренџов и Томе Груевски му ја доделува Наградата за најдобра поетска книга на Млада Струга .
Промоција на “Теорија на отровот” во Домот на младите во Скопје на која зборува поетото Влада Урошвиќ .
Објавува разговор со Ханс Магнус Енцесбергер кого го среќава во Париз дојден од норвешкото село во кое ја пишува својата позната книга “Германија меѓу другите” пред самото доаѓање на Струшките вечери на поезијата каде таа година е лауреат.
Влегува како уредник за уметничка литература во Книгоиздателството “Мисла”.
Патува во Амстердам на Театарот на нациите каде учевствува на Симпозиумот на тема: Новиот театар во Европа. На фестивалот ја гледа истата претстава на Театарот на илузионисти од 1973 на париските гробишта Пер Лашез со соло - точкаат на истата флејтистка Ан Бродас во една група која доаѓа преку шпанскиот манастир Кампостел. Основното прашање што го поставува на Симпозиумот е: Дали театарот мора да се движи по историјата како жив човек што кинисал да оди на својот сопствен погреб? За “Нова Македонија” го пишува текстот “Историја на левицата во светскиот театар”. На враќање купува една црна торба од телешка кожа од Улицата на смртта во Амстердам и во неа го преместува ракописот на Еригон. Од Амстердам поминува во Париз и се затекнува на погребот на Жан Пол Сартр. Се сеќава на зборовите на Сартр по повод смртта на Ками: “Тој беше можеби последното чудо на Медитеранот!”. На Монпарнас на полициските повици: “Пуштете го првин семејството да помине”, младите одговараат: “Ние сме неговото семејство!”. Се враќа во Македонија со нови содржини, идеализам дека историјата, сепак, може да се менува!
1981. Со неговата љубовница Лилјана Котевска која се враќа од Прага преку Санкт Петерсбург заминуваат на ходочастие во Манастирот Св. Ѓорги во Курбиново во интимна посета на Ангелот . Тоа лето е завршена дефинитивната верзија на “Еригон”.
Со актерот Петар Темелковски кој во наредните години ќе ги толува сите клучни улоги во драмите на Плевнеш започнуваат духовно ходичастие по трагите на античката трагедија на современа Македонија.
Во Демир Хисар во сообраќајна несреќа загинува дваесетгодишниот Љупчо Сивески – Еригон, поет и бескрајно надарен дух што ја остава на македонската литература постхумната книга приредена од Петре М. Андреевски и Ј. Плевнеш во издание на “Мисла”.
На 26 септември во Манастирот Св. Пантелејмон на Нерези во Скопје се венчаваат Лилјана Котевска и Јордан Плевнеш во присуство на, според еден очевидец: “Никогаш не се видени толку многу македонски писатели на едно исто место и по ист повод”. Познатиот македонски фотограф Марин Димес ги поседува негативите. Младоженците заминуваат на свадбено патување во Солун. Крвта вода не бидува!
1982. Праизведба на “Еригон” во Драмскиот театар во Скопје во режија на Љубиша Георгиевски. Во главните улоги: Петар Темелковски, Мето Јовановски, Мери Бошкова, Милица Стојанова.
Преведена на повеќе јазици во светот и играна во повеќе земји, во годините што следуваат во текот на 1982 година Еригон ги освои следните награди: најдобра драма на Фестивалот во Сараево, Вонредна Стеријина награда во Нови Сад и Најдобра претстава на Фестивалот Чернодрински во Прилеп.
Се раѓа нивниот прв син Константин Плевнеш на 04 мај 1982 .
1983. Приредува вечер Солунскиот поетски круг на Струшките вечери на поезијата со еден текст објавен во “Разгледи” на која настапуваат плејада солунски поети: Јоргос Вафопулос, Анести Евангелу, Маркос Мескос, Јоргос Стојанидис како и презентирање на стихови од Манолис Анагностакис, Зои Карели, Никос Пенѕикис! Круна на вечерта е мислата на Стојанидис изречена со свечен тон: “Мулти – етнички е воздухот над солунското небо!”.
Патува во Букурешт со една голема делегација Македонски писатели. Низ повеќе градови на Романија во времето на Чаушеску посетуваат повеќе бисери на романската духовна ризница меѓу кои Бескрајниот столб и Вратите на бакнежот на Бранкуши во Тргу Жиу кои се втиснуваат во неговото срце и Црквата на Мајсторот маноле во Куртеа де Арџеш.
Никита Станеску ги испраќа со солистички концерт на неговите македонски пријатели и тешко болен пишува во својот тестамент дека сака да биде погребан под нозете на Михај Еминеску. Во “Нова Македонија” Плевнеш го објавува својот текст “Последните зборови на Никита”.
На годишното собрание на ДПМ за Претседател е избран Гане Тодоровски. На негов предлог Јордан Плевнеш е избран за секретар за меѓународна соработка на ДПМ .
Покренува голема полемика против Балканолошките институти во Белград, Софија и Атина кои сакаат да ја избришат Македонија од историските перспективи на овој дел на Европа. Текстот на Плевнеш “Научен дијалог над отворен гроб” како Отворено писмо до Белградски НИН предизвикува огромен интерес во сите тогашни Југословенски средства за информирање во една повеќемесечна полемика во која ќе се појават поголем број на имиња на горенаведените балкански шовинизми, низ сферата на новинари, историчари, академици, разузнавачи итн. Се чини дека ретко кој текст на македонски автор предизвикал толку многу бури од реакции како “Научниот дијалог над отворен гроб” и другите одговори на Плевнеш во тогаш најтиражниот неделник кои ја воведоа македонската гледна точка во жижата на политичкиот интерес на Пост-Tитова Југославија. Од полемиките на Плевнеш јасно произлегуваше дека никој не може да ја крои судбината на Балканот без Mакедонија!
Плевнеш добива стотици писма од цела Македонија од Европа и прекуокеанските земји.
Една вечер покрај скопските кејови еден сега починат историчар му се обраќа на Плевнеш: Си велев секој ден гледајќи како сепак се движиш слободен, ако прислужниците на УДБА со центар во Белград и нивните слуги во Скопје не го уапсат, сепак Македонија ќе ја биде!
Се дружи со бардот на македонската театарска сцена Ристо Шишков чиишто процес и ликвидација од претходните години ја потресува Македонија.
Една ноќ во бифето на МНТ, Шишков му вели: Ако не уништат сите до еден, да знаеш дека последните македонци живеат како китоловци на Гренланд!
1984. Праизведба на “Мацедонише цуштенде” во Македонскиот народен театар (каде од Драмски доаѓа Ристе Стефановски), во режија на Љубиша Георгиевски. Атмосферата е крајно наелектризирана. Пиесата за Човекот без детство е всушност драмата на една од најморничавите семејни трагедии во Дваесеттиот век во политичката матрица на македонскиот од по маките. Таткото Трајан Поп Стефанов е распнат на комунистичката Голгота, а синот Самоил Поп Стефанов во мрежите на фашистичкиот инферно. Максимата на Хитлер дека “Мацедонише цуштенде” или македонски состојби значи “да не се знае кој кого убива и во чие име” ја вознемирува македонската политичка и културна јавност.
Почнува невидена хајка во медиумите и политичка линч на авторот, режисерот и протагонистите, која стивнува по повеќе блескави оценки на врвни пера од Југословенската театрска критика .
Претставата доживува фасцинантен успех на Борштниковите средби во Марибор и Цанкариевиот дом во Љубљана .
СИЗ-от за култура на град Скопје доделува награда за најуспешна претстава на сезоната и ансаблот на МНТ организира посета за Цариград за актерската плејада која го понесува тешкиот духовен чин: Петар Темелковски, Владимир Светиев, Кирил Ристовски, Александар Џуровски, Драги Крстевски - Анфи, Цветанка Јакимовска, Анче Џамбазова, Мими Таневска, Јусиф Гулевски ...
Патува во Ирска на ходочастите по трагите Џемјс Џојс во кулата Матело. Клучен пресврт во духовниот хоризонт во неговите зборови: “Зошто јас да умрам за Татковината нека умре таа за мене!”.
Од сите изведби на сцените во бивша Југославија особено значење во интимната археологија на авторот остава премиерната изведба на “Мацедонише цуштенде” во Камерниот театар во Сараево во режија на Виолета Џолева и Мирален Зувчевиќ во главната улога за време на зимските Олимписки игри. Сараево тој февруари 1984 е вистински град на љубовта која блика од црквите, џамиите, синагогите и вековите .
Роден е нивниот втор син Илија Плевнеш на 04 ноември 1984 година.
Во Солун во издание на “Паратеритис” во превод на Симос Целипис објавена е “Теорија на отровот”. Заедно со овој прекрасен прерано починат младич ќе ја објават книгата “Големите струи на Вардар” од класикот на современата грчка поезија Јоргос Вафопулос, а со Константина Лембанова книгата “Иста судбина” од Панос Тасистис .
Големиот македонски романсиер Живко Чинго го поканува на ручек со легендата на рускиот и светскиот театар Анатолиј Ефрос, кој престојува во Македонија со зборовите кои сеуште му одѕвонуваат во свеста: “Јоцо, дојди и Ти со нас бидејќи историјата на Македонија сеуште се пренесува тајно - од човек на човек!”.
Се подготвува да оди на студиски престој во Атина за да го проучи атинскиот период на Григор Прличев, но неговото барање е одбиено од страна на Министерството за култура на Грција во времето на Мелина Меркури.
Во петнаесетина театри во Словенија, Хрватска, Босна, Србија и Црна Гора се изведуваат и објавуваат неговите драми.
Праизведба на неговата нова драма “Југословенска антитеза” или општо народна драма со погребно свирење во Народниот театар во Битола, во режија на Владо Цветановски. По неколку претстави каде главните улоги ги толкуваат првенците на битолскиот театар Олга Наумовска и Ацо Стефановски се случува еден трагичен настан за целиот македонски театарски живот. Непосредно по претставата умира легендарниот македонски актер Ацо Стефановски. Плевнеш го објавува “Нова Македонија” есејот “Последната ноќ на првиот македонски Хамлет”.
Во Југославија веќе се водат бурни расправии за иднината на федерацијата на национален, духовен, политички и воен план. Се подготвува последниот Конгрес на Сојузот на југословенските писатели во Нови Сад. Последниот ден на конгресот речиси како последен учесник настапува Плевнеш со еден мал говор од 28 редови во кој се занимава исклучиво со придавката наша. Говорот започнува вака: “Повоената злоупотреба на зборот наша ги уништи сите вредности на човечкиот живот дури и на самата смрт. Нашата револуција, нашето богатство, нашата работничка класа, нашата иднина, а ништо не е наше, се е нивно! Одовде објаснувам дека секој автор на својата самотија, секој човек и секоја судбина има право на приватна револуција!”. Говорот одекнува како бомба на Конгресот. Поголем број на светски гласила објаснуваат делови од изречената беседа. Се отвара една од најголемите хајки во повоената историја против еден млад автор кој освен зборовите нема друга сермија! Посебно на македонско тло. Во време од шест месеци тоа ќе биде една од главните теми на целата партиска машинерија и голем број автори прислужници на режимот ќе објават текстови во кои се бара “блага ликвидација” на авторот. Сигурно дека има над триста библиографски единици во печатот на сите бивши југословенски републики и во странство за овој настан под името полемика Чашуле-Плевнеш, бидејќи Коле Чашуле тогаш е преседавач на Сојузот и на Конгресот, а текстот на Плевнеш е тотална демонтажа на лагата како форма на идеолошка диктатура и неприкосновена власт.
Три моменти остануваат врежани од овој период во кој се движи како “Жив гроб по скопските улици”. Првиот е врзан за неочекуваното доаѓање на татко му Симе Цветановски Плевнеш, бос, со автобус од демирхисарските тутунски полиња и неговото прашање низ солзи: Што направи толку, та цела држава се покрена против тебе?... Вториот момент е врзан за големиот и меѓународно афирмиран писател Мирко Ковач кој во едно интервју ќе изјави: Ништо друго нема да запамтам од Последниот конгрес на југословенските писатели освен зборовите на младиот Плевнеш... И третиот момент е сврзан за сонот во кој му се појавува Кочо Рацин дојден од Лопушник со алузија на неговиот бојкот и незаборавните зборови: “Ако сите молчат околу тебе значи дека си рекол нешто длабоко вистинито. Мисли на богомилската легенда: На тој пат ќе бидеш сам опкружен од волци што молчат! Под притисок на Идеолошката комисија на ЦК на СКМ разрешен е од секретар на ДПМ и избркан од работа од “Мисла”. Сите очекуваа дека Плевнеш ќе ја напушти земјата но тој останува, опкружен од љубовта на неговото семество.
Во Драмскиот театар во Скопје премиера на “ЈУ Aнтитеза” во режија на Љубиша Георгиевски со Илија Милчин и Милица Стојанова во главните улоги. Претставата доживува голем репертоарски успех. Политиката веќе не може да ја контролира уметноста . Зборовите на Рацин во сонот се премногу точни.
Се повлекува од јавниот живот и почнува да ја пишува драмата “Р” посветена на Ристо Шишков кој таа година се преселува во подземна Македонија и вечноста на светскиот дух која во годините што доаѓаат ќе биде негово најизведувано дело во голем број земји во светот.
На трети јули истата година се замонашува во манастирот Св. Наум неговиот пријател Стојан Вељановски професор по патологија и стар завет на Теолошкиот факултет кој го инспирира ликот на монахот во “Р” и кој есента 1999 ќе стане архепископ охридски и македонски г.г. Стефан.
Магистрира на филолошкиот факултет во Скопје на тема “Македонската народна драма” кај менторот Кирил Пенушлиски. Тезата која го поврзува античкиот, средновековниот и хоризонтот на македонската народна театарска традиција е објавена под наслов “Бесовскиот Дионис” и Плевнеш е примен за Асистент во одделението за македонска литература од XIX век во Институтот за литература при Филолошкиот факултет по иницијатива и заслуга на Професорот Гане Тодоровски. Имало спас!
1986. Германскиот историчар, специјалист за Балканот, Стефан Тропст во германското списание “Југоисточна Европа” објавува текст за бурните политички премрежја на Плевнеш.
Плевнеш е секретар на Организациониот одбор на Институтот за литература при Филолошкиот факултет на меѓународниот симпозиум посветен на Григор Прличев.
Објавува студија за драмата “Црне војвода” од Марко К. Цепенков и го истражува историјатот на солунското списание “Книжици за прочит”.
По драматизацијата на “Скакулци” од Петре М. Андреевски изведена на сцената од Народниот театар во Битола во режија на Владо Цветановски, летото 1986 премиерно е изведена на Охридско Лето драматизацијата на “Деветте Керубинови векови” од Славко Јаневски во режија на Љубиша Георгиевски со ансамблот на Драмскиот театар од Скопје.
Патува во Атина заедно со Гане Тодоровски, Матеја Матевски и Борис Вишински на прва во историјата ноќ посветена на македонската литература во присуство на голем број личности од културниот и политичкиот живот на Грција во средновековниот дворец пендели во близината на Пиреја.
Во тој период дава повеќе интервјуа во сите југословенски водечки весници од кои позначајно е големото интервју во “Књижевне новине” од Белград.
Тоа е време на големо понирање во балканските литератури: бугарската, албанската, романската и турската литература, откривање на светлините во балканскиот духовен идиом кои се издигнуваат над меѓусебните негирања и крвопролевања во историјата .
1987. Праизведба на “Р” во режија на Љубиша Георгиевски во Драмскиот театар во Скопје со: Петар Темелковски, Милица Стојанова, Александар Џуровски, Диме Илиев, Благој Чоревски, Лилјана Велјанова во главните улоги.
Претставата доживува блескав прием кај публиката. На Стеријиното позорје во Нови Сад меѓународната критика ја прогласува за најдобра претстава на фестивалот. Актерот Петар Темелковски ја добива Стеријината награда за улогата на Максим Бродски. Претстават остварува триумфална турнеја низ повеќе сцени во Југославија.
На поканата на Слободниот Универзитет во Берлин, во исто време додека трае Стеријиното позорје , Плевнеш придружуван од сопругата зборува за сонот на отворањето Исток-Запад и во еден мал пост модернистички есеј го цитира тогаш често споменуваниот графит: Берлинскиот ѕид е болен од неизлечива болест!
Големиот словенечки дух Терас Кермаунер го објавува својот познат текст Евро-Словенија и Евро-Македонија каде на тие две средини им предвидува иднина на толеранција и европско отворање кон другите, во тогашниот најтиражен неделник во Југославија, НИН, каде на Плевнеш му дава водечко место во новите тенденции на европеизацијата на македонската книжевност.
1988. Се појавуваат голем број на текстови за драмите на Плевнеш во најзначајните ревии и книжевни театарски списанија низ Југославија и Европа чии референции се посебна тема за истражување од страна на идните проучувачи на македонскиот театарски живот. Во секој случај нека бидат споменати неколку имиња кои посветија посебно внимание на неговиот драмски јазик: Владимир Стаменковиќ, Андреј Инкрет, Јоже Хорват, Дарко Гашпaревиќ, Слободан Шнајдер, Авдо Мујичиновиќ, Феликс Пашиќ, Сафет Пиакало, Јован Христиќ, Ласло Вагел и посебно Проф. Драган Клаиќ, сега директор на Националниот институт за театар во Амстердам со неговата обемна студија објавена под наслов “Борењето со историјата во драмите на Плевнеш” во неговата книга Театар на разликите.
Водечкиот американски театролог Роберт Кориген автор на капитални дела за светскиот театр , на покана на Љубиша Георгиевски престојува во Македонија.
Претходната година (1987) на сцената на Универзитетскиот театар во Далас, Љубиша Георгиевски ја постави “Гробница на Борис Давидович” од Данило Киш. Кориган присуствува на една изведба на “Р” во Драмскиот театар и со воодушевеност ги поканува авторот и режисерот на тримесечен престој и подготовка на американската праизведба на “Р”. Претставата доживува голем триумф на сцената на УТД во Далас. Американската критика објавува блескави оценки за пиесата и режијата на Георгиевски. Се одржува посебен симпозиум со учество на бројни теоретичари за современиот театарски израз на Универзитетот од Тексас во Далас со наслов “Р” – процес и значење. Пророчката мисла на Кориган напишана во проспектор на премиерата а која гласи: “По неколку минути гледање бев сигурен дека ова дело ќе има големо место во репертоарот на интернационалниот театар во светот”, се оствари низ годините што доаѓаа.
Летото заедно со Блаже Ристовски, Љубиша Георгиевски, Петар Темелковски, Мето Јовановски и Коле Мангов патува за Торонто и Њујорк на Собирот што се одржа во овие два града по повод 75 годишнината од поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор по Балканските војни.
Во Хотелот Шератон во Њујорк е изваден Рециталот “Македонија - Куриозум мунди” по негово сценарио, а во режија на Љубиша Георгиевски во кого се застапени над педесетина имиња од различни светски литератури кои пишувале за Македонија.
Во Драмскиот театар во Скопје праизведба на неговата најнова драма “Слободен лов” во режија на Љубиша Георгиевски со Илија Милчин, Лилјана Велјанова, Петар Темелковски, Снежана Михајловиќ во главните улоги. Во таа пиеса воспоставена е взаемна противтежа на ловот на луже во македонската и светската историја низ примерот на една од најконтропверзните фигури во македонската историја Павел Шатев последниот од Солунските атентатори, кој стана прв министер за правосудство во првата влада по АСНОМ, на Македонија и кој умира во 1953 во куќен притвор во Битола.
Во октомври заедно со семејството заминува за Париз каде е избран за лектор по македонски јазик и литература на институтот за ориентални јазици и цивилизации.
1989. Познатата француска ревија АРТ-ПРЕС подготвува специјален број посветен на светскиот театар и се обраќа на голем број на познати имиња во светот да учевствуваат со свои текстови.
Плевнеш го објавува својот есеј: “Забраните во театарот на XX век”.
Пред него почнуваат да се отвaраат вратите на европските театри .
Истата година е поканет на фестивалот на франкофонијата во Лимож, каде настапува со есеј за македонската духовна авантура низ вековите и интересот на франкофонските архиви за темата Македонија низ неговите лични доживувања на историјата. Текстот е објавен во париската ревија “Каје д Ренард”.
1990. На покана на Роберт Кориган, како визитинг професор престојува на Универзитетот на Тексас во Далас и пишува драма според познатиот роман на Алберт Ками – “Падот-Ками” која во режија на Кориган е изведена во Универзитетскиот театар во Далас, повторно како во “Р” со Џејми Лоренс во главната улога. На Симпозиумот што е последната меѓународна трибина организирана од Кориган учествуваат водечки американски камиолози. Точно на Велигден по прмиерата во Далас доаѓа неговиот помлад брат , режисерот Владо Цветановски и во една црнечка црква првпат се отвара темата “подземна република”.
Со своја беседа настапува на Првата Поетска ноќ во Велестово за поезијата на Славе Ѓорго Димовски чијашто поезија влегува во Голема врата во македонската книжевна стварност.
По враќањето во Париз на аеродром го чека Патрик Вершурен кој го известува дека “Еригон” ќе биде поставен следната сезона на сцената на Театарот “Де д рив” во Руен, градот на Корнеј и Молиер!
1991. Премиера на “Подземна република” режија на Владо Цветановски во Народниот театар во Битола со Јосиф Јосифовски, Петар Мирчевски, Билјана Таневска, Ѓорѓи Јолевски, Менка Бојџиева, Соња Михајлова и почеток на соработката со уникатниот дух Владо Горевски - Рефикот, Валентин Светозарев, Христо Бојаџиев и Благој Мицевски. Претставата е доживеана како тектонска експлозија на македонското духовно битие пред прогласувањето на независноста на Република Македонија. Таа учествува на последното Стеријино позорје, пред дефинитивниот распад на крвавите војни на тлото на поранешна Југославија и овенчана е со Вонредна Стеријина награда. Незаборавна е изведбата во Синагогата во Суботица и турнејата низ повеќе источноевропски земји.
Во Франција во Руен , во мај истата година во Театарот “Де д рив” изведен е “Еригон” во режија на Патрик Вершурен и со Емануел Депуа и Едвер Инџе во главните улоги. Претставата доживува голем успех пред француската публика и критиката. На премиерата присуствува и тогашниот потпретседател на Република Македонија Љубчо Георгиевски.
Во Скопје, на 2 август излегува првиот независен дневен весник на Република Македонија “Република” што го покренува Јордан Плевнеш. Хајката што пост-комунистичката структура на власта ќе ја преземе за да ја ликвидира “Република” личи на најцрните сценарија на пост-тоталитаризмот. Во едно интервју за западноевропскиот печат Плевнеш ќе изјави: 165 дена додека излегуваше “Република”, Македонија се плашеше самата од себе и имаше зошто, бидејќи сеуште на нејзинотот тло оперираше злогласната српска армија која во Весникот “Република” го виде првиот орган на граѓанската слобода и првите чекори кон безусловното определување во Референдумот за независноста, на секој жител на Македонија! Првиот уводник во првиот број на “Република” што се печатеше во 50.000 примероци потпишан од Плевнеш носеше наслов “Европеизација на Балканот”. Тој процес сеуште трае и Македонија сега како независна и призната држава има централно место во неговото остварување!
На 20 август под Св. Јован Канео и Античко-Византиската сцена изведена е неговата пиеса “Безбог” во режија на Владо Цветановски во Народниот театар од Битола во една величествена божја сценографија за одисејата на охрдскиот патрик Арсение и македонскиот сон за обновата на Охридската архепископија.
1992. Угледниот париски Монд во време на големи концентрирани антимакедонски кампањи насекаде во светот го објавува есејот на Плевнеш под наслов : “Народот- Фантом” кој предизвикува голем интерес и побудува полемики на страниците на Монд и различни европски медиуми. За првпат во историјата на најелитната рубрика на овој дневен весник беше употребена формулацијата: Македонски писател што живее во Париз.
Во Софија во Националниот театар “Иван Вазов” е изведена прва драма на современ македонски автор, “Р” на Плевнеш во режија на Љубиша Георгиевски со Петар Темелковски како гостин во ликот на Максим Бродски. Возбудата во цела Софија и во гледалиштето не се опишува со зборови. Надвор остануваат стотици гледачи кои неможат да влезат во Народниот дворец на културата. На претставата присуствуваат претседателите на Бугарија и Македонија, Жељу Желев и Киро Глигоров. Таа ноќ сите мислевме дека дури и на Балканот историјата почнува да се менува!
1993. Во Париз во театарот Силвија Монфор се одржува премиерата на “Р” во режија на Жак Селер, големото име на францускиот театар од групата на Жан Вилар, во главните улоги настапуваат Роже Мирмон, Мари-Франс Сантон, Надја Барантен, Никола Вод. Објавени се над двеста библиографски единици за оваа пиеса и повеќе месеци главните и рекламни столбови на Париз преплавени се со нејзинииот наслов. По париските улици Плевнеш си ја спомнува мислата на Роберт Кориган за интернационалниот репертоар и зборовите на Бекет “Дека нема ништо посмешно од човековата несреќа!”.
1994. Во Народниот театар во Битола се одржува праизведбата на “Нотр Фам Д Пари” во режија на Владо Цветановски со Билјана Таневска, Петар Мирчевски, Владо Талевски, Јосиф Јосифовски, Јоана Поповска во главните улоги. По прогласувањето за најдобра претстава на националниот фестивал во Прилеп остварува меѓународна турнеја од која најзабележително е нејзиното гостување во Санкт Петерсбург .
Во Скопје,во издание на “Детска радост” заедно со Лилјана Плевнеш и Мери Кукулес ја објавува книгата “Зошто не се враќам во Грција” од Елиас Петропулос или прогонетиот балкански мит на кого му се посветува исцрпен есеј лоцирајќи го во апсурдите на балканската политичка некрофилија која не може да ги потомори светилниците на балканскиот дух!
1995. Најпрво во Јел познатиот американски Универзитет, а потоа во Њујорк во Миронда Театарот е одржана светската праизведба на “Среќата е нова идеја во Европa” за која Плевнеш освои високо признание од Францускиот национален центар за книжевност како за прва негова драма напишана на француски јазик, во режија на Патрик Вершурен и Џемс Дипл. Огласите во американскиот печат за оваа француско-американска копродукција според македонски автор се бројни, а публиката ја доживува како голем европски крик по воените лудила на Балканот.
Во Париз започнува да го пишува сценариото за документарниот филм “Македонската книга на живите или Пјер Беарн и Македонија” во кого македонската историска вертикала од антиката до денес е раскажана низ призмата на доајенот на современата француска поезија, 97 годишниот Пјер Беарн.
Едно од најголемите имиња на европската литература Никла Бувие (1929-1998) по четири децении од неговото прво доаѓање во Прилеп, Македонија опишано во неговиот бестселер “Употребата на светот”, по покана на Плевнеш повторно ја посетува Македонија каде Македонската Телевизија по сценарио на Љубе Цветановски и во режија на Иван Митевски ќе го сними потресниот документарец “Враќањето на Бувие во Македонија”.
1996. Европска турнеја на американско-француската продукција на “Среќата е нова идеја во Европа” најпрво во Франција, а потоа во Македонија на Скопско лето во Куршумли Ан, на Охридско лето пред Св.Софија, во Амфитеатарот во Хераклеја и на Штипско лето. За прв пат една од претставите на Плевнеш создадени во странство е френетично поздравена во неговата родна земја. Гласот што го пренесува англискиот и францускиот текст во Македонскиот звучен бескрај е гласот на неговата љубов од Амфитеатарот на Филолошки - Лилјана Котевска Плевнеш.
Во Париз во организација на Домот на француските писатели и УНЕСКО се организира големиот интернационален собир “Балканот денес” на кој што Плевнеш настапува со својот есеј објавен на повеќе јаици во светот “Европа и Балканот меѓу трагедијата и самотијата”.
Во Париз во Театарот Ромен Ролан во рамките на балканскиот триптих заедно со “Гробницата за Борис Давидович” од Данило Киш и “Маливија” од Мирко Ковач, неговата драма “Среќата е нова идеја во Европа”, овој пат само со француските актери на Театрот Ефемерид нуди нова верзија и ново сценско видување кое ќе се игра низ дваесетина градови во Франција. Исто така на тема “Балканот во кулисите на Европа” во Париз ќе се одржи симпозиум на кого покрај поголемиот број на француски и европски интелектуалци од Македонија ќе учествуваат Љубиша Георгиевски и Кирил Темков.
Во Скопје во Драмскиот театар, “Среќата е нова идеја во Европа” во режија на Владо Цветановски и со Бранко Ѓорчев, Синоличка Трпкова, Арна Шијак, Ѓорѓи Јолевски, Роберт Вељановски, Искра Ветерова и Звезда Ангеловска во главните улоги ќе понуди нова митска визија на поетичката матрица на овој текст што ќе доживее голем успех во повеќе земји и фестивали.
1998. Во Солун во организација на Балканскиот форум во присуство на стотина американски, европски и балкански интелектуалци се одржува меѓународен собир во кој што треба да се донесе Повелба за обновување на довербата на Балканот со Солун како негов центар. Плевнеш е поканет од Париз и низ еден акт на поетичка прокламација го презентира својот текст низ “македонската гледна и траматолошка точка”. Според организаторите тоа е еден од највозбудливите мигови на Солунскиот собир.
Во издание на Арматн од Париз излегува книгата “Македонија нова членка во Европската заедница” од група македонски, француски и европски автори Плевнеш е поканет да го напише поговорот во кого на нему својствен начин ги обединува вековите на македонското судбинско и историско траење.
Во Барцелона во организација на Институтот за медитеранска цивилизација и Европскиот парламент на писателите се организира собир за “Иднината на Балканот во Европа” на кој што Плевнеш говори за македонската културна ризница и примерот за коегзистенција и пацификација на историските и етничките противречности во тековите на европската интеграција.
“Среќата е нова идеја во Европа” на Драмскиот театар во режија на Владо Цветановски гостува на два значајни фестивали: во Париз, на Биеналето “Шарл Дулен” каде остварува сјајна комуникација со француската публика и со исто такви одгласи меѓу критиката и во Каиро-Египет каде што е прогласена во голем број весници на арапскиот полуостров за откритие на Фестивалот.
“Њујорк тајмс” од перото на својата критичарка Карен Малпед со фотографија под која стои името ќе ја оцени претставата како врвно остварување на европскиот театарски миг!
1999. Заедно со своите студенти од Универзитетот Орсе во Париз 11 каде веќе три години предава креативно пишување патува во Прага каде работи на книжевно филмскиот документ “Кафка денес”.
Гостин е на Американско-француската уметничка Фондација Ла напул во Кан каде во еден од најубавите замоци на медитеранот во рамките на Фестивалот во Кан “Ноќите на замокот” е изведена “Среќата е нова идеја во Европа” на Драмскиот театар од Скопје во еден незаборавен амбиент и како висок израз на македонската театарска фасцинација со митот.
Во Интернационалниот театар во Марсеј, метрополата на Медитеранот како копродукција меѓу Турската драма на театарот на народностите од Скопје и француските уметници во режија на легендарното име на Турскиот театар Мемет Улусој, а со Селаедин Билал, Бедија Беговска, Елеса Касо, Атила Клинче... ќе биде изведена новата сценска визија на “Р” со која ќе се отвори следната сезона на Градскиот театар во Истамбул.
На Струшките вечери на поезијата е поканет да ја одржи беседата за лауреатот, големиот француски поет Ив Бонфоса во охридската Св. Софија низ едно слово со кое ќе ја овековечи и поезијата на венценосецот и македонската духовна вечност.
Во родната куќа на Маргарит Јурсенар со вечер под наслов “Кочиите на Теспис”, јунакот од антиката што со себе ги носел трагедиите на светот на крајот на декември 1999 година Европската резиденција на автори ќе организира прослава на десетгодишното присуство на Плевнеш во европските книжевни и театарски простори. На вечерта на која се поканети поголем број на актери, режисери, новинари, критичари и универзитетски работници за творештвото на Плевнеш ќе зборува за Ги Фонтен автор на една од најтемелните истории на европската книжевност и директор на европската резиденција на авторите.
На македонската телевизија ја покренува авторската серија Големите лица на Дваесетиот век во која реализира портрети на Питер Брук, Клод Лелуш, Клаудија Кардинале, Шарл Азнавур, Ив Бонфоа...
Во Македонскиот народен театар во Скопје, осумнаесет години по праизведбата на Еригон, една нова сценска и поетичка визија ќе и биде понудена на македонската публика во режија на Владо Цветановски а со Владо Јовановски, Звезда Ангеловска, Искра Ветерова, Александар Џуровски... во главните улоги. Кучето Еригон во оваа раскошна визија на една друга симболика и театарска иконографија се покажува како можна врска на попусто лаење меѓу вториот и третиот миленум.
2000. На македонскиот ден на Институтот за ориентални јазици и цивилизации зборува на тема “Сто години од Македонска крвава свадба на Чернодрински”.
Во издание на “Ѓурѓа” го објавува поетскиот избор со предговор под наслов “Интернационална амнезија” од францускиот поет Ален Ланс .
Во институтот за славистички студии на Сорбона организиран е портрет на неговото творештво, каде Плевнеш одржува беседа за македонската духовна меморија низ вековите со посебен акцент на националната преродба и современите книжевни текови и низ примери и секвенци од македонската историја што ќе го натераат Мишел Окутурие, претседателот на овој институт во името на сите присутно да му се заблагодари за “оваа длабока македонизација на нашите души вечерва во Париз”.
Во театарот Аугусто Боал во Париз, Љубиша Георгиевски ги започна подготовките за најновата драма на Плевнеш “Последниот маж, последната жена” која ќе се реализира како копродукција меѓу Парискиот театар, Драмскиот театар од Скопје и Интернационалната театарска лабораторија од Москва...
Прво издание, Велестово, 2000 година.
Напомена: Ново, дополнително издание на оваа Хронологија на Плевнеш ќе биде објавено во Велестово на Поетската ноќ во 3000 година и на него веќе работи една големо интернационална комисија, која заседава на Небото!
Во исчекување на горенаведената комисија, годината 2000та, завршува со следните настани, кои го одбележуваат натамошниот животен пат на авторот.
Летото по одлуката на Владата на Република Македонија, за именување на Плевнеш за Амбасадор на Македонија во Франција, Шпанија, Португалија и УНЕСКО, заедно со семејството, патуваат на островот Крф, во потрага по античките митови и нивното дејство во балканската сегашност.
Во почетокот на октомври се враќа во Париз со новата мисија, ја отвора самостојната изложба на познатиот македонски сликар Родољуб Анастасов, во галеријата на авенијата Елио на Трокадеро.
Во почетокот на декември, присуствува на изведбата на француската верзија на неговата драма “Почеток на народите”, на Националната сцена во Данкерк.
На 15 декември истата година, во Елисејската палата, се одвива една атипична церемонија, во која некогашниот париски егзилант-драматург, во својство на Амбасадор на Македонија, ги предава акредитивите на некогашниот Градоначалник на Париз, Жак Ширак, кој што присуствуваше на премиерата на неговата пиеса “Р”, во штотуку изградениот театар Силвија Монфор на Монпарнас.
За разлика од сите Амбасадори, кои имаат само по петнаесетина минути, Ширак резервира повеќе од сто минути за новименуваниот Амбасадор на Македонија, третирајќи го како претставник на духовна велесила.
2001.
Започнува подготвоката заљ организацијата на првата официјална посета на Елисејската палата на Претседателот на Македонија, Борис Трајковски, која се одвива на почетокот на март, во исто време кога во селото чие име кое го пренесоа сите светски агенции – Танушевци, започнува воениот конфликт и една од најдраматичните години во новата македонска историја.
На перонот на Елисејската палата, заедно со Катрин Колона, соработничка на францускиот Претседател, ја пишуваат Декларацијата, која Претседателите Трајковски и Ширак ќе ја дадат за агенцијата Франс Прес и ќе ја пренесат светските медиуми. Реченицата која што треба да биде запаментена од овој настан: “Македонија е една, единствена и неделива”.
Во екот на кризата која се разгорува, започнува една пеколно активна година на Плевнеш на сите дипломатски и духовни полиња за акција. Прво во познатиот париски весник Фигаро, го објавува својот текст “Македонија низ четирите парадокси”, што го преземаат поголем број медиуми и е цитиран во различни анализи з европската иднина на Балканот.
Во интернационалната дипломатска академија собира околу триесетина француски писатели и парискиот издавач Едитинтер, ја објавува антологијата “Македонија во срцето”.
Од пристаништето на Марсеј од каде што тргнува бродот “Одисеја на Медитеранот 2001”, се обраќа до европската и светската политичка јавност со монологот “Еврипид по 2500 години”.
На Струшките вечери на поезијата е претставена Антологија на португалската поезија од Камоеш до модерните времиња, со предговор на Плевнеш.
Следуваат предавање на акредитиви во Лисабон, на Претседателот на Португалија Жорге Сампајо и книжевните ходочастија по бесмртните духови на португалската литература и потрагата по мистеријата Фернандо Песоа.
Во Фондацијата Гулбенкијан за прв пат го гледа цртежот на една градба покрај Вардар од која ќе започне пишувањето на драмата “Вечната куќа”.
Во Кралската палата во Шпанија, каде што патува заедно со сопругата Лилјана и синовите Константин и Илија, ги предава акредитивите на неговата екселенција, Кралот Хуан Карлос и посетуваат поголем број знаменитости, помеѓу кои и родната куќа на Сервантес, авторот на Дон Кихот и местото каде што на Каса Дел Кампо, за време на граѓанската војна во Шпанија е убиен македонскиот надреалист Ганчо Хаџипанзов.
Во неговот екслкузивно интервју за француската телевизија, ја резимира годината 2001 во македонската историја и на светски план со терористичкиот акт на Кулите близначки во Њујорк, во септември истата година, цитирајќи еден богомилски апокриф, бидејќи во тој период, заедно со своите браќа Владо и Љубе Цветановски, го пишува сценариото за филмот “Тајната книга”: “Дали Господ ја дал Земјата на Ѓаволот под кирија и за колку време”.
2002.
Во знакот на сто годишниот јубилеј на весникот “Македонско движење” (Le Mouvement Macedonien), кој излегувал во Париз на булеварот Распај и улицата Турнфор, во текот на две години пред Илинденското востание, покренат од Борис Сарафов, а уредуван од Симеон Радев и Владимир Робев, Амбасадата на Македонија подготвува една интернационална свечена академија, на која настапува Симон Трпчевски, а примадоната Милка Ефтимова ги интерпретира песните на македонските Евреи.
Заедно со Зоран Тодоровски од Архивот на Македонија, го подготвуваат библиофилското издание со сите броеви на овој весник и присуствуваат на торжествената церемонија, во која Бутрос Гали и Роберт Бадантер ја откриваат мермерната плоча на тој сто годишен чин на македонскиот сон за припадност кон европската цивилизација.
Започнува снимањето на филмот “Тајната книга” во Македонија, во кој учествува големото име на светскиот филм Жан Клод Кариер, заедно со еден од најпознатите француски актери Тијери Фремон, а директор на фотографија е Тијери Арбогаст.
Издавачката куќа L'espace d'un instant, го објавува второто издание на драмата Еригон на француски, со предговор на легендарниот дух на француската книжевност Жак Лакариер.
Истото лето Еригон е претставен во Антологијата на драмата од Медитеранот до Црното Море, и Силдаф театарот, во режија на Доминик Долмие, ја презентира на фестивалот во Авињон.
На Сорбона се организира книжевен собир по повод сто годишнината од Пјер Беарн, големото име на француската поезија, кој што е нераскинливо поврзан со Македонија и Плевнеш држи беседа за херојот на документарниот филм “Македонската книга на живите”, во кој ја претрча целата историја, од Антика до денес.
2003.
Театарот Молиер во Париз организира портрет на Плевнеш, по повод неговиот педесетти роденден, на кого пред преполната сала говори Жак Лакариер и повеќе француски актери, на чело си Тијери Фремон, презентираат делови од неговите драми, придружени од оркестарот Зелено злато, кој го предводи заљубеникот во балканската музика, јапонецот Пол Такаши.
По одлуката на Европскиот парламент за прогласување на преспанското езеро за Меѓуграничен европски парк, помеѓу Македонија, Грција и Албанија, заедно со француски и европски интелектуалци и со поддршка на тогашниот Министер за култура на РМ, Благој Стефановски, формиран е Интернационалниот театарски фестивал “Актерот на Европа”, кој што ќе стане една меѓународна сцена на вреднувањето на Актерот како Spiritus – Movens на театарот и неговото место во историјата.
По повод сто годишнината од книгата “За македонцките работи” на Мисирков, издавачката куќа Култура од Скопје, со предговор на Академик Георги Старделов, ја објавува драмата “Последниот ден на Мисирков”, која е посветена на неговиот внук Сашо Цветановски (1969-2003), кој штотуку мистериозно заминува во вечноста истата вечер кога во Табернакул се организира едновечерна изложба на портретот на Родољуб Анастасов на Плевнеш.
На Илинден 2003 година, по повод 100 годишнината од Илинденското востание, во Дневник, во 100.000 примероци, како посебно издание е објавена “Антологија на македонската политичка мисла”, со предговор од Јордан Плевнеш.
На 3 септември 2003 во Париз, умира неговиот долгогодишен пријател, грчкиот прогонет мит Елијас Петропулос (1928-2003) и Плевнеш се обраќа пред присутните на крематориумот во Пер Лашез, со беседа која до ден денес се пренесува помеѓу Европа и Балканот, за човекот чие што импресивно дело оствари светско влијание во одбраната на духовната вечност. Целиот грчки печат и електронските медиуми го пренесуваат говорот на Плевнеш и тој добива писмо од Благој Ханџиски, во кое тој пишува “Ова е единствен ден во кој сум горд што сум Амбасадор на Македонија во Атина”.
Во ноември патува во придружба на Претседателот Трајковски во главниот град на Либан Бејрут, на интернационалниот самит на франкофонијата. Тоа е втора средба помеѓу Трајковски и Ширак.
Во неговата свест ќе остане врежана средбата Трајковски-Рашит Харири, кои од една од највисоките градби во Бејрут, го гледаат пејсажот на седумнаесет годишната либанска војна. Харири на прашањето на Трајковски “Зошто е светот постојано разоруван”, одговара “Претседателе, гледајте го Бејрут, во седмунаесет години војна, многу градби беа претворени во пепел, но на ниедна од либанските банки не беше скршен ни еден прозорец”. Таа ноќ ќе остане запаметена за сите нас дека Трајковски по чорапи играше во еден ноќен клуб во Бејрут, со неизгасливата светлина во неговите очи, кои веруваа дека светот е создаден за љубов. По само неколку месеци од дијалогот што Плевнеш го следи како чирак-трагичар, ќе се случи историската разврска, Трајковски ќе загине во авионска несреќа, а Харири ќе биде убиен на улиците на Бејрут.
По двегодишна реконструкција во која Плевнеш ги вклучува сите македонски иселеници во Франција, свечено е предадена Амбасадата на Република Македонија во Париз, на улицата Фезандери, во 16 арондисман, еден познат француски новинар, кој поминува покрај Амбасадата, му вели “сега Македонија има Амбасада достојна на нејзиното име”.
Лондонски Букселер, објавува есеј на Херберт Лотман за неговата книга “Историјата на левицата во Париз”, каде Плевнеш зборува за македонските идеалисти.
2004.
Во јануари започнува со подготовката на државната посета на Претседателот Трајковски на Португалија, каде што е примен од Претседателот Сампајо и тогашниот Премиер Баросо, во организација на Почесниот Конзул на Македонија во Португалија, Педро Кудел, каде што целиот цут на португалската културна и економска интелигенција, ќе биде собран на едно место за да го поздрави македонскиот Претседател, а во име на домаќините ќе се обрати бесмртниот Васко Граса Моура, кој што подоцна ќе го понесе признанието Златен венец на Струшките вечери на поезијата.
На 26 февруари, во Амбасадата на Република Македонија стигнува веста за трагичната смрт на Претседателот Борис Трајковски. Тој се сеќава на неговата посвета и зборовите на Мартин Лутер “И да знам дека утре ќе биде апокалипса, јас ќе засадам јаболкница во мојата градина”.
Во списанието на францускиот ПЕН, ја објавува својата статија за растајнувањето на светската историја и за односите помеѓу книжевноста и дипломатијата.
Патува во Сенегал и во Буркина Фасо, на интернационалниот самит на франкофонијата, а во Македонија ги организира Деновите на глобалбата Франкофонија.
Во Париз умира Жак Селер, режисерот на “Р”, митска фигура на францускиот театар, кој играл заеднос со Жерар Филип и Жан Вилар. Ги поставил на сцена Пикасо, Робер Пенже, Бекет, Рејмон Кено.
Во Париз е осветена првата македонска црква Св. Кирил и Методи.
Со францускиот писател Дени Тилинак, патуваат во францускиот регион Корез и во декември 2004 ги започнува прошталните посети во УНЕСКО, Португалија и Шпанија.
Во македонската Амбасада, цела плејада на француски творци од областа на театарот, книжевноста, филмот, ликовните уметности, доаѓаат по повод церемонијата за крајот на неговиот амбасадорски мандат.
Ќе остане врежана реченицата на Претседателот на францускиот Сенат “Г-дине Амбасадоре Плевнеш, за време на Вашиот мандат, Вие ја македонизиравте Франција”.
2005.
Со повторното пронаоѓање на слободата започнува неговиот две годишен ангажман како интернационален советник во Бирото за стратешко планирање на УНЕСКО и Потпретседател на асоцијацијата за Дијалог помеѓу Цивилизациите.
Македонскиот режисер Димитар Станковски, како копродукција помеѓу Драмскиот театар и францускиот театар Ефемерид, ја поставува драмата “Последниот маж, последната жена”, со македонски и фарнцуски актери, чија што премиера е изведена во парискиот театар Дариус Мијо. Подоцна претставата ќе гостува во повеќе градови во Франција и Македонија, а во септември, претставата е селектирана на Интернационалниот театарски фестивал во Каиро, Египет. За време на фестивалот Константин Плевнеш, го реализира филмот “Последниот маж, последната жена во Каиро”, кој е всушност естетички тестамент на режисерот Димитар Станковски.
Во Париз, кон крајот на годината излегува романот “Осмото светско чудо”, во издание на Table Ronde-Gallimard.
2006.
По различните одгласи во поголем број на француски медиуми и книжевни списанија, на Сорбона се организира меѓународен симпозиум, посветен на романот “Осмото светско чудо”, со кого претседава Херберт Лотман, а учествуваат врвни имиња на француската и светската книжевна критика и историја.
Започнува презентирањето на филмот “Тајната книга” низ различни центри на Европа и во мај филмскиот критичар на Гардијан, Фијакра Гибонс, пишува дека филмот Тајната Книга е позначаен за европската историја, отколку фикцијата Кодот на Да Винчи, која што нема ништо заедничко со митските кодекси на европската цивилизација.
Портрет на Плевнеш е организиран во повеќе градови на Корзика, помеѓу Ајачио и Бастиља. Во Јапонскиот културен центар го држи своето предавање “Македонија од Александар до денес низ 33 точки”, кое е објавено во париското списание Troisieme civilisation.
Во Лапидариумот, пред куќата на Робевци, Академик Георги Старделов, го промовира македонското издание на “Осмото светско чудо”.
Народниот театар од Битола, ја изведува претставата според истоимениот роман, во режија на Владо Цветановски.
Во Македонија се организира Меѓународна Севрноамериканска-Македонска Конференција на која се поканети најзначајните имиња на американските универзитети, а специјален гостин на конференцијата е критичарката на Њујорк Тајмс, Карен Малпед, која зборува на тема “Среќата е нова идеја во Европа на Плевнеш во светски контекст”.
2007.
Во Охрид е востановена Светската награда за хуманизам, која ги продолжува традициите на Свети Климентовата средновековна школа на хуманизмот и инетрнационалното жири, што го претседава Плевнеш, ја доделува првата Светска награда за хуманизам, на будистичкиот филозоф од Јапонија, Даисаку Икеда.
Во Април заедно со Лилјана Плевнеш и претставници на градот Охрид, патуваат во Токио, каде што во амфитеатар со 6000 студенти, со беседа за Икеда, Плевнеш му ја врачува Светската награда за хуманизам и од тогаш започнува една голема одисеја на поврзаност со јапонската цивилизација, а јапонскиот дневен весник Саику Шимбу, кој излегува во милионски тираж, објавува духовен портрет за Македонија – земјата на хуманизмот.
Плевнеш го остварува своето историско патување во Куба во мисија на УНЕСКО, и го организира уметничкиот перформанс “Дијалог на цивилизациите, помеѓу Латинска, Централна и Северна Америка”. Домаѓинка на настанот е познатата кубанска поетеса Ненси Морехон, добитник на Златен Венец на Струшките вечери на поезијата.
Во Скопје, во Кинотеката на Македонија, во присуство на голем број на значајни имиња на европската, француската и македонската образовна и културна елита, со обраќање на Министерот за образование и наука Сулејман Рушити, во присуство на Претседателот на париската ЕСРА, Макс Азуле и Амбасадорот на Франција во Македонија, Бернар Валеро, формиран е Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк.
На 19 октомври во Скопје, во Католичкиот храм Пресвето Срце Исусово, во присуство на Архиепискот на МПЦ, Г.Г. Стефан и Католичкиот Бискуп Киро Стојанов, промовиран е македонскиот превод на најголемата светица на модерните времиња, Св. Тереза на Детето Исус, под наслов Историја на една душа, во превод на Лилјана Плевнеш, која го понесува највисокото признание за превод на спиритуално дело “Архиепископ Гаврил”.
Во декември, во Линколн центарот во Њујорк, го организира концертот Дијалог на цивилизации, на кој што учествуваат македонските уметници Борис Трајанов и Драган Даутовски.
Прогласен е првиот Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Маноел Де Оливеира, доајенот на португалската и европската кинематографија.
2008.
Плевнеш го пишува познатиот текст “Македонскиот јазик во глобалниот свет”, во годината која е прогласена за Година на македонскиот јазик. Книгата во која учествуваат најзначајни претставници на македонистиката од кај нас и од Светот, е преведена на повеќе светски јазици и презентирана во европските и светските метрополи.
Универзитетот ЕСРА, во режија на Владо Цветановски, го изработува истоимениот документарен филм, во кој се следи историјата на македонскиот јазик, од средновековните ракописи на кирило-методиевската традиција до денес.
Заедно со Димитар Мирчев е иницијатор на објавувањето на книгата “Европа нашиот заеднички дом”, од Жан Моне, таткото на Европа, во превод на Лилјана Плевнеш, која се печати во тираж од 40.000 примероци, со дневниот весник Време.
Во Охрид Плевнеш го основа Францускиот Филмски Фестивал, кој што ќе стане исклучителна трибина за презентација на француската кинематографија во Македонија и Југо-Источна Европа и каде што околу стотина француски синеасти во годините што ќе следат, ќе ја откријат Македонија како ексклузивна дестинација. Прв гостин на фестивалот е големото име на францускиот филм, оскаровецот Клод Лелуш, кој што во исто време станува и Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности.
Истата година, со Декрет на Претседателот на Франција, Министерот за култура на Франција, го одликува Плевнеш со едно од највисоките одликувања на Франција “Officier de l’ordre des arts et des lettres”.
2009.
Долгогодишниот пријател на Плевнеш, легендата на француската уметност, Шарл Азнавур, доаѓа во неколкудневна посета а Македонија и ја добива Златната маска за животно дело на Францускиот Филмски Фестивал, а прогласен е и за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности.
Оскаровецот Јиржи Менцел е гостин на Универзитетот и се воспоставува духовен мост помеѓу Прага и Скопје со циклусот на филмови од ова име кое ја одбележа европската кинематографија.
Охридската Академија на Хуманизмот го прогласува нобеловец Александар Солженицин за трет добитник на Светската Награда за Хуманизмот. Истата година Солжеицин почина и наградата Плевнеш и ја врачува на неговата сопруга Наталија Солженицина во Москва.
Патува на седмата Северноамериканска-Македонска конференција во САД, каде што на Универзитетот во Солт Лејк Сити во Јута, зборува на тема “Македонскиот театар во Америка” низ призмата на неговите три драми играни во Америка “Р”, “Среќата е нова идеја во Европа” и “Падот на Ками”.
Почесен гостин е на филмскиот институт во Лос Ангелес каде воспоставува меѓу-универзитетска соработка со оваа врвна институција.
Гостин е на театарот Миранда во Њујорк, каде одржува предавање на тема “Историјата и театарот во мојот живот”.
Во почетокот на ноември, еден од најтиражните дневни весници La Croix, го објавува неговиот текст “Балканот 20 години по падот на Берлинскиот ѕид”.
Во Скопје, во организација на МАНУ, Институтот за македонска литература и Универзитетот за аудиовизуелни уметности, се одржува Интернационален симпозиум “Осмото светско чудо во знакот на 20 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид”, каде учествуваат петнаесетина имиња од целиот свет и е објавено видео од истоимената претстава во режија на Владо Цветановски, а во изведба на Народниот театар од Битола.
2010.
Со прогласувањето на Рави Шанкар, легендарниот ситарист од Њу Делхи, за добитник на Светската награда на хуманизмот, Плевнеш ја воспоставува духовната трансферзала помеѓу Македонија и Индија.
Боро Драшковиќ, неповторливиот дух и четврти брат на смејството Плевнеш, во чија што класа, на Академијата во Нови Сад, дипломираше Владо Цветановски, доаѓа во посета на Македонија и го презентира речникот на светскиот театар, каде што на буквата “Р” пишува есеј за неговата поврзаност со Македонија. Истата година е прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот.
Во едицијата Плеади на Струшките Вечери на Поезијата, објавена е книгата “Во срцето на светот” од Жан Пјер Симеон, еден од најзначајните поети на модерната француска поезија, со препев и предговор на Јордан Плевнеш.
На Универзитетот во Познањ, Полска, учествува на Меѓународниот симпозиум “Културната географија на Европа”.
Го организира интернационалниот форум “Балканот и Европа”, посветен на Никола Бувие и го објавува опсежниот предговор за македонското издание на неговата митска книга “Употребата на светот”, на еден од неговите најголеми книжевни пријатели.
2011.
Во Охрид за добитник на Светската Награда за Хуманизам прогласен е режисерот од светски глас Питер Брук. На свечената церемонија во Куќата на Уранија, прикажан е документарниот филм, чиј автор е Плевнеш, на една од највозбудливите авантури во светската уметничка историја.
Ги поканува во Македонија неговите духовни браќа Жан Клод Кариер, со кого поминува подолги години во снимањето на филмот “Тајната книга”, Абдулах Сидран, со кого е поврзан уште од неговата младост и Мики Манојловиќ, култниот балкански актер, кои стануваат дел од плеадата на почесни доктори на Универзитетот.
Ја објавува поетската книга “Уби поезија, иби патрија”.
Во Париз, како што Данте го нарекува “универзална татковина на духот” го покренува Фестивалот на Југо-Источна Европа “SEE a Paris”, во кој што преку филмот, музиката и литературата, ги обединува 12те земји на овој регион, познат по своите недоброј трагедии во минатото, кои Плевнеш сонува да ги види како носители на идејата дека убавината може да го спаси светот. Овој настан како што изјави Академик Владимир Величковиќ, е доказ дека од Балканот може да произлезе нешто ново.
2012.
Во едицијата Плеади на Струшките Вечери на Поезијата, објавена е книгата “Земјата не е тркалезна” на Франсис Комб, со предговор и препев на Јордан Плевнеш.
Хрватскиот драматург Слободан Шнајдер, како едно од најзначајните имиња на модерната европска драматургија, прогласен е за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности.
Во Стоби пред неколку илјадната публика Драмскиот театар од Скопје, во режија на Владо Цветановски, ја прикажува претставата “Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот”.
Присуствува на 25 годишнината од Светската конфереција Magna Charta Observatory во Болоња, каде што остварува средба со Умберто Еко. Патува во Фиренца и Падова.
На 23 Октомври сосема неочекувано во само еден миг отпатува во Вечноста неговиот брат Владо Цветановски.
2013.
Во Охрид одржува беседа по повод Светската Награда за Хуманизам, доделена не германската нобеловка Херта Милер.
Како што напиша во предговорот на книгата “Патуваме - сонуваме” на Љубе Цветановски, слично на романот на Жил Верн “Пат околу светот за 80 дена”, Јордан Плевнеш во 80 дена го губи и вториот брат, Љубе Цветановски, кој починува на 4 февруари.
Во Скопје доаѓа едно од највозвишените имиња на балканската театарска магија, Александар Морфов, кој е прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот.
На Филолошкиот факултет во Скопје е одбранета магистерската теза на Анита Димитријовска Јанкуловска, со наслов "Социолошки и комуникациско - теоретски аспекти во драмскиот текст (компаративни паралели меѓу творештвото на Јордан Плевнеш и Харолд Пинтер).
На покана на Плевнеш, гостин на театарскиот фестивал Актерот на Европа е славната шведска актерка Ана Патерсон од театарот Стринберг во Стокхолм.
На белградскиот саем на книгата, интернационалното жири за Меѓународната награда АРКА за најдобро уметничко дело објавено меѓу два Саеми, едногласно одлучи ова високо признание да го додели на романот "Осмото Светско чудо" на македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш.
Со праизведбата на пиесата “Вечната куќа” на Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, пишувана во текот на 12 години и која што беше избрана на Анонимниот конкурс на Министерството за култура на Македонија, се отвора новата зграда на Македонскиот Народен Театар.
2014.
Бугарскиот академски сликар Светлин Русев е добитник на Светската Награда за хуманизам. На свечената церемонија во Охрид, на која што се обраќаат Лилјана и Јордан Плевнеш, се случува еден возвишен чин на Свети Климентовата чудотворност и поврзување на духовните светови помеѓу Македонија и Бугарија.
Гостин на фестивалот Актерот на Европа е неповторливиот Раде Шербеџија.
Во Софија, Плевнеш е добитник на највисокото признание на Министерството за култура на Бугарија, “Св. Кирил и Методи – Златен век”.
На фестивалот Експонто во Љубљана, ја претставува неговата нова драма “кирил и Методи – 11 векови подоцна”.
Патува во Москва на Интернационалниот Форум во кој учествуваат над 200 книжевни дејци и научници од сите континенти. Форумот се одржува во Конгресниот Центар на Претседателот на Руската Федерација, е на тема “Руската литература во светски контекст” и е организиран од Фондот Достоевски.
2015.
Добитник на Светската Награда за Хуманизам е претседателот на Интернационалниот ПЕН, Џон Ралстон Сол од Канада, еден од најзначајните интелектуалци на модерните времиња, за кого Плевнеш одржува свечена беседа.
Патува во Берлин, каде што на покана на Универзитетот во Хумболт ќе се одржи првото издание на Фестивалот на Југо-источна Европа, SEE in Berlin.
На 14 март, на познатиот саем на книгата во Лајпциг, промовирано е германското издание на неговиот роман “Осмото светско чудо”, во издание на Leipziger Literaturverlag.