Разговараше Злате Лозановски
ПН: Досега, не сум миленик на ниедна власт ниту, пак, сакам да бидам, вели големиот сонувач на Македонија, поет, драмски писател, амбасадор и ректор, кој зборува за културните мрежи меѓу народите, за односот помеѓу државата и поединецот, за слободата и духовната и историја, за заедничкото право на европското културно наследство
Тезата дека писателот цел живот пишува една книга, кога е во прашање Вашето творештво може да се дополни со впечатокот дека пишувате на една тема: Македонија (секако, тоа го надминува значењето на изразот „тема“, дури и да е сфатен во најширока смисла). До кога овој „лик“ ќе Ви биде инспирација, двигател и главен носител на дејството, не само во драмите, филмските сценарија и во поезијата?
Нема побогат речник на светот од енциклопедискиот речник на нашето срце, велеше Данило Киш, при нашите средби во париските книжевни сврталишта на левиот брег на Сена. На секоја буква, на секој број, на секој ден, на секој миг, ќе најдете нешто што може да ви го откорне срцето. Останатото е литература. Еве, на пример, сосема случајно денешниот ден, 13 јуни 2012 година, кога го водиме овој разговор, нè потсетува на еден друг 13 јуни, пред седумдесетина години, на планината Лопушник, меѓу Кичево, Охрид и Медитеранот, убиен е по грешка, во еден македонско-македонски рулет, како нова форма на ликвидација во серијата политички убиства, корифејот на македонската модерна, Кочо Рацин. За него, академик Спасов напиша: „Поезијата е живот. Кочо Рацин даде живот за живот“.
Имено, Рацин е автор на една од најубавите дефиниции на темата Македонија: „Песната е молитва за Македонија и огледало на нејзината душа!“
Таа Македонија, на тој антички херој на новото време, се појави во мојата рана книжевна младост, токму како главниот принцип на античката трагедија, дека уметноста му е должна на секој човек посебно. Таа интерконтинентална и раселена Македонија беше тема во мојата прва пиеса „Еригон“, пишувана на париските гробишта „Пер Лашез“, помеѓу гробовите на Џим Морисон и Амадео Модилјани. Со кучето Canis Lupus Macedonicus, што претрча 3.000 години за да биде егзекутирано на Европскиот конгрес на кучешките права и слободи, во почетокот на 20 век, јас, всушност, се обидов да ја пополнам празнината меѓу историјата и уметничкиот збор, кој не може ништо да промени во стварноста. Македонија остана и до ден-денес во сите мои драми, изведени во педесетина земји во светот, во сите мои книги и во сите авторски текстови објавувани од „Монд“ и „Фигаро“, па до „Гардијан“ и „Њујорк тајмс“, како жив доказ дека таа не е само земја, туку е и идеја за хуманизација на Балканот.
Оскар Вајлд велеше „една идеја не може да биде наречена идеја ако не е опасна“. Јас пишувам за Македонија како за опасна идеја и затоа мојата последна поетска книга носи наслов „Уби поезија, иби патрија“, или, каде што е поезијата, таму ти е татковината. Таа продолжува во една единствена улица што Гете ја нарекува светска литература.
Таканареченото „македонско прашање“ со децении, па и со векови, останува отворено и им одолева на сите промени - глобални, локални, културни, политички... Зарем е толку тешко да се затвори, што сега сите, со сите сили, настојуваат не да се најде вистинскиот одговор, туку да го нема ни прашањето?
Ниедно прашање во светската историја не е затворено. Во записите на Стефан Цвајг читаме дека односот меѓу уметноста и стварноста е таков што секој уметник, независно на кој континент создава и на кој од шесте илјади светски јазици пишува, загрозуван е од феноменот на човекот, како „политичко животно“, според Аристотел, или како збир од политички животни, наречен човештво. Поделено во идеолошките, религиозните и во социјално-политичките граници, кон кои се додава и најновата тиранија на глобален план, што Албер Ками ја нарекува „тиранија на парите“, човештвото, дури и во ерата на глобализацијата, не може да се ослободи од анахроните прашања што ја создаваа сликата на вчерашниот свет. Имено, ако погледнете на Балканот, ниедно таканаречено историско прашање не е затворено: „српско прашање, бугарско прашање, романско прашање, албанско прашање..., а за грчкото прашање и да не зборуваме“.
Замислете, не е решено дури ни европското прашање на стариот континент, што некои го нарекуваат лулка на светската цивилизација, во својата книга „2800 години на Европа“, Дени де Ружмон се прашува како е можно Европа толку време да се бара, а да не може да се најде. Ако кон ова се додадат и сите други прашања од руското, до индиското и кинеското, всушност, ќе видиме дека не е решено дури ни планетарното прашање, кое се однесува на 7 милијарди човечки суштества во жестоката неизвесност наречена живот.
За да се вратам на македонското прашање, ќе го наведам интервјуто на Даме Груев во „Black Wood’s Magazine“ од 1905 година, непосредно пред неговата смрт. Имено, на новинарското прашање: „Што ќе правите сега кога сите надежи за Македонија се изгубени“, тој одговорил: „И на тој век таму ќе направиме Подземна Република“.
Со години декларираме – од тоа не се исклучени политичките елити, напротив – дека културата е единственото што може да го понудиме и дека е таа нашето најсилно оружје во борбата за опстанок. Но, практиката го покажува токму спротивното: никако да ја изработиме постојано најавуваната долгорочна културна стратегија. Што, според Вас, државата треба и мора да поддржи во домашното творештво и како тоа да му го претстави на светот во вистинско светло?
Последниве две до три години, низ различни европски метрополи, се цитира мислата на Гебелс: „Кога ќе го слушнам зборот култура, јас се фаќам за револверот“. Во Европа, како нерентабилен континент на културен план, масовно се редуцираат културните субвенции, а во повеќе новоформирани влади нема ни министерство за култура. Вистинско чудо е што во Република Македонија се снимаат во исто време повеќе играни филмови, се издаваат капитални книжевни едиции, во областа на сценските уметности се осваруваат голем број проекти, се градат нови театри, со еден збор, државата дарежливо ја стимулира културната креација. Што се однесува до долгорочна културна стратегија, големиот шпански поет Рафаел Алберти, со кого имав привилегија да се дружам низ повеќе европски метрополи, ми велеше дека никој не може да предвиди долгорочно каде ќе се роди новиот Сервантес. Замислете, толку милиони луѓе во светот зборуваат и пишуваат на шпански и сосема неочекувано во малата Андора, која има само неколку илјади жители, може да биде напишан новиот Дон Кихот или кога Моцарт го фрлаа во гробницата за сиромашни, никој не знаеше дека по два века неговиот череп ќе биде продаден на аукција за 5 милиони долари. Значи, со еден збор речено, уметноста е божја работа и таму не помага ниедна долгорочна стратегија. Таа ги збогатува само илузиите на медиокритетите дека и тие се дел од вечноста, а вечноста е долга работа, како што велеше Кафка, особено при крајот.
Со Вашите драми, сценарија, со проектите, како што се фестивалите „Актерот на Европа“, кој десет години се одржува на Преспанското Езеро, Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа „SEE a Paris“, како и со личните контакти, се обидувате да креирате и да испратите слика за Балканот како културно средиште на Европа. Има ли надеж дека ќе се смени нешто, прво, во самиот овој простор, а потоа и во неговото восприемање како „буре барут“, „пијана крчма“, како синоним за трагедии, особено по крвавото распаѓање на СФРЈ и по актуелните слики на насилство во телевизиските извештаи?
Пред дваесетина години, помеѓу Париз и Женева, веднаш по смртта на Хорхе Луис Борхес, кој велеше дека самиот рај го замислува како голема библиотека, имав среќа да го сретнам големиот книжевен авантурист Никола Бувие, токму во прекрасната Универзитетска библиотека во Женева, каде што татко му бил долгогодишен директор. Во неговото исклучително дело „Употребата на светот”, тој ја даде прекрасната дефиниција за Балканскиот Полуостров - дека „Балканот е срцето на Европа“. Таа мисла стана духовно гесло на мојата Балканофилија, токму во времето на крвавите војни на просторите на поранешна Југославија, во која беа откриени 426 масовни гробници на етничко чистење. Таа реченица на Бувие ја пренесов низ сите балкански метрополи и сакав да ја претворам идејата за историските трагедии на Балканот во естетичка трансверзала. Затоа таа историска духовна и физичка дисциплина можеме да ја наречеме „Балкански нашизам“ или Balkan Togetherness in United Europe.
Постојано се навраќате на минатото (средниот век во филмот „Тајната книга“, антиката во драмата „Еврипид се враќа на Балканот“...), но за да ги покажете и докажете заедништвото, континуитетот, делата што ги спојувале народите и поединците. Како се случи таканаречената антиквизација, враќањето на Александар во Скопје, да ја подели македонската јавност?
Движењето за откривањето на античка Европа е присутно секаде во европските метрополи. Во Ирска и во Бретања се слават Келтите, меѓу Париз и Берлин, меѓу Брисел и Лондон, се објавуваат во милионски тиражи приказните за грабнувањето на Европа од античкиот лавиринт кој би можел да биде жива книга на заедничката европска меморија. На моите предавања на европските и на американските универзитети честопати спомнував дека Македонија има најмногу амфитеатри по глава на жител. Не случајно Балканот е нарекуван Europa Prima, Европа, како што е познато, е родена на Балканот. Најстарите хроничари го нарекуваат Филип II најмоќниот крал на Европа. Значи, нема никаква потреба да се дели македонската јавност, бидејќи сите балкански трезори врзани за античкиот период се заедничко европско наследство, вклучувајќи го и враќањето на Александар во Скопје. Александар е светски феномен. За ниедна личност во светската историја не се напишани 2.000 монографии на сите светски јазици. Во таа смисла, тој е присутен насекаде низ светот и нормално е да биде присутен и во Скопје. Сега ќе ви откријам една тајна, доајенот на француската театарска критика, Андре Камп, во еден свој есеј во париското списание „Avant Scene de Theatre“, пишува пред петнаесетина години: „Зошто е очајно празен големиот плоштад во Скопје, кога оваа земја има историја во изобилие, дури и за извоз?“
Ваша ќе биде првата драма, „Вечна куќа“, што ќе биде поставена на сцената на новиот (новата зграда) Македонски народен театар. Текстот победи на конкурс, но поттекстот го наметна прашањето: Дали Плевнеш е миленик на актуелната власт и, воопшто, колкав е придонесот на политичарите во создавањето „Summa Plevnesiana“?
Чувал Господ досега, не сум миленик на ниедна власт ниту, пак, сакам да бидам. Бакуњин велеше: „Државата е безумна апстракција“, само луѓето во неа внесуваат ум, ако го имаат. Во таа смисла, јас сум почестен со оваа епохална можност што му е укажана на моето дело и што жири-комисијата, со која претседаваше академик Георги Старделов, а во која членови беа академик Луан Старова, проф. д-р Јелена Лужина, актерот Петар Темелковски и режисерот Дејан Пројковски, го избра анонимно доставениот текст под шифра Свак 11-6413/12. Неверојатно е, но драмата ја раскажува историјата на една куќа покрај Вардар, подигната во 1492 година, а за која се појавуваат 17 сопственици. Пишувањето на овој текст го започнав пред повеќе од една деценија, во мојата париска мансарда, кога воопшто не знаев дека ќе се гради зградата на новиот театар покрај Вардар. Што се однесува до „Summa Plevnesiana“, тоа е едиција во која се предвидени теориски истражувања на моето творештво од повеќе светски книжевни имиња и која се реализира без никаква институционална поддршка. Блиска ми е мислата на Казанѕакис: „Ништо не очекувам, од ништо не се плашам, јас сум слободен“.
Пред пет години го основавте и ректор сте на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, каде што има студенти од повеќе земји, гостуваат еминентни предавачи од светот. Што има ЕСРА, како приватен проект, од големата амбиција на државата да даде максимум во образованието, како шанса за излез од кризата?
Честопати, низ моите долги години странствување, си мислев сиот духовен капитал што сум го стекнал во светот да го подарам како интимно наследство на младите генерации во Македонија и на Балканот и така, сосема случајно, во мемоарите на Томас Џеферсон, една од моите најомилени историски фигури, прочитав: „Поважно е да формираш универзитет, отколку да бидеш претседател на Соединетите Американски Држави“. Оваа година ние ќе го прославиме петгодишниот јубилеј на овој Универзитет, единствен од ваков вид во Југоисточна Европа, во чии рамки функционираат пет факултети со катедри што нудат единствени образовни можности за дефицитарни кадри во аудиовизуелните уметности.
Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк стана образовен бренд, за него се пишува во голем број светски метрополи, тој им ја доближи македонската историја и култура на уметничките легенди кои станаа Doctor Honoris Causa на нашиот Универзитет, како што се, Маноел де Оливеира, Шарл Азнавур, Код Лелуш, Мики Манојловиќ, Абдулах Сидран, Слободан Шнајдер, Јиржи Менцел...
Нашите две генерации дипломирани студенти освојуваат врвни меѓународни признанија и се активен чинител на доблестите на македонското високо образование и културен живот.
Универзитетот ЕСРА, во текот на своето петгодишно постоење, нема добиено никаква материјална поддршка од соодветните државни институции. Водиме секојдневна битка, внесуваме и донкихотска енергија за да докажеме дека никаде во светот нема предзнак приватно или државно образование и дека шансите за стимулирање и за поддршка на образовните установи треба да бидат исти за сите.
Се обидовте да го смените медиумското едноумие, го објавивте првиот независен дневен весник „Република“, во 1991 година. Тој згасна по 163 дена (сега по него ќе биде крстена улица), според Вас, поради силниот отпор на оние што денес се претставуваат како демократи. И покрај сите промени, вклучувајќи ги и гарнитурите на власт, македонските медиуми останаа под строга контрола. Кој сега ја задушува слободата на новинарството?
Кога го укинаа „Република“, како прва ластовица на македонската политичка пролет, во март 1992 година, и кога Форумот за слобода на информирањето одржа митинг пред Собранието на Република Македонија, со обезбедување од над 600 полицајци, јас го прочитав мојот текст „Слобода на печатот или смрт“, а под тој текст се потпишувам и денес. „Демократијата е секојдневен државен удар“, тоа е геслото на модерната светска мисла. Ниедна влада не им подарува слобода на медиумите, слободата треба да се извојува. Ако ме прашувате кој сега ја задушува слободата на новинарството, јас ќе ви одговорам, во оваа година, кога се слави 300-годишнината од раѓањето на Жан Жак Русо, со неговата мисла изречена тогаш, а како да е кажана сега: „Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови“. Се сеќавате, во славниот роман на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“, реченицата „секоја власт е насилство над народот“ ни изгледаше дека му припаѓа на минатото. Подоцна утврдивме дека таа длабоко се вгнездува во иднината. Геслото на европската и на светската 1968, повторно станува актуелно и таа е мојата порака до задушените новинари и до нивните задушувачи: „Да бидеме реалисти, да го бараме невозможното“.
Сметате ли дека Европа, и покрај сè, е единствената среќна идеја за Македонија?
Македонија е Европа во мало. Се сеќавам, за време на трагичните денови на кризата во 2001 година, францускиот весник „Ла Круа“ објави текст под наслов „Македонија или загрозениот европски идеал“. Кога дојде да ме интервјуира францускиот новинар, ме праша што пишуваш сега, а јас му кажав дека ја пишувам драмата „Еврипид се враќа на Балканот“, која ќе биде премиерно изведена ова лето на Фестивалот на античката драма во Стоби и на „Охридско лето“, во изведба на Драмскиот театар и во режија на Владо Цветановски. Имено, во драмата го следиме враќањето на Еврипид во Македонија, кој умрел 406 г.пр.н.е., прогонет од атинската демократија, во македонското село Аретуса, денешен Маслар, каде што ја напишал својата последна трагедија „Архелаос“ или „Почетокот на народите“, по која безуспешно ce трага повеќе од 25 века. Значи, Македонија ѝ е на Европа местото каде што ce изгубил Почетокот на народите. Затоа Европа треба да ја чува како драгоценост. Co оглед на фактот што современата цивилизација е обземена од „крајот на историјата“, таа не ќе знае како да си го објасни токму тој Крај, ако безуспешно го изгубила Почетокот на народите.