Моите браќа исчезнаа во 80 дена, Жил Верн има роман „Пат околу светот за 80 дена“, јас го поминав тој пат на интимната трагедија на губењето на моите браќа и пиесата ќе им ја посветам ним, на моите браќа Љубе и Владо
Не го крие задоволството кога ќе го наречат балканофил. Тоа и го оправдал со својата мисија во последните десетина години, па се обидува да го спои Балканот внатре, но и со Европа. Јордан Плевнеш нема најдобро мислење за границите од каков било вид. Фестивал на францускиот филм, фестивал на актерот „Преспа“, „СЕЕ во Париз“, Охридска академија за хуманизам, ЕСРА се само дел од манифестациите во кои тој ја вдахнува својата љубов кон уметноста, културата и љубовта меѓу луѓето. Еден од најпоставуваните драмски писатели надвор од земјава ќе остане впишан во историјата дека токму со негов текст ќе биде отворена новата зграда на Македонскиот народен театар.
Kако се роди „Вечната куќа“? Ја пишувавте наменски или ја творевте подолго?
- Сe` почна пред десетина години, кога истражував низ лисабонските архиви на тема: „Kомуникацијата на еврејската дијаспора од Португалија и од Шпанија кон Балканот“. Тогаш ја открив хрониката на семејството Бенвениста, поврзано за Скопје и Македонија, и беше импресивно што во неа имаше гравури во кои беа нацртани куќи и тоа ме инспирира да почнам чеховска пиеса, во која основата ќе биде куќата како простор на живеење во историјата на цивилизацијата, со симболиката покрај Вардар. Симболиката на куќата беше што таа е изградена во 1492 година, а во моето истражување ~ припаѓа на Стела Бенвениста, жена што во делото има 80 години, и дека при нејзиното доаѓање и пријавување во катастар се пријавуваат уште 20-ина сопственици од античка Македонија. Се случи мала свеченост во мојот живот како драмски писател и просто не сакав да ја завршам таа пиеса и во просторот на куќата ја внесов сета театарска имагинација и мојата потреба да напишам чеховска драма за три генерации жени, една 80 години - Стела Б., нејзината ќерка, која е специјалист за тероризам и има 40 години, и нејзината внука, студент по музикологија, која верува дека музиката може да го декодира светот. Околу тие ликови се создадоа плејада ликови од светската историја, тие што бараат да биде остварено нивното право на куќата, од антиката, преку Рим, Византија до денес, се создаде еден таков симболички простор, што имав чувство дека пишувам пиеса, која ќе може да се игра на секој меридијан и за секоја куќа.
Жената што е сопственик на таа куќа живее во Ерусалим. Јас всушност го лоцирав просторот помеѓу Ерусалим и Скопје и така и се одвива драмата и нормално нема да откриеме други драмски форми на заплети и настани во драмата за гледачот да ја знае целата приказна.
Голема е симболиката на насловот на драмата, уште повеќе што со неа ќе биде отворен театар.
- Прв пат им ја раскажував пиесата на моите браќа Љубе и Владо Цветановски, кои со години ме поддржуваа, бидејќи беше една сложена работа да го истражувам сиот тој феномен. Моите браќа исчезнаа во 80 дена, Жил Верн има роман „Пат околу светот за 80 дена“, јас го поминав тој пат на интимната трагедија на губењето на моите браќа и пиесата ќе им ја посветам ним, бидејќи тие беа вљубеници во македонската историја - Владо како голем сонувач во македонскиот театар, а Љубе како визионер во македонските документарни филмови што оставија траги. Важно е дека „Вечната куќа“ е симбол оти може да се игра во „Емпајер стејт билдинг“, да се расправа за тоа што се случувало во последните пет века, што се случувало пред Kремљ, кога е градена црквата на Василиј Блажени, што се случувало во Токио пред еден голем облакодер или што се случува во Шангај во тие градилишта што го прават нов центар на глобалниот свет. Начинот на кој ќе биде отворен МНТ покажува дека всушност целата планета денес се прашува кој е нејзиниот идентитет, а ќе се раскажува низ македонски аспект. Во тој поглед, од таа куќа може да се тргне од стихот на Хомер за Вардар во „Илијада“, тоа е безвремена пиеса, која ќе се случува во жестоките политички правни историски услови на времето што го живееме. Тоа нема да биде симболичка имагинативна пиеса, туку ќе донесува судбини од современата историја. Македонија е третирана како драмски центар на една глобална форма на политички драмски заплет во кој човечките судбини низ времето ќе го донесуваат тој чин во кој смртниот човечки живот се претвора во миг на вечноста. „Вечна куќа“ ќе биде еден миг меѓу вечноста на раѓањето и вечноста на исчезнувањето.
Во МНТ фестивал на 30 земји
Што очекувате дека ќе донесе новиот театар?
- Не можам да дадам оцена што се случувало во последните неколку години. Но, импресивни се резултатите за театарски проекти од различни генерации. Тоа е поле што треба да н` убеди дека сме театарска велесила и во традицијата и во резултатите во последните неколку децении на светски план. Плејада режисери што режирале во многу земји, неколкумина драмски автори изведени сме речиси на сите континенти. Самиот театар изграден покрај Вардар ќе биде огледало на македонската меморија и иднина. Убеден сум дека театарот што се изгради е знак на европската ренесанса на Балканот, а во Македонија постои духовен универзализам, зашто ние ги почитуваме сите традиции на земјите околу нас и Македонија. Репертоарот на театарот треба да го покаже токму тоа. Има група режисери што гравитираат околу Македонија, од Германија, Франција, тие се на списокот на раководството на театарот за да бидат поканети да работат. Дури имаме и проект за организирање европски театарски фестивал во Скопје, на кој ќе учествуваат 30-ина европски земји, кои би гостувале со по една претстава. Така, Kејот на Вардар ќе се претвори во европска театарска ренесанса на Балканот.
Човек може само да Ви честита во напорите да го поврзувате Балканот внатре, ама и со Европа. Наоѓате ли истомисленици?
- Во последните години предлагам проекти за зближување на Балканот на меѓународни организации како УНЕСKО. Поголем број весници во Букуршет, Софија, Тирана, Белград ме нарекоа безусловниот балканофил. Внесувам голема љубов кон балканските култури и тоа е предизвик за поголем број влади да одвојат фондови за регионална соработка, бидејќи е недозволиво да нема дистрибуција на балканските филмови или гостувања на балканските претстави. ЕСРА доби многу значаен проект од Француско-германската канцеларија за соработка на млади, која годинава одбележа 50 години постоење. На свеченоста во Брисел предложив да се формира таква канцеларија на Балканот и тие 50 години да соработуваат и да се почитуваат. Им звучеше парадоксално кога им реков да се создаде канцеларија за српско-албанските, грчко-македонски, бугарско-турските односи, зашто политички не сакаат да се видат. Тоа е мојот сон за Балканот.
Сребра Ѓорѓијевска