На анонимниот конкурс за драмски текст кој во април го распиша Министерството за култура, а кој траеше шест месеци, пристигнале 13 текстови од кои 11 ги исполнувале предвидените критериуми.
Текстот „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш се темели врз апстрактната, воедно и длабоко хумана идеја за куќата како идеален дом и ја обработува темата на постојаното афирмирање на сопствениот идентитет. Во образложението на жирито, меѓудругото се вели: "Драмскиот текст "Вечната куќа" сугестивно го театрализира еден од најемотивните, едновремено и најтрауматичните книжевни/театарски темати воопшто: вечниот мотив на сопственоста, кој навидум го детерминира човековиот идентитет. Особено кога станува збор за идентитетот кај таканаречените мали народи. Театрализирајќи ја вешто избраната метафора на/за куќата (инаку, метафора од највисоката контигенција), која во оваа фуриозно структурирана пиеса станува симбол на идентитетот и, како таков, агира согласно драматуршкиот принцип парс про тото, Плевнеш куражно го проблематизира доминантниот принцип на балканските естетики: принципот на своето препознавање според сопственоста...“
Како што соопшти Канческа-Милевска, изборот на текст со кој ќе се отвори возобновениот Стар театар е реализиран навреме, со цел да се подготви навистина спектакуларно отворање на овој репрезентативен објект. "Екипата која ќе работи на премиерната изведба на делото на Јордан Плевнеш ќе ги има на располагање сите технолошко-технички можности на системите од сценската механика на новиот театар, сценското осветлување, аудиосистемот и видеопроекцискиот систем, интегрирани во делот на големата сцена. Овие перформанси беа објавени и во конкурсот за избор на драмскиот текст“, рече министерката. Таа информираше дека изградбата на Стариот театар се движи согласно предвидениот план и динамика и дека во моментов се работи на ентериерното уредување. Објектот, како што истакна, се очекува да биде промовиран пред јавноста во текот на наредната година. „Сметам дека е навистина значајно што овој објект се гради на темелите, на местото на стариот театар и сигурна сум дека во полн сјај театарот ќе и го врати носталгичниот гламур на нашата метропола“, рече Канческа-Милевска.