Фестивалот на Југоисточна Европа станува платформа на вреднување на најзначајните настани во современите кинематографии и на вреднување на големите опуси на филмските класици на Југо-Источна Европа. Оваа година специјални гости на фестивалиот ќе бидат Вељко Булајиќ, на кого му се доделува наградата „SEE Film Legend 2016“, Желимир Жилник, кој ќе одржи интернационална работилница и актерот Бане Поповиќ, кој што по Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Емир Хаџихафисбеговиќ и Раде Шербеџија, е прогласен за „SEE Actor 2016“.
Во овогодишното издание, кое свечено ќе биде отворено со изложбата на познатиот македонски сликар Владимир Геогиевски „Балканскиот Дон Кихот во Европа“, ќе бидат прикажани голем број играни, документарни и кратки филмови. Претседател на интернационалното жири што ќе ги оценува филмовите е познатиот француски режисер Ив Буасе, а за време на цермонијата на објавување на наградите, на 5 Јуни, на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, ќе и биде врачено признанието „SEE Music Legend 2016“.