МЕЃУНАРОДНА НАГРАДА "АРКА 2013" ЗА РОМАНОТ НА ЈОРДАН ПЛЕВНЕШ
Интернационалното жири за Меѓународната награда АРКА за најдобро уметничко дело објавено меѓу два Саеми едногласно одлучи ова високо признание да го додели на романот "Осмото Светско чудо" на македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш.
Во образложението се вели дека овој роман, кој што е објавен на петнаесетина јазици во светот, почнувајќи од колекцијата на парискиот "Галимар", повеќе години предизвикува внимание во повеќе книжевни центри во светот.
Како што е познато париската "Сорбона" организираше симпозиум со кој претседаваше биографот на Ками и Флобер, Херберт Лотман.
Романот "Осмото Светско чудо" е сон за Крошната на светот, на планината Галичица во Македонија, за новата светска утопија што ја проповеда Александар Симсар, паднатиот македонски архитект од Црквата на сеќавањето во Берлин.
По објавувањето на романот на српски јазик, во превод на Академик Ристо Василевски за романот на Плевнеш се објавија повеќе значајни текстови од дневниот весник "Политика" до "Книжевне Новине" и други значајни книжевни трибини.
Како што е познато во минатите години оваа награда е доделена на поголем број на значајни автори од Европа и од светот, а од Македонија досега ја имаат добиено Академиците Гане Тодоровски, Петре М. Андеевски и Влада Урошевиќ.
Свеченото врачување на наградата е предвидено на 26. Октомври на Саемот на книгата во Белград во присуство на авторот, а за неговото дело ќе зборуваат: Боро Драшковиќ , Мичо Цвијетиќ и Срба Игњатовиќ