ШТО МУ Е ОХРИД НА СВЕТОТ И ШТО И Е НА МАКЕДОНИЈА
12.07.2012
Ако тргнете кон Земјата на Изгревот на Сонцето
И во Токио прашате за Охрид
Будистичкиот филозоф Даисаку Икеда ќе ви рече:
Во Охрид е престолот на Балканскиот и Европскиот хуманизам.
Ако се најдете во Пекинг или во Шангај
Ќе го откриете името на Охрид
Во Средновековниот Кинески роман
,,Шиу-Цуан “или ,,Работ на Водата”.
Ако продолжите преку Њу Делхи
Во Индиската меморија Лихнидос е Светски поим
Преку Москва и Санкт Петербург
Охрид ќе го најдете како бесценет камен во Руските Свети тајни
Кога ќе стигнете во Конгресната библиотека во Вашингтон
Ќе најдете над 7200 референци за уметниците што доаѓаат во Охрид
И со вознесение сакаат смртноста да ја претворат во миг бесмртност
Независно дали сте во Шпанскиот јазички Океан
Каде ќе ја откриете приказната за Драган Охридски познат како Алонсо Де Охеда
Што заедно со Колумбо го откриле Новиот Свет
Насловен како Охридско езерски - Морепловец
Охрид ќе го најдете во Луизјадите на Португалскиот мит Камоеш
Дури и во жиците на гитарата на Жилберто Жил на улиците на Рио Де Женеро
Трагите за Охрид се неизбришливи
Секаде каде што се споменуваат Св Кирил и Методиј
Заштитниците на Европа
И нивните вечно живи ученици
Св Климент и Св Наум
Ќе ги откриете на сите места каде што Светската меморија се чува
Преку Александрија, Вавилон и Ватикан
Преку Истанбул и Кавказ
Дури и во времето на жестока Светска економска криза
Уметничкиот Охрид сонуван од Глигор Прличев,
Вториот Хомер кој пееше Совршенство или смрт
Се идетификува со еднаш фрлениот Моцарт
Во гробницата за сиромашни во Виена
Појавувајќи се два века подоцна во вид на череп кој ќе биде продаден
На меѓународна аукција за пет милиони долари
Докажувајќи дека дури и во времето на Тиранијата на парите
Нема ништо побесценето
Во историјата на човештвото од Уметноста,
И тоа нека остане меѓу нас!
Кога по две илјади години тишина
Питер Брук со порака го означи новиот живот на Охридскиот Амфитеатар
И рече:
Нека блеска духот на сите јазици
И во сите уметности на Светот,
Како што вечерва ќе блескаат децата на Св Кирил и Методиј на македонски и руски јазик
Во бесмртниот Шекспир
Нашата гозба продолжува со мислата на Есхил
Игран пред две ипол илјади години овде
Дека ,,сите ние сме трошки од Хомеровата трпеза”
Е уште еден доказ дека Светската Уметничка Вечност е сепак незамислива
Без Охрид и без Македонија