Промотор на ова издание беше Ректорот на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Г-динот Јордан Плевнеш, кој по тој повод ја напиша беседата "ШТО И Е ПАВЕЛ ШАТЕВ НА СВЕТСКАТА ИСТОРИЈА (или илјада различни животи на еден човек и само една единствена смрт)", која подолу ја има во целост.
ШТО И Е ПАВЕЛ ШАТЕВ НА СВЕТСКАТА ИСТОРИЈА (или илјада различни животи на еден човек и само една единствена смрт)
Сто години од почетокот на Првата Светска Војна
И 2014 ќе биде прогласена за Година на Мирот
Токму пред сто години еден визионер
Кој повикуваше на Пацифистичка Европа
Со име Жан Жорес
А беше ѕверски убиен на улиците на Париз
Истиот тој Жан Жорес што кажа
Сѐ што требаше да се каже
А ништо не се оствари
Бидејќи Европа се претвори
Во најскапата гробница на светот
И со Првата и со Втората Светска Војна
Во самиот почеток на дваесеттиот век
Истиот тој Жан Жорес ќе рече:
“Човештвото не може да продолжи
Да живее со лешот на еден народ
Скриен во својот подрум”
Тогаш тој мислеше на Македонија
И на нејзиниот народ
И него тогаш го прочита во оригинал
Еден редок читател со име Павел Шатев
Роден на 15 јуни 1882 во македонскиот град Кратово
Што доаѓа од кратер на згаснат вулкан
Го прочита еден младич
Со една толку бурна и вулканска биографија
Како ретко кој во Светската историја
Тој го прочита и преживеа од тогаш
Илјада различни животи
Преживеа неколку Империи
Неколку Монархии
Неколку комунистички диктатури
Неколку фашистички судски егзекуции
Преживеа се Павел Шатев
Но не ја преживеа само
Комунистичката диктатура
На својот сопствен народ
Од неговот апсење на 16 јуни 1949
Од страна на безочните властодршци
Кои не само што го затворија
Туку ги потоморија неговата биографија
И неговите дела
На творецот на филозофијата на
“Македонскиот идеализам”
И заедно со сите негови ракописи
Пишувани на сите страни на светот
Го ставија во истиот подрум
За кој што зборуваше Жорес
Во кое човештвото го криеше
Лешот на македонскиот народ
Комунистичките властодршци
Во неговата родна Македонија
Го забранија во мрачните подруми
Од неговата смрт до денес
Речиси седум децении
Од оној 30-ти јануари 1951 година
Кога едно од најславните имиња
На македонската историја
Беше анонимно и ноќе никој да не види
Погребан на гробиштата Света Недела во Битола
Почитувани дами и господа
Денес од тој бунар на историјата
Излегуваат деветте тома
И доаѓаат како од деветте кругови на пеколот
Како девет гласници со глас на гулаб од Светиот Дух
И Македонија се соочува
Со својот прогонет и забранет мит
Што ја одбележа Светската историја на Балканот
Павел Шатев
И ние го повикуваме првиот Министер за правосудство
На првата Влада на Република Македонија
Да им се обрати на тие што во сите овие години
Го држеа во подрумот на историскиот заборав
И слично на големите преломи
Во цивилизациските пресврти на Нациите
Се обраќаме до него и деветте брилијантни тома
И го повикуваме да и го упати сопствениот монолог:
“Прости им Павел Шатев,
Простено нека им биде од тебе и од Бога
На безочните властодршци
И ним и на нивните наследници
Што и тогаш и денес
Од се на Светот најмногу сакаат
И уништуваат се што не мисли како нив:
Македонија да не ја биде, а тие да владеат”
Кога би се обиделе да ја реконструираат
Неговата животна биографија
Историчари од типот на
Арнолд Тојнби, Мишле или Хабермас
Тие би се чуделе
Како можел младичот од Македонија
Со име Павел Шатев
Да има илјада животи
И во исто време да биде пронаоѓан
Во сите градови истовремено
И во Скопје, и во Солун
Каде што е единствениот преживеан
Од Солунските атентатори
Заедно со Марко Бошнаков од Охрид
И Милан Арсов од Велес
Чии што глави во јодоформ
Ќе ги донесе во Македонија
Од Фезан и Сахара
Каде што е осуден на смрт
И испратен на доживотна робија
Ќе се чудат историчарите
Како е можно да биде
Во исто време и во Софија
И во Цариград, и во Москва, и во Берлин
Каде што пишува за “Ноќта на долгите ножеви”
Во македонските политички фракции
И македонските политички убиства
Како е можно неговото име да го наоѓаме
И во Националната библиотека во Париз
И во Конгресната библиотека во Вашингтон
Како е можно да биде цитиран
Во извештаите на Коминтерната
Проскрибирани меѓу Пекинг, Токио и
Латино Американските метрополи
За човек што знаел со повеќе од
Триесет пасоши да се движи
По целата Планета
Со една единствена мисла дека
Македонија еден ден ќе биде
Суверена во Светската заедница на народите
За која пишуваше Александар Кожев
Таканаречениот Претседател на
Крајот на филозофијата
Во неговот дело “Тиранија и мудрост”
Неговиот живот наликува
На човекот на кого му е должна
Светската уметност како што велеше
Есхил, Таткото на трагедијата
Наликува на безвремеите и безграничните
Патници што ги опишува
Римскиот хроничар Тит Ливиј
Наликува на човекот
Што како разузнавач
Знаел 70 азбуки
За неговата ерудиција
Сведочат професорот Бернар Лори на Сорбона
Кој рече дека ништо подлабоко
Од балканскиот дух за светската историја
Нема прочитано
Како што зборуваше Жак Гишарно
На Универзитетот во Јеил
Никој друг не го употреби терминот
“Македонски идеализам” освен тој
Последен Дон Кихот
На македонските гемиџии
Што со своите џон-леноновски очила
Ја замислуваше Земјата
Како поле во кое што ќе биде
Или остварена идејата за
Македонија со нејзината цивилизација
Или единствениот излез
Ќе биде Подземната Република
Во интервјуто на Даме Груев
За Блеквуд магазин
Што тој го носеше до последниот ден
Во своите пазуви
За да го заокружам
Местото на Шатев во Светската историја
Ќе го потврдам со две круцијални фигури
Во неговиот живот
Едната е Фан Ноли
Големиот албански дух со кого се врсници
И кој има слична бравурозна биографија
Во чија што митска песна “Покрај реките”
Које е еден од потресните ламенти
На емигрансткиот дух
За кого што Џојс вели:
“Емигратот е вистина
А неговата татковина е лага”
И тие двајцата Шатев и Фан Ноли
Се наоѓаат заедно на
Десетгодишнината од прославата на
Октомвриската Револуција
Сонувајќи за тоа дека
Со Балканска федерација
Можат да се надминат
Балканските крвопролевања
Го почувствував тоа
Во еден неверојатен настан
Кој што се случува
Во трагичната година на апсењето
На првиот Претседател на
Президиумот на АСНОМ,
Методија Андонов Ченто
Во Скопје доаѓа бесмртниот писател
На балканскиот дух, Иво Андриќ
И во тогашната зграда на
Стариот театар покрај Вардар
Кога се прашуваат кој може да биде
Неговиот домаќин
Кој поседува толку голема ерудиција
Се одлучуваат за Павел Шатев
И можете да ја замислите сите таа сцена
Последниот гемиџија
И првиот иден нобеловец од Балканот
Иво Андриќ
Зборуваат за историјата
Како “минато што не поминува”
По сите светски библиотеки
Каде што го истражував делото
На Павел Шатев
Во средината на осумдесетите години
По моето враќање од
New York Public Library
Влегов во државниот архив
И се запишав како единствен читател
Во злогласните контролирани графи
И ја напишав пиесата “Слободен лов”
Што во Драмскиот театар ја постави
Големото име на македонскиот театар
Љубиша Георгиевски
Потоа од кога со семејството заминав
По политичката егзекуција која се
Подготвуваше против мене во 1988 година
Заради реченицата
“Вашата револуција не е моја”
Ја напишав поемата “Подземна република”
И целиот ансамбл на Битолскиот Народен Театар
Една ноќ на полноќ дошол на
Неговиот гроб во Битола
Да ја игра сцената посветена на Гемиџиите
Тогаш мојот неодамна починат брат
Владо Цветановски
Со таа митска претстава
Пред самото прогласување на
Самостојноста на Република Македонија,
Како вчера да беше ми рече
“Павел Шатев се врати од мртвите и вечно ќе биде жив”
И тогаш ја прочитале на неговиот гроб мојата песна
“Портрет на македонскиот анархист од почетокот на векот”
Што ја напишав кога имав толку години
Колку што тој имал кога ги копал тунелите
Во Солун и Цариград
И кога го поставил експлозивот
Во францускиот брод “Гвадалкивир”
Си реков тогаш ако тој можел да постави експлозив
Јас можам да напишам песна за него
Посено што од мојот бескрајно сакан
Професор Гане Тодоровски
Ја добив на подарок
Неговата книга објавена во Софија
“Македонија под ропство”
Со зелени тврди корици
И посветата што и сега го пронижува моето срце:
“Ако дарот се подарува на вистинско место,
Уште поголема е силата на убавината”
Таа песна е објавена во 1979 година во мојата
Прва поетска книга “Теорија на отровот”:
Зад тебе почнува смртта пред тебе ништо друго
Исус Христос те сонува распнат во шуми идеи
Лицето ти е пејсаж со боја на буники
Пелин, бозје, зимско грозје
Очите нишан знаен во бескраи, пустини, недостижни лаки
Зад тебе една Македонија пред тебе подвижен гроб
Се постила векот пред твојот од
Како батанија од тешка скрама
Епохата дише загадена од призракот – футур
Те демнат во Париз и Женева со куршум веќе
Забодени во твоето срце
Насекаде на Балканот мрачен танц
На мачки душождерни те чека
Во Солун “Алхамбра” и “колумбо” смртобудно цвеќе
Љубовници, ковчег, младо жито
А ти
Ти веќе знаеш нема што да бараш
Нека лае Европа во песји хорови
Никој ништо нема да ти земе
Сам ќе бидеш со ветрот
Што треба да го разнесе твоето непочнато време
Коњанику крстоносен каков аршин те дели
Од законите на поимот сечие и општо бреме?
Сакаш даизмениш се
Растенија, народ, граници и чемер
Морето да го вратиш во слепата кутија
На една друга ера
Духот во орел да го претвориш
Историјата во летопис на мртов и залуден вознес
Венчан со смртта во одори самрак таен
Да ја бараш слободата кајшто уште не ја нашол никој
Да јаоплодиш земјата со истрелот во здивот
Да ископаш тунел низ таа утроба
Да го фрлиш окото како течен светозарен ангел
Да го мине тој пат, да види, да каже
Мртва ли е Македонија го чека ли твоето непочнато време?
Неговото непочнато време,
Почнува со деветте томови
На неговите избрани дела
Јордан Плевнеш, 28 декември 2013, Скопје