Љупчо Јолевски
Радио Слободна Европа
17.07.2012
„Архелаос“ или „Еврипид се враќа на Балканот“, како што ќе запише авторот Јордан Плевнеш, е драма за една изгубена трагедија која го следи враќањето на Еврипид, најтрагичниот трагичар кој се’ можел да претвори во песна, и кој прогонет од атинската демократија доаѓа во македонското село Аретуса, денешен Маслар, каде што умрел во 406 година п.н.е.
Тој овде ја напишал и својата последна драма "Архелаос" или „Почетокот на народите“ по која безуспешно се трага повеќе од 25 века. На тоа долго патување Еврипид тргнува на иницијатива на Претседателот на Бесмртните, техноменаџерот на Вечноста, роден во нашава епоха на Нет револуцијата и Чиракот-трагичар, Александар Ајго, со едноставна цел да ја пронајдат Ифигенија-симболот на невината жртва во европската цивилизација.
Режисерот Владо Цветановски истакнува дека најновиот текст на Јордан Плевнеш - „Архелаос“ или „Еврипид се враќа на Балканот“ за него бил посебен предизвик заради тоа што, како што вели, „со него влеговме во балканските лавиринти на идентитетот“.
„Се обидовме низ 7 различни идентитети да ја допреме, да ја отвориме таа балканска кутија на саможртвата, на самоочајот, на тагата, но и на љубовта, на среќата, на славење на животот.“
Цветановски дополнува дека во претставата, покрај врвните актерски креации на членовите на ансамблот на Драмскиот театар од Скопје, значаен елемент е и звучната слика што ја потпишува Валентино Скендеровски и за која тој потенцира дека „ова истражување е во некоја рака поместување на границите во медиумот“.
Рубенс Муратовски обично не милува многу да говори за улогите со образложение дека актерот она што го чувствува го покажува на сцена. Сепак, тој за ликот на Еврипид и за чинот да се игра текст на Плевнеш што го поставува Цветановски вели дека „за него се неизмерна среќа“.
„Се потрудив да бидам не онаков каков што ние си мислиме дека е Еврипид, затоа што никој од нас нема пиено кафе со него, па да каже точно каков бил Еврипид, туку онака како што јас го чувствувам согласно идеите и концептот на режисерот.“
Во претставата настапуваат и Игор Ангелов, Жарко Димоски, Трајанка Илиева, Валдета Исмаили, Гордана Ендровска, Маја Вељковиќ-Пановска, Калина Наумовска, Катерина Аневска и Билјана Беличанец-Алексиќ. Костимите се на Елена Дончева, сценографијата на Владо Ѓорески Рафик, а музиката е на Константин Плевнеш.
Инаку, „Архелаос“ е единствената премиера на 11-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2012“.
Сунчица Уневска
Утрински Весник
19.07.2012
Претставата „Архелаос“, по текст на Јордан Плевнеш, а во режија на Владо Цветановски, која прексиноќа ја имаше својата премиера на 11. Фестивал на античка драма на локалитетот Стоби, тргнува во потрага по Ифигениите, по симболот на невините жртви на светската цивилизација, но овој пат барајќи ги на Балканот. Само 200 километри оддалеченост од македонското село Аретуса, денешен Маслар, каде што големиот трагичар Еврипид ќе го заврши својот живот, тие ќе успеат да најдат седум Ифигении. Иако, како што вели авторот Плевнеш, ако продолжат да бараат можат да најдат и 77 или 777.
Оваа нова македонска претстава на Драмскиот театар од Скопје, всушност, се занимава со трагедиите, со оние безброј трагедии во светот, од кои многу малку се напишани. Таа се занимава со зборот, се занимава со делата, со симболите, со сенките и тишината, со жртвите и невиноста, но и со убавината, која и покрај се', ќе го спаси светот. Еврипид, кого Аристотел го нарекува најтрагичен трагичар кој се' може да претвори во песна, ќе се врати по 25 века барајќи својата камена бесмртност да ја замени за само еден миг смртност за да ја пронајде Ифигенија, односно да ја пронајде срната која ќе биде жртвувана „во името на општото добро“. Она исто добро, поради кое се случија толку жртви и толку трагедии низ историјата на светската цивилизација.
Низ судбините на сите тие пронајдени Ифигении и авторот Плевнеш, и режисерот Цветановски, ќе се обидат да проговорат за сите бесмислени трагедии, кои сепак не им ја одземаа душата на нациите, напротив, таа во нив е вклесана како своевиден жиг, како печат, давајќи им ја бесмртноста. Ифигенија во Албанија, Ифигенија во Бугарија, Ифигенија во Турција, Ифигенија во Грција, сите тие кои во своето срце ги носат стиховите на Еврипид и кои станале дел од оние напишани и ненапишани трагедии, кои постојано се повторуваат овде или на која и да е страна на светот. Ифигенија во Црна Гора, Ифигенија во Србија, Ифигенија во Македонија.
Цветановски се решава сето тоа да го прикаже низ естетиката и низ музиката, врамувајќи ги во нив симболите на нациите, оние вечни нивни обележја, кои ниту една војна не може да ги избрише. Затоа што, како што вели авторот, проблемот не е во она што е напишано, туку во она што е направено, затоа што тајната не е во зборовите туку во она навидум невидливо, во сенките и тишината, во она кое што лебди и во кое е втисната вечноста.
Претставата целосно е вклопена со извонредната сценографија на Владо Ѓорески - Рафик, успевајќи на извонреден начин да ги долови сите симболи, алузии, да го фати ехото кое останува по искажаните и неискажани зборови, да ги испреплете мртвите и живите во нивната потрага по вистината, во нивната потрага по трагедијата, но и убавината.
Овој пат, како што вели Плевнеш, Балканот не е место на трагедии, туку за првпат балканските идентитети се прикажани врз принципот на убавина, издигнувајќи ја естетиката на Балканот на ниво на хуманистички акт. Сите тие балкански земји се прикажани низ одредена симболика, низ доминантниот израз на естетиката и музиката, правејќи еден фантастичен колаж на историјата, на сегашноста, на различното и заедничкото, но и на она неуништливото - вербата и убавината.
По карактеристичните музички точки, застапени во секоја приказна, се трагало многу за да се пронајде вистинската нишка што ќе ја изрази нивната суштина. Музиката е избор на Константин Плевнеш, а одличниот звучен дизајн на Валентин Скендеровски, кои заедно со костимите на Елена Дончева, прават претстава која кореспондира со античките трагедии, но и со сите оние историски мигови, останати, запаметени, па се' до денес, се' до денешната нет-револуција во која е роден иницијаторот на целата оваа потрага. Претседателот на бесмртните или т.н. техноменаџер, со што Владо Цветановски прави спој кој толку лесно ги допира различните епохи.
Претставата завршува со македонската приказна, која е најтрагична од сите, бидејќи не станува збор за оние конкретни војни од другите земји, туку во неа ги има Балканските војни, како што додава Плевнеш, кои не се воделе за ниедна друга земја. Во неа Ифигенија, во маестрална улога на Билјана Беличанец - Алексиќ, се претвора во пеперутка или како што самата вели Ноќна градинарка, која ги чува мртвите души. За наеднаш на крајот, сите заедно да се интернационализираат и да го обвинат трагичарот Еврипид, дека тој е оној што ја убива Ифигенија, а не нејзиниот татко. Додека тој вели дека тоа не е точно, дека тој го напишал „Архелаос“ или „Почетокот на народите“.
Интересна, возбудлива претстава која на особен начин се занимава со оваа тема, а во која совршено функционира целата актерска екипа предводена од Рубенс Муратовски, па Игор Ангелов, Жарко Димоски, Трајанка Илиева, Валдета Исмаили, Гордана Ендровска, Маја Вељковиќ-Пановска, Калина Наумовска, Катерина Аневска. Ова беше и единствената македонска премиера на овој фестивал, која го преполни локалитетот, низ кои уште пред самиот почеток не' пречекуваа актери со разни ритуали како своевидни наречници, најавувајќи ја иднината подеднакво како и минатото, бидејќи симболите во едното, всушност, и најдобро зборуваат за другото.
ЛИЛЈАНА МАЗОВА
ГЛОБУС
31.07.2012
Драмски театар - Скопје има нова претстава која веќе е прикажана на две летни манифестации: на 11. Фестивал на античка драма во Стоби и на 52. Охридското лето, а се договорени и гостувања на други фестивали во текот на идното лето. Претставата е насловена како "Архелаос" или "Еврипид се враќа на Балканот", создадена е по текстот на Јордан Плевнеш и е во режија на Владо Цветановски.
Во Охрид "Архелаос" се играше на 21 јули, на простор до самото Езеро, во комплексот Музеј на вода, или локацијата именувана како Заливот на коските. Режисерот Цветановски овој простор го користи како место/сцена на која по втор пат се игра негова претстава. Пред ири лета, со ансамблот на Народниот театар "Војдан Чернодрински" тука се одигра "Крпен живот" по истоимената драма на Ристо Крле (3 август 2009 година, во рамките на 49. Охаридско лето).
ТРАГИЧАРОТ И ЖРТВИТЕ Претставата е во потрага по вековната бесмисла на многуте балкански трагедии, или со трагедиите на светот, со безимените жртви кои се жртвуваат во името на некаква подобра иднина. Не како видени трагични настани, туку како слики кои низ зборот, песната, танцот и ритамот, нудат варијанта со која може да се најде/стигне до убавината. Без прашања од типот дали и кој може да го спаси светот во чија меморија се трагични настани/трагедии. За мртвите и живите, за бесмртните и безимените.
Приказната ја водат по 25 века "оживеаниот" драмски трагичар Еврипид кој се враќа на Балканот - го игра Рубенс Муратовски, неговиот помошник Александар Ајго - го игра Игор Ангеловски, Макарон Пританис или Претседател на бесмртните - го игра Жарко Димоски. Ги бараат невините жртви, трагаат по убавината која во претставата е во Хорот на Ифигении. Тоа се седум невини жртви, седум жени секоја именувани како Ифигенија и со додавка на земјата од која е. Според сцените на појавување/игра тоа се Ифигенија од Албанија - ја игра Валдета Исмаили, Ифигенија од Црна Гора - ја игра Гордана Ендровска, Ифигенија од Србија - ја игра Маја Вељковиќ-Пановска, Ифигенија од Бугарија - ја игра Калина Наумовска, Ифигенија од Грција - ја игра Катерина Аневска и Ифигенија од Македонија - ја игра Билјана Беличанец-Алексиќ. Сценографијата е на Владо Ѓорески, костимите на Елена Дончева, музиката е на Константин Плевнеш, звучниот дизајн на Валентин Скендеровски...
Низ судбините на секоја од жените именувани како Ифигенија се и знаците на националниот идентитет, песната која ја пејат на јазикот на земјата од која е секоја од овие жртвувани жени кои сакаат да покажат дека, можеби, во убавината, во песната, танцот или ритамот е спасот, подобар свет. А сите заедно, барем низ театарот, дека идентитетот и националните знаци/обележја ниту трагедија, ниту војна, ниту некој и некаде може да ги избрише.
ВИЗУЕЛНА ГЛЕТКА Како што многупати е кажано (и напишано во програмскиот лист) претставите на Владо Цветановски "најчесто се вреднувани како богати визуелни глетки, структурирани по принципот на филмскиот јазик". Токму таква е и "Архелаос". Театар кој ја искажува целта низ бајковита слика, збор, ритам, песна. Сепак, репертоарски, голема непознатица е целната група/публика на која тој и таквиот театар и се обраќа.
Акцентот е на сликите со симболите на балканскиот идентитет на седумте земји од кои се ликовите на секоја Ифигенија. Сите ја покажуваат убавината. Како историска матрица која денес треба да се исчитува и низ заедничкото и низ различното. Или, не она што раздвојува, туку она што спојува. Тоа е убавината Како театарска приказна по убавината, на која имаат право живите, но и мртвите кои во оваа слика се едно до друго.
Во таквиот визуелен приказ, во редењето на приказната низ слики кои секоја за себе е своја, се оние "прекрасни мали суштества" кои треба и мора да се обожуваат - актерите. Ја составуваат сликата низ посветеност и трпеливост. И мора да се сакаат, да ги сакаш и да ги почитуваш, а зошто не и обожуваш, зашто успеале својата појава, својот долг или кус говор, својот музичко/пејачки профил да го врамат во идејата за претстава/слика. Особено во последната музичката сцена/слика.