(Специјално за Нова Македонија го објавуваме неговото сеќавање и дел од беседата со која на 2 јули 2009 година Шарл Азнавур беше прогласен за Doctor Honoris Causa, во салата на Кинотека на Македонија во Скопје.)
Нашата прва средба со Азнавур беше во почетокот на 90-тите на ХХ век, во „Античкиот Париз“ на улицата Муфтар, кога мојот пријател , поетот Жан-Марк Нател, ме покани да присуствувам на врачувањето на една стара фотографија, направена 1961 година, на која што се заедно Жак Превер, Шарл Азнавур Жан-Марк Нател. Фотографијата требаше да биде испратена во Токио, Јапонија, каде што еден голем музички издавач објавуваше монографија за Азнавур.
Ете таа фотографија се претвори во симбол на нашето тридецениско пријателство. Прво го снимивме документарниот филм посветен на неговиот поглед на светската историја низ музиката, што Македонската радио телевизија го емитуваше во безброј репризи. Во 2002 година беше специјален гостин на инаугурацијата на мермерната плоча по повод стогодишнината од излегувњето на весникот Македонско движење, што се наоѓа на булеварот Распај, наспроти скулптурата на Роден посветена на Балзак.
Потоа го подготвивме неговото доаѓање во Македонија, во летото 2009 година, кога нашиот универзитет беше прв во Европа што го прогласи за Doctor Honoris Causa.
Тоа лето тој сакаше да види се во Македонија, и амфитеатрите, и ранохристијанските обележја, и средновековните фрески, сакаше да ја открие на лице место големата трансверзала на поврзаност помеѓу Македонија и Ерменија, во нивната зедничка борба за национална држава, во времето кога Жан Жорес говореше на митинзите во Париз „Човештвото веќе не може да живее со лешот на еден народ погребан во својот подрум“. Од Нерези бевме до Стоби, од Стоби до Преспа и Битола и Крушево. Во Скопје на неговото прогласување дојде ерменската заедница која му ја изрази својата бескрајна љубов. Беше објавено издание на неговата поезија„Интимна Антологија“, што го приредија Маргарита Терезијан-Маленкова и Љиљана Котевска-Плевнеш.
Во Охрид беше пречекан како светска легенда на Францускиот филмски фестивал и го овенчавме со Златната маска од Требениште за животно дело.
Ќе останат многу средби и мигови што не се забораваат од неговиот престој во Македонија, јас ќе споменам само две клучни точки:
Првата е кога во Амфитеатарот во Охрид на ерменски и француски јазик го акламираше стихот од неговата бесмртна песна „Јас сум син на еден народ, којшто со векови непогребан спие“.
Втората се случи во резиденцијата на претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов,каде што ни раскажуваше за неговите лични средби со најзначајните државници од сите пет континенти, и во тој миг пред поголемиот број гости од различни страни на светот го прашав што мисли за нашиот долгогодишен спор за името, што Грција го има со нас. Завладеа голема тишина на масата. Со неговиот неповторлив вибрато тој рече: „Никогаш не треба да се откажете од вашето име Република Македонија, од причини што вие никого не загрозувате, ни од соседите, ни од светот!“
Неговата голема желба беше да ги покани сите негови пријатели, пролета 2024 година, во Ереван, за да го прослави неговиот стотти роденден.
Драги Шарл, ако сум жив ти ветувам дека со сите твои пријатели ќе ја исполниме твојата желба, бидеќји твојот глас, твоето дело и твојата Одисеја отсега влегуваат во бесмртните трезори на светската уметничка мемеорија.
Господине Шарл Азнавур,
Уште од мигот на вашето раѓање
На ул. “Господинот Принц” во Париз,
Од родители емигранти од Ерменија
Земјата маченик, како никој друг,
Во периодот меѓу двете војни
Кога Европа беше претворена
Во морничава продукција на смрт
Уште како дете,
Вие тргнавте по Патот на песната
Како ходочасник на надежта што никогаш не умира
Со вашето единствено наследство,
Вашиот единствен и од никого не повторен глас
Вашите зборови измислени во ветерот
Што сееја и сеат и тогаш и секогаш
Живот и љубов што на француски се римува со Амур
Азнавуријан, Азнавур, Азнавур
Вие прокрстаривте низ два века
Низ два милениуми
Вие сте планетарен феномен на сите пет континенти
По вашиот глас Ве препознаваат дури и во шумите
на Амазонија
Дури и во вечните снегови на Сибир
Во нигде ѕирка ни проѕирка на осамените
Независно дали се во Њујорк, Пекинг или Токио
Вие сте вистински и повеќе од вистински
Вие сте прекрасен и повеќе од прекрасен
Граѓанин на Светот
Вие пеете во срцето на сите жители на Планетава
Затоа Македонија Ве пречекува како Принц и како Син
Во оваа Земја - Татковина
Добредојдовте Принцу
Во оваа земја која е исто расфрлена по меридијаните
Како нашите соништа растурени на сите страни
Бидејки Пабло Неруда
Што овде дојде пред Вас велеше:
“Во наследство ти ги оставам моите рани”
И еве Вашата фамилија се собира
Пред Вас, пред нас
Има еден Рапсод што пее со античките хорови
Има еден боженствен глас од храмот во Ерусалим
Ене го таму во бескрајот
Свети Јован Крстител што пее во пустината
И така минуваме со Вас во епохата наречена Модерна
Кога Вие ја пеете “Ла Мама”
Имаме чувство дека плаче целото човештво
Вие сте обединувач на сите разединети
Махмуд Дарвиш, поетот од Палестина
Ми велеше пред да умре,
Дека очите на неговата мајка
Се исти со очите на мајката на Јехуда Амихаи -
поет од Израел
“Ла Мама” плаче подеднакво и за Ерменија и за Турција
Дури и солзите на Македонија не се различни од
солзите на Грција
Тие се влеваат во Медитеранот
Како да се влеваат во витлите на историјата,
На човечкиот заборав
Просто имаме чувство
Дека со Вашиот глас Вие создавате чуда
Кои што можат да ги трансформираат колективните
трагедии
Во колективна музичка традиција
Бидејки поетот во Вас се разбудува
Секогаш во Хомеричките мугри
“Јас сум син на еден народ што со векови
непогребан спие”