Jordan Plevnes
Contact:
  • Новости
  • News
  • Biography / Biographie / Биографија
    • Biography
    • Biographie
    • Приватна револуција
    • Хронологија
  • Reviews / Критики
    • Од светската критика
    • Светските личности за Плевнеш
    • Рекоа за Плевнеш
  • Photo / Фотографии
  • Video / Видео
  • Тајната книга / The Secret book
  • Projects / Проекти
  • Contact

Текст на Јордан Плевнеш посветен на првиот Шекспир фестивал во Битола

9/3/2013

0 Comments

 
Picture
ШЕКСПИР
ВО МАКЕДОНИЈА,
ОД ЗАТВОР ДО СЛОБОДА

Во очи на почетокот на историскиот чин, првиот Шекспир фестивал во градот Битола, што еден докторант на Сорбона ја нарече Европска Престолнина на Балканот, ќе Ви кажам една шекспировска приказна врзана за Македонија, што сум ја раскажувал на многу европски и американски Универзитети и која секогаш предизвикувала посебно внимание:
Од сите 6320 јазици кои се зборуваат на петте континенти, македонскиот јазик е еден од нив, а секој од нив има своја приказна за тоа кога е влезен Шекспир во неговата духовна меморија, бидејќи тој, големиот чудотворец од Стратфорд, има извршено темелна шекспиризација на Планетата Земја.

Првиот превод на Шекспир на македонски јазик е правен од македонскиот идеалист, исклучителен шекспировски јунак, штипјанецот Тодор Лазаров (1869 – 1912), кој по неговото учество во поразот на македонската револуција од 1903 година, продолжува да верува дека неговата земја ќе биде еден ден слободна држава на Европа. Учествува на Солунскиот конгрес во 1905 година, но непосредно по него, во една позната провала, осуден е на 101 година затвор и замислете, во таков вид на историска и состојба на психотероризам, Вилијам Шекспир, лично го посетува во сонот и му се обраќа со зборовите: “Преведи ме на твојот мајчин јазик”. Македонскиот јазик, неговиот мајчин јазик во тоа време не е кодифициран, бидејќи нема држава што го носи тоа име и идеалистот Лазаров е всушност двоен затвореник - на идејата за слобода и на идејата за својот сопствен јазик.
Следејќи го сонот со Шекспир, преводот го започнува во затворот во Солун, потоа во затворот во Битола и од Битола е префрлен на издржување на казната, дури во далечниот Дамаск, во Сирија. Таму го продолжува преводот на Ричард III, токму од реченицата “Менувам кралство за коњ”.
Амнестиран по Младотурската револуција, се враќа во Македонија и по Балканските војни ја доживува поделбата на својата земја, слично на воениот кореспондент на рускиот весник Киевска мисла, Леон Давидович Троцки, кој напиша “Живото тело на Македонија беше раскинато на три дела”.
Неговите белешки остануваат расфрлени помеѓу затворските ќелии на Дамаск, Солун и Битола, а тој се самоубива во екот на Балканските војни на 29 Септември 1912 година. Така, првиот превод на Шекспир сторен парампарче од историјата, како и неговиот автор, ни доаѓа денес како археологија на трагичните ископини на модерната епоха.
Кога во 1944 година, по Втората светска војна, македонскиот јазик беше кодифициран и со тоа стана еден од последните признати јазици во европската цивилизација, како во сите современи култури, големите духови на македонскиот книжевен простор почнаа да го преточуваат и Вилијам Шекспир да го претвораат во јазички бисери во водоскоци на мислата и поетиката, како сонот на идеалистот Тодор Лазаров, ослободен од затворот на историјата. Така на македонската книжевна и театарска сцена, со бликот од убавина чекана со векови, се појавуваат препевите на Ацо Шопов, Богомил Ѓузел, Драги Михајловски...
Вацлав Хавел пишуваше “Секаде каде што убиваат, ме убиваат и мене”. Денес во мигот кога го пишувам овој текст, во Дамаск, во Сирија во некој затвор, можеби е убиен некој нов Тодор Лазаров, што го преведува Шекспир на арапски јазик. Секаде каде што се преведува убавината на светот, од Еврипид до Шекспир и од Шекспир преку Молиер до Бекет, тоа е хронологија на зборот цивилизација, се друго на историската сцена е крвава ликвидација.
Не е случајно што во градот Битола, Шекспир е најмногу игран од сите театри во Македонија и денес, во очи на почетокот на првиот Шекспир фестивал, да се потсетиме на зборовите што култниот актер на оваа сцена Петар Мирчевски, во 2005 година ги изговори во Ричард III, во препев на Драги Михајловски, а во режија на Љубиша Георгиевски:

“Илјада срца в гради ми бијат!
Знамиња развејте!
На душманот, напред!
Нека не ободри повикот стар
Свети Ѓорѓи
и гнев ни внесе на аждаи лути!
Непред!
Победа на вика,
чинам шест Ричмонди
во бојов има.
Пет денеска убив место него
Коњ, коњ, Кралство за коњ”

Можеби тоа е приказот и призракот на првиот Шекспир во Македонија од затворот помеѓу Дамаск, Солун и Битола, до слободата на еден од последните признати јазици во светот.

Јордан Плевнеш
Ректор на
Универзитетот за аудиовизуелни уметности
ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк
11.07.2013
0 Comments

Your comment will be posted after it is approved.


Leave a Reply.

    Archives

    March 2017
    September 2016
    June 2016
    February 2016
    January 2016
    December 2015
    September 2015
    August 2015
    July 2015
    March 2015
    February 2015
    December 2014
    October 2014
    September 2014
    July 2014
    June 2014
    May 2014
    March 2014
    February 2014
    January 2014
    December 2013
    November 2013
    October 2013
    September 2013
    July 2013
    June 2013
    March 2013
    February 2013
    January 2013
    December 2012
    October 2012
    September 2012
    July 2012
    June 2012
    May 2012
    March 2012
    February 2012
    December 2011
    November 2011
    October 2011
    September 2011

    Categories

    All

    RSS Feed

Powered by Create your own unique website with customizable templates.