ЛИЛЈАНА МАЗОВА, ГЛОБУС МАГАЗИН
Во театарската, културната и националната меморија 7 декември 2013 година веќе си обезбеди историско место: Македонскиот Национален Театар со праизведбата на "Вечната куќа" се вдоми во новиот објект изграден на митското театарско место од левата страна на Вардар, на местото на кое исто имаше театарски објект и во кој токму МНТ во 1945 година ја почнал својата дејност. Тој објект (отворен 1927) е урнат по земјотресот во Скопје во 1963 година, долго се расправаше зошто, ама се одлучи да се изгради нов театар на истото место со белези на стариот и како дом/објект на МНТ. И како секое новороденче ни/ми прави радост, како и на оние тие што го создадоа (од идеја до реализација), на оние што веќе создаваат и "живеат" во него како во своја "вечна куќа" и на нас публиката со желба за добар театар.
Новата зграда е "сопственост" на МНТ, иако е и со многу отворени можности за други корисници. Во ова време најважно е што објектот профункционира, што во него сега се подготвува, игра и се случува театар, што актерите и театарските творци, не само на МНТ, добија нов театарски простор, со нова сценска технологија. Театарот сега е на потег: новите услови ќе мора да испровоцираат нови вредности. Зашто, и како онаа дека "оделото не го прави човекот", и театарот не го прави објектот, без разлика на неговите подобности, сценски можности или било какви други провокации/услови. Театарот, односно Македонскиот Национален Театар, ќе мора да создава нови креативни критериуми. Тоа е, се разбира, сложен пат од кој сега не би требало да има скршнување.
Провокација кон провокациите на текстот и на целата изведба е првата реплика од драмата/претставата "Вечната куќа" - "Запишано е, од Ерусалим во Македонија ќе појдеш". Тоа е и репликата која ќе остане во меморијата дека по кревањето на завесата на новиот театар во салонот со публика, прва реплика е токму таа. Ја изговори Петар Темелковски кој го игра Рабинот. Во ликовите натаму се Искра Ветерова, Драгана Костадиновска, Дарја Ризова (трите жени) Тони Михајловски, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Дејан Лилиќ, Весна Петрушевска, Владо Јовановски, Висар Вишка, Гораст Цветковски, Ѓорѓи Јолевски, Тина Трпкова, Ѕвезда Ангеловска, Емил Рубен, Катина Иванова, Славиша Кајевски, Сашко Коцев, Васил Шишков и така сите од актерскиот ансамбл на МНТ, плус студенти од ФДУ и ЕСРА...
Запишано ми е и да сум со драма/претстава на и со Јордан Плевнеш. Од неговиот "Еригон", 1982, до засега последниот "Вечната куќа", 2013, негова 13.та драма. Тука во Скопје, во Битола, во Охрид, во Далас (Тексас), во Марсеј, Кан или Париз... Само дел од светот на чии сцени се играни негови драми. Последната верзија на "Вечната куќа" ми ја испрати со посвета која се однесува на двајцата и на оние што и на двајцата ни недостасуваат. Во тој наш споменар е и приказната која неодамна ми ја раскажуваше за новиот меѓународен драмски проект за Кирил и Методиј, на пат од Скопје до друга дестинација/претстава и од таму пак кон друга... Да, и тоа е Јордан Плевнеш.
ЧОВЕКОТ И ЗАБЛУДИТЕ
"Вечната куќа" легитимитетот со неа да биде отворен новиот објект на МНТ, го доби на конкурс за драмски текст со кој ќе биде отворен Театарот. И тој е една убава сценска фантразија во низата на "вечното" пребарување на Плевнеш по македонската и светска меморија во која е сегашноста. Јунаците/ситуациите се во/по/од меморијата во која се Македонија и Македонија во светот. Јунаци се раселените, бегалците, преживеаните од разни помори и на разни меридијани, оние кои со клучеви или документи си го бараат/бранат своето... Сите ги распарчала цивилизацијава, ја бараат својата вечна куќа. Метафора на она за кое се сонува и се бара, без разлика на временските растојанија и дестинации, за неоткажувањето од/на сопственоста. Глобално, онеправданите од светот во чии животи се преплетуваат судбините на некогашни или на сегашни луѓе. Во Македонија и пет назад: Турската имеперија, Гемиџиите, јунаци од македонската историјата и светски бранители или губитници на вечната куќа.
Тоа е оној систем на работа/истражување на Плевнеш кој го карактеризира и како сонувач/алхемичар во чија драмска сложувалка се неговите белосветски јунаци. Има мисли и дијалози со специфичен ритам. Идеите/јунаците му се складирани помеѓу вечните теми за раѓањето, љубовта и смртта, низ кои заедно е, или сме, поблиску до трагедијата/трагедиите на цивилизацијата.
Ги поврзува радоста и смртта. Јунаците му се прототипови на изманипулираниот, изневерен, заблуден но никогаш не откажан мал човек од надежта по своето. Од Македонија или од било каде во светот. Како параленото множење на трагедиите на човекот и трагедиите на заблудите.
Во "Вечната куќа", жанровски ја определува како "трагедија + време = комедија", е и белосветската меморија во која трагедиите се секогаш исти и се претвораат во комедии, преплетувајќи ги елементите на разни настани и дестинации во широк распон на време и простор - како гротескнен лик на светот денес во кој е и меморијата на вековите. Ја истражува судбината на куќата во Скопје на некогашната десетгодишна Еврејката Стела Бенвениста која го преживува фашистичкиот еврејски помор, се населува во Ерусалим, до својата 80.та година секојдневно закачува писмо на Ѕидот на плачот - да се врати во својата куќа во Скопје.
Кога ја добива можноста, со помош на меѓународен адвокат, по откривањето на времињата во кои се слични судбините на личности од македонската историја (без разлика дали се ликвидирани, убиени, постоеле), и од други светски дестинации во кои исто се страда по своето, ја разбираат или не нејзината ќерка Естреа или внука Естел, и двете со презиме Бенвениста (татковците се минувачи, бегалци, онеправдани...), се враќа во Скопје. Нејзините клучеви од куќата се бескорисни: во секоја соба има нови станари и секој има од разни историски времиња своја тапија... На времето и неправдата која многу луѓе ја бараат по светот.
ИЗВЕДЕБА
Режисер на претставата е Дејан Пројковски кој во поставувањето на "Вечната куќа" неминовно е "притиснат" и од чинот дека е потписник на првата претстава на сцената на новиот МНТ. Па освен режисер е и уметнички директор на Театарот во кој сега се отвoри ново време. Од друга страна (иако има искуство со големи претстави и режии на јавни настани) за да се испочитува отворањето/предавањето на театарот на актерите и на публиката, заедно со сите (велат околу 130 луѓе) ги откривал/откривале техничките можности на сцената. Оние кои ќе се вклопат во спектаклот, сценската фантазија. Јасно е дека кај сите бил присутен стравот од непознатото и негово совладување. Се работеше три/четири месеци, заедно се откривало, се учело и се креирало. Постигнато е она кон што се стремело: претстава спектакл.
Пројковски режира со "само" 80.тина актери (од ансамблот, гости, студенти, актери во пензија...) кои заедно со него ја креираат приказната на Плевнеш за глобалните проблеми на човештвото. Заедно се откривани (и допрва ќе се дооткриваат) сите можности на, велат, врвната сценска технологија, на светлото, на акустиката и на звукот, на просторот за игра на актерите во сцени од по еден или два/тројца до масовни кои се ритуални и традиционални, во подигање и спуштање на модулите, употребата на еден цепелин (хелиумски) кој дисциплинирано "патува" од сцената до над главите на публиката во салонот и се враќа зад сцената, покренување на ротацијата, бината и интербините, на модулите и чигите... Имало многу непознатици, ама и многу дисциплина, помалку или повеќе страв, желба секој да го искористи/создаде својот "миг".. Има и многу емоции и многу бележити знаци за/на спектакл кој истражува низ неистражената сценска технологија.
Режијата на Пројковски го следи текстот, ги поврзува времето со времево и просторот на начин кој ја нагласува севременоста и современоста на драмската приказна на Плевнеш. Во барањето на изразот кој ќе соодвествува на чинот (претстава која отвора ново поглавје за МНТ), се нижат настаните кои се сместени во технолошките можности сцената преку музички нумери и цели музички пасажи кои ја создаваат сликата со јака бoја и тон. Се менуваат боите на светлото, се менува мизансценот и во сето тоа, и многу повеќе, освен посветеноста на секој да учествува во колективната слика, има и многу емоции. Разбирливи за приказната и за настанот.
Постигната е низа од дејствие во кое, освен зборот/актерот, дејствието "го води" и музиката на Горан Трајкоски. Ја следат и сценските движења на Сташа Зуровац и ритуалите на Александар Илиев кои актерите ги изведуваат трпеливо и умешно. Во тој процес на создавање од поединец до групи во кои има многу ликови и групни наменски.временски илустрации на настаните, актерите се во костимите на Благој Мицевски кои, на генерално ниво ги спојуваат сегашноста и минатото. Сценографските решанија на Валентин Светозарев ја доразвиваат вкупната сценска атмосфера. Во реализацијата е вклучен и Андреј Цветановски, како помошник режисер. На поврзување на приказната и поединечните или групни планови (најмногу ги има) голема работа завршил и дизајнерот на светлото Дени Шесниќ.
НОВО ВРЕМЕ
Сонот на генерации актери на МНТ е остварен. Се игра и прикажува претстава (овој месец само таа) во новиот театар, во нови услови, нови провокации, како нов дел од старата приказна за МНТ кој за помалку од две години ќе одбележи 70 години од постоењето: некогаш во стариот театарски објект (формиран во 1945 и таму делува до 1963) во кој 15.тина години беше со уште два ансамбла (оперски и балетски), па во исто заедничката "лименка" на Булеварот "Климент Охридски" (1964 до оваа есен), иако во 1980.години го отвораше тогаш новиот МНТ сега само Македонска Опера и Балет, од кој драмскиот ансамбл се врати во "лименката".
Мигот на првата претстава на новиот објект на МНТ е свечен и легитимни се сите истражувања во новините што тој ги има. Нема безгрешност! Мигот е таков! Има прашалници на кои веројатно се сопнувале и сите кои се вклучени во реализацијата на "Вечната куќа". Решени се во мигот на создавањето. Се барала емотивната страна на настан/спектакл кој ќе обедини многу страсти, предизвици, оптовареност од одговорноста пред која биле сите, се разбира кој помалку кој повеќе.
Затоа и треба да се верува дека секој иден ден, идна претстава, нов актер, нов режисер, сценограф, костимограф, дизајн мајстор или автор на нова или одбрана музика ќе има пред себе нов предизвик и нова можност за нов театарски израз. Или за театар во кој ќе се огледува уметноста како висока вредност во стандардите на новата сцена и нејзината нова технологија. Одлично би било љубопитството да не престане и, освен новите стандарди на објектот (вкусовите се различни, па и различно се доживува ентериерот и екстериерот што, исто е легитимно право на секој, меѓутоа факт е дека сега постои нов објект во кој ќе се создава нов театар во кој ќе се доаѓа за новата претставата и за овие и идните генерации актери.
"Вечната куќа" ја покажа сегашната издржливост, задоволството, ентузијазмот, спремноста, посветеноста, храброста да се создава, а притоа да се откриваат нови задоволства и неопитноста во новите технички и секакви околности да се надминува. И со низа идни проекти ќе се истражува и ќе мора да се "престрои" во театарски простор кој, имајќи секакви услови, ќе создава театарски вредности што ќе ги задоволуваат авторите/реализаторите и ќе ја задоволуваат и возбудуваат информираната сегашна и идна театарска публика. Светот е веќе мал, па се гледа театар и од ваму и од тука и од таму. Време е да се фати чекор со времето.