Jordan Plevnes
Contact:
  • Новости
  • News
  • Biography / Biographie / Биографија
    • Biography
    • Biographie
    • Приватна револуција
    • Хронологија
  • Reviews / Критики
    • Од светската критика
    • Светските личности за Плевнеш
    • Рекоа за Плевнеш
  • Photo / Фотографии
  • Video / Видео
  • Тајната книга / The Secret book
  • Projects / Проекти
  • Contact

Беседа на Јордан Плевнеш за Владо Цветановски

9/2/2014

0 Comments

 
Picture
На 28 Август, на Голема Богородица, во Слоештица, во рамките на манифестацијата "Арт поинт гумно", беше откриена скулптурата на Владо Цветановски (1959 -2012), дело на академскиот скулптор Жарко Башески. По повод откривањето на скулптурата беседа одржа Јордан Плевнеш.

МОСТОТ БЕЛА РЕКА НА ВЛАДО ЦВЕТАНОВСКИ ВО МАКЕДОНСКИОТ И СВЕТСКИО ТЕАТАР

“О земен Ангел, небесен човек”
Тајната книга


Во селото Слоештица, Југо-Западна Македонија
Познато уште како Демирхисарска Венеција
Бидејќи секоја куќа има приватна река
На Бела Река, која извира од Црни Врв
Поминува под нашата родна куќа
И се влева во Црна Река
Позната од Антиката, преку Рим, како Еригон
Река-Куче, Човек во бегство или
Простосмртен знак
Кој преку Вардар исчезнува во Медитеранот
И од таму во Бескрајот
Владо Цветановски го изгради Мостот – Сцена
На бесплатен тендер објавен од Господа
И неговиот син Исус Христос, Спасителот наш
И Богородица, Божјата Мајка
На почетокот од третиот милениум
Бидејќи друг капитал освен Божјата љубов
Владо Цветановски не поседуваше


Се сеќавам кога за прв пат го спомна
Мостот – Сцена на Бела Река
Кога сакаше да направиме Ходочастие
На гробот на Андреј Тарковски
Во Сен Женевјев Ди Буа
Дело на рускиот скулптор Неизвестни
Каде ги прочита зборовите за кои сонуваше:
“Човекот што го виде Ангелот”
И рече тогаш како да го слушам сега
Ќе изградам мост-театар
На Бела Река под нашата родна куќа
Значи неговата идеја беше
Да се изгради мост со поглед на Светот
Во кој што ќе биде вклучена визијата на Тарковски
Токму низ ракописите што тогаш ги носеше
Со сето свое како што велеше само тој
“Животиште во светото торбиште”
За неговата претстава “Дон Кихот”
Од неговиот омилен автор Сервантес
И неговата дефиниција на Светот
“El mundo es un pañuelo” или
“Светот е мал како шамивче”
Тој тогаш започна да ги бара
Буковите дрвја по Илинска планина
Од која ќе го гради Светиот мост
На Светата сцена од неговото срце

Беше присутен на бичењето на тие Свети штици
И сакаше тој мост-шамивче да го претвори во
Сцена во која Бескрајот ќе го доведе во Македонија
Оддалечен со само еден птичји лет од
Амфитеатарите во Хераклеа Линкестис, Лихнидос и Стоби
Од Амфитеатрите во Делфи и Сиракуза
Сите тие ги внесе во Слоештица
На мостот што го носи неговото име
Застануваше на тој мост-шамивче
Изграден без пари на бесплатен Божји тендер
И секој негов чекор, беше чекор во Световите на
Режисерите и Авторите што ги поставуваше
Во неговата разорна имагинација
Која беше вистинска визуелна револуција
Како што напиша критичарката на Њујорк Тајмс
Или за неговиот филмски сон за кого
Критичарот на Гардијан рече дека е
Далеку помистериозен од Кодот на Да Винчи
Со секој негов поглед од мостот Бела Река
Тој се наоѓаше во истиот миг
Онаму каде што сакаше да стигне
Како на шамивчето од Сервантес
Стигнуваше до Понтедера во Тоскана кај Јежи Гротовски
Стигнуваше во подрумот во Краков на Тадеуш Кантор
Стигнуваше на мостот на Босфорот
Dа зборува со Мемет Улусој
Стигнуваше на мостот во Милано
И зборуваше со Џорџио Стрелер
На мостот во Елсинор зборуваше со Еуџенио Барба
На њујоршките мостови зборуваше со
Џудит Малина и Џулијан Бек од Ливинг театарот
На мостовите на Москва и Петерсбург
Зборуваше со Булгаков, Чехов, Ефрос и Љубимов
Во Берлин со Брехт и Роберт Вилсон
На мостовите на Сава и Дунав со
Неговиот професор Боро Драшковиќ
А на мостот на Миљацка во Сараево со
Неговиот колега од истата класа Харис Пашовиќ
На покриениот мост во Ловеч
Зборуваше со Крикор Азарјан и Христо Бојчев
Под мостовите на Сена зборуваше со Антонен Арто
И токму под мостот на Сена
На 22 Октомври 2012 вечерта
Зборувавме со македонскиот скулптор
Со светско реноме
Неговиот пријател Жарко Башески
Дека заедно ќе прават претстава со
Неговите бесмртни фигури
Но, утрото на 23 Октомври
Тој го направи чекорот меѓу
Тиранијата на баналноста во живеењето
И бескрајот на духовноста во смртта
Како Ангелот од скулптурата на Тарковски
Со Жарко се најдовме на
Неговото последено испраќање.

И еве денес на Голема Богородица 2014
На мостот Бела Река
Доаѓа скулптурата со неговиот поглед од
Фотографијата на претставата “Дон Кихот” во Битола
И одовде до Вечноста ќе стои
Со погледот на Бела Река
И знам како вчера да беше
Тој ја слушаше мојата Беседа
За Живко Чинго во Велгошти
Во која ги спомнав мајките на Чинго и Ками
Што ги испратиле своите синови
Верга, која рекла “Ѕвездата што го даде и го зеде”
А Катрин во далечниот Алжир
“Никогаш нема да разберам зошто меѓу идејата
за правдата и идејата за мајката тој ме избра мене”
Сега на претставата која вечно ќе се игра
На мостот на Бела Река
Го испраќа нашата мајка
Трајанка Кочовска Цветановска Плевнеш
Со долго презиме
Како да е претставник на шпанската аристократија
А не жена на Симе Цветановски Плевнеш
Сирак роден во овој двор и
Борец меѓу Сремскиот и Солунскиот фронт
И ќерка на Илија Николов Кочовски
За кого Петре М. Андреевски велеше
Дека е раскажувач рамен на Цепенков
Нашата Мајка на која нашиот најстар брат Љубе
И направи портрет во книгата “Детето во мене”
Сега ќе ни ги повтори нејзините зборови
“Бог има запишано се со бело мастило
како треба и што треба да биде”

Мостот-Театар Бела Река во Слоештица
Ќе биде уште еден доказ на еден чудотворен феномен
Никогаш не било познато една Мајка
Да биде присутна на толку многу премиери на нејзиниот син
Се сеќавам кога во Амфитеатарот во Стоби
Седумте Ифигении го испраќаа Еврипид во својот вечен дом
Трајанка ми рече
“И оваа претстава со Владо многу убаво ја направивме”
И ги даруваше актерите со нејзините
Надалеку познати погачи и питулици

На истото гумно на кое како деца
Вршевме жито со коњите и се играа
Каламатија, Беранчето, Пајдушкото и Невестинското
Сега ја предаваме оваа скулптура
Со белото Божјо мастило
Нека биде вечна играта на овој Мост-Театар
Бидејќи Владо Цветановски
Во своето последно интервју
Повика на духовно помирување на Балканот
Да се потсетиме на зборовите на Казанѕакис
Изгравирани на неговиот споменик на Крит
Како да се изречени во Слоештица
“Од ништо не се плашам,
Ништо не очекувам, јас сум слободен”

Секоја година од овој мост на Бела Река
Нека се испраќаат театарски посланија
Каков што беше сонот на Владо Цветановски
Дека и покрај се
“Убавината на уметноста ќе го спаси светот”

Јордан Плевнеш
28 Август 2014, Голема Богородица, Слоештица
0 Comments

Your comment will be posted after it is approved.


Leave a Reply.

    Archives

    March 2017
    September 2016
    June 2016
    February 2016
    January 2016
    December 2015
    September 2015
    August 2015
    July 2015
    March 2015
    February 2015
    December 2014
    October 2014
    September 2014
    July 2014
    June 2014
    May 2014
    March 2014
    February 2014
    January 2014
    December 2013
    November 2013
    October 2013
    September 2013
    July 2013
    June 2013
    March 2013
    February 2013
    January 2013
    December 2012
    October 2012
    September 2012
    July 2012
    June 2012
    May 2012
    March 2012
    February 2012
    December 2011
    November 2011
    October 2011
    September 2011

    Categories

    All

    RSS Feed

Powered by Create your own unique website with customizable templates.