Jordan Plevnes
Contact:
  • Новости
  • News
  • Biography / Biographie / Биографија
    • Biography
    • Biographie
    • Приватна револуција
    • Хронологија
  • Reviews / Критики
    • Од светската критика
    • Светските личности за Плевнеш
    • Рекоа за Плевнеш
  • Photo / Фотографии
  • Video / Видео
  • Тајната книга / The Secret book
  • Projects / Проекти
  • Contact

Плевнеш во париски „Монд”

5/15/2017

0 Comments

 
По серијата предавања на Сорбона, угледниот париски, „Монд“, еден од највлијателните весници во светската информативна  сфера, го објавува политичкиот есеј на познатиот македонски писател Јордан Плевнеш под наслов ”Макрон, нова шанса за Европа и интеграцијата на Балканот во ЕУ.”
Поместувањето на текстот на уводното место на рубриката Идеи истиот ден, кога Емануел Макрон беше инаугуриран во Елисејската палата, му даде посебно значење на овој бравурозен гест на редакцијата.
Оригиналната анализа на историсклте парадокси на европската идеја низ вековите, Плевнеш како интернационално осведочен балканофил ја започнува со мислата на Никола Бувие дека
“Срцето на Европа се наоѓа на Балканот, а умот е ситуиран меѓу Париз и Берлин”.
Тектонските промени со излегувањето на Велика Британија од ЕУ во европската структура го наведуваат авторот на заклучокот дека наместо европеизација на Балканот ќе се случи Балканизација на Европа и дека малите народи и држави на Стариот Континент ќе бидат единствените бранители на европскиот идеализам.
Монд дава посебно значење на симпозиумот „Хамлет и Европа, да се биде или не”, што по повод десетгодишнината на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА се одржа во Скопје, каде што претседателот на Европската академија на науките уметностите и книжевностите Жан Патрик Конрад ја инаугурира Academia Balkanica Europeana во која се избарни триесeтина врвни уметници од сите балкански земји, кои ќе го остварат својот цивилизациски сон со интеграцијата во Европската унија.

Picture
Picture
tekst_le_monde_scen_13.05.2017.pdf
File Size: 232 kb
File Type: pdf
Download File

0 Comments

СЕРИЈА ПРЕДАВАЊА НА ПЛЕВНЕШ НА СОРБОНА

5/5/2017

0 Comments

 
Picture
По повод изборот за редовен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, познатиот македонски писател и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш ја одржа пристапната беседа „Драматургијата и глобалниот политички терор: Земи или остави“.
Оваа тема во шест академски циклуси, Плевнеш ја презентира пред магистрантите и докторандите на универзитетот Пантеон Асас, на париската Сорбона, во периодот меѓу 18 и 30 април, како своевидна хронологија на односот помеѓу драмското писмо и политичката историја од античката трагедија до денес. На 26 април, во рамките на фестивалот Еуропдрам, во Куќата на Европа и Ориентот ќе биде преставена сценската изведба на француската верзија на драмата на Плевнеш „Кирил и Методиј“, која со плејада на париски актери ќе ја престави на публиката францускиот режисер Патрик Вершурен.


0 Comments

Интервју за дневниот весник „ВЕСТ“ од 10.03.2017 г. 

3/13/2017

1 Comment

 
Picture
Живееме во време на тиранија на парите



Писателот и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, европска филмска, театарска и танцова академија ЕСРА, од февруари е редовен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите. Македонскиот драматург беше едногласно примен во високата институција, на предлог на нејзиниот претседател Жан-Патрик Конрад, професор од Ројал колеџот од Лондон.
Лично Конрад посакал да биде во Скопје на симпозиумот со кој Универзитетот ЕСРА ги одбележа 10-годишнината на Универзитетот и членувањето на својот ректор во Европската академија.
Тој, заедно со неколкумина видни гости од Балканот, учествуваше на симпозиумот "Хамлет и Европа - да се биде или не!".
Пристапното предавање на Плевнеш ќе биде кон крајот на април, на универзитетот Пантенон-Асас на Сорбона, а темата е "Драматургијата на глобалниот политички терор - земи или остави".
На крајот од симпозиумот во Скопје се одржа и основачко собрание на нова институција Академија Балканика Еуропеана, со седиште во Букурешт. Плевнеш вели дека неговата балканофилија е особено силна последниве 20 години зашто, вели, има потреба да се одговори на целокупната енергија на негација што се случува со нас на Балканот. Во тој контекст цитира една мисла на археологот и историчар на уметноста Бранко Гавела, кој индивидуалниот раст во уметноста го опишува со следните зборови: "Окован во тело, човечкиот дух растеше од материјата како цвет од камен".
Затоа Плевнеш, со видни личности од Балканот ќе продолжи да го живее, како што вели, својот донкихотовски сон за Балканот како поле на цивилизација.

-Искрени честитки за високото признание. Како реагиравте на веста дека сте избран за редовен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите?

Веста стигна на 9 јануари 2017. Тоа беше мал позитивен шок за мене, иако се познавам и сум соработувал на разни научни дебати со повеќето од членовите на Академијата. Тоа е институција која ја промовира девизата на Леонардо да Винчи, а се однесува на синтезата меѓу уметничките и духовните вредности, и на научните истражувања. Испратив писмо на благодарност, на што претседателот Конрад предложи да дојде лично во Скопје на симпозиумот, што беше голема чест за мене.
Симпозиумот, кој се поклопи со објавата за мојата номинација, го отвори еден од најпознатите Хамлети во светот - романскиот актер Јон Карамитру. Тој е прогласен за лорд на уметноста од кралицата Елизабета, а неговиот Хамлет бил една година и осум месеци под забрана од цензорската комисија на Чаушеску. По падот на тој режим, Карамитру е првиот министер за култура во Романија. Во улогата на Хамлет бил 234 пати. Тие два дена во Скопје се случија фантастични настани на тема Хамлет, кој е еден вид симбол за слободата на идејата во европската меморија како лик кој се надвиснува овие 400 години над секоја интелектуална индивидуална и колективна форма на очај од историјата.


-За Хамлет, како значајна историска духовна граница, зборуваше и претседателот на Академијата Конрад?

Да, прочуениот физичар одржа предавање кое остави длабоки импресии кај сите гости од Балканот, а се однесуваше на истражување на пишувањето на Шекспир на "Хамлет" во 1604 година, и коректурите што тој ги имал една година по првата верзија. Големиот научник се осврна на пошироките односи во европски контекст што се случувале во таа година, како и на теми како кои астрономи ги читаше Шекспир, со кои тогашни историчари на политичката слика на Европа се среќаваше, со кои луѓе беше пријател и каков тип на идеи внесе Шекспир во однос на корективите на античките принципи. Тој влезе во една друга слобода, во која античките дотогашни шеми беа, на некој начин, избришани.
Средбата беше интересна и со искажувањето на Карамитру, кој зборуваше за својата историја за Хамлет и Европа во романски контекст.
На симпозиумот се одржа и ретроспектива на Роберт Јанкуловски на сите македонски Хамлети, од Ацо Стефановски, Мето Јовановски во Драмски, Ѓорѓи Јолевски, во режија на мојот брат Владо Цветановски, на Сефедин Нуредини во Албанскиот театар, Зоран Љутков, во режија на Зафирчев, до Лилиќ, во режија на Пројковски, а и работилница на таа тема.
Беа презентирани и моите сфаќања на темата "Хамлет", кои датираат уште со мојот прв текст, објавен во "Нова Македонија", кога почина актерот Ацо Стефановски, насловен "Последните зборови на првиот македонски Хамлет". Мојата припадност кон темата е исклучително на нервна база. Вторпат за "Хамлет" сум пишувал во 1977 година, кога се играше во Драмски театар. Тогаш ја напишав песната "Скопскиот Хамлет", објавена во мојата прва стихозбирка "Теорија на отровот". Следниот текст "Хамлет и Македонија - да се биде или не" го напишав кога се играше последниов "Хамлет" со Дејан Лилиќ на Охридско лето.

-Од каде е оваа ваша фасцинација од "Хамлет"?

Слободата на духот во Европа се случува со појавата на Хамлет. Има еден есеј од Јан Кот, во кој тој вели дека кога на Универзитетот во Витенберг, Хамлет и Фауст заедно пијат пиво во еден бар, тогаш започнува индивидуалната историја на Европа. Станува јасно оти индивидуата е прашање на форма на уметничка осама, која нема никакво влијание во историјата, освен во себеси. На ова ме потсети и Питер Брук, кој по неколку години прифати да направам документарен портрет за него, кога ми рече: "Во ред, ќе го направиме, но да знаеш, првата моја реченица ќе биде дека ниедна книга, ниедна театарска претстава, ниедно уметничко дело нема никакво влијание во историјата".
Со Хамлет започнува индивидуалната форма на сфаќањето на лудилото на историјата на бесмислата и на хаосот, што денеска владее во вид на глобален политички терор. Тоа ќе биде темата на мојата пристапна беседа на крајот од април во Сорбона - "Драматургијата на глобалниот политички терор - земи или остави".
Значи, ако сакаш да ја земеш, ќе читаш за Трамп, Тереза Меј, за Саркози,
ако нејќеш, ќе ги оставиш и ќе си тераш поезија.

-Кои се вашите тези во темата "Хамлет и Македонија - да се биде или не"?

Индивидуалната авантура на слободниот дух на Хамлет ме приврза да размислувам и да ја изедначувам Македонија со него, во балкански рамки, да ја изедначувам Македонија со позицијата на Хамлет како една естетичка драма во политичкиот контекст, која и денеска трае.
Кога со мој текст се отвораше парискиот театар "Силвија Монфор", познатиот актер, режисер и писател Роберт Осеин, тогаш, откако читал мои драми, ми рече: "Јордан, ти доаѓаш од една многу убава земја, но таа е многу опасно ситуирана". Тоа е голема реченица изговорена од голем автор.
Таа состојба на Хамлет ја истражував во одредени македонски ликови од тој период, за кои Блаже Конески ја има напишано песната "Девственици", за Гоце, Даме, за Пере. Така дојдов и до сознанието, што го споделив на Шекспир фест во Битола, дека Шекспир во Македонија првпат е преведуван од Тодор Лазаров во затвор. Тој бил анархист од крајот на 19 и од почеток на 20 век, кој е заточен во Фезан, Мала Азија, а потоа во Битола. Тој го преведува Шекспир на дијалект од Источна Македонија, а е спомнуван и од Мисирков, кого јас, пак, го нареков балкански лингвистички Моцарт.
Во таа смисла, мојот однос кон Шекспир и Хамлет во македонската историја беше на едно духовно и политичко поле, во кое индивидуалноста на македонскиот историски израз како една естетичка позиција беше заразуван и во минатото и во сегашноста. За иднината можеби е резервирана некоја друга стварност за која сонуваме.
Драматургијата на глобалниот политички терор беше инспирација за мене кога универзитетот Пантеон-Асас каде што сум член во комисијата за докторанти, ме покани таму да го одржам пристапното предавање.
Тие денови читав многу литература од архитектот и филозоф Пол Вилирио, кој вели дека само драматурзите можат да ја објаснат историската слика на светот, бидејќи се занимаваат со прашања како единство на време, на простор разврска, заплет.
Затоа јас ја предложив темата, тргнувајќи од тоа дека во класичната античка драматургија се велеше оти има единство на простор и единство на време, а сега целата земја е претворена во единство на опасност. Нема никој поштеден. Во тој момент почнува драматургијата на глобалниот политички терор кој владее сега во светската историја, да немаме илузии. Денеска имате 195 членки на на ОН, а ниту еден државник не цитирал ни една филозофска и книжевна мисла, бидејќи техниката на владеењето е, всушност, да се заврши со последната надеж во историјата на човештвото, а тоа е хуманизмот. Треба да биде исклучен од светската историја, и тоа да се претвори во пусто поле што се нарекува глобална потрошувачка каде што човечкиот сон ќе биде сличен на мислата на Сервантес дека целиот свет личи на едно мало марамче во кое може да биде упатен нашиот поглед, со утехата дека љубовта како категорија нема никогаш да биде уништена, таа е прашање на индивидуалниот занес. Но тој занес не може да влијае во светската историја, бидејќи таа е прашање на тиранијата на парите.
Во 1946 година, Алберт Ками бил поканет на Бруклинскиот колеџ во Њујорк да држи предавање за "Странецот". Во Франција тогаш владеел глад, тој испратил по брод две вреќи брашно од Њујорк за Париз и во време во кое голем број од светската интелигенција беше, на некој начин, заведена од идејата на комунизмот, тој кажа дека идеологијата на комунизмот ќе падне, идеологијата на фашизмот ќе падне, но една друга тиранија ќе се етаблира и ќе владее следните неколку илјади години, тоа е тиранијата на парите.


Picture
1 Comment

Беседа по повод прогласувањето на Роберт Вилсон за Doctor Honoris Causa

9/27/2016

0 Comments

 
Picture
РОБЕРТ ВИЛСОН ИЛИ СВЕТСКАТА ТЕАТАРСКА И ВИЗУЕЛНА РЕВОЛУЦИЈА
 
Точно пред три години по Универзитетот Сорбона
Почитуван Роберт Вилсон, Македонија Ве прогласува за
Doctor Honoris Causa на Универизтетот за аудиовизуелни уметности,
Европска Филмска, Театарска и Танцова академија, Скопје - Париз - Есен - Ротердам
И Македонскиот Народен Театар е среќен што Вие сте сега на неговата сцена
Покрај реката Вардар, што уште Хомер  ја споменува во Илијадата како славниот Аксиј.
Ве поздравуваат  Големата Мајка и Менадата
Зошто Македонија се смета како Ел Дорадо на европскиот неолит
Ве поздравуваат амфитеатрите што се наоѓаат на тлото на Република Македонија
Во салата на МНТ во вид на духови  од пред повеќе милениуми се присутни,
Актери, сатири и антички хорови, со игри песни и лири,
Од амфитеатарот Лихнидос во Охрид,
Кој со своја порака го откри Вашиот славен колега Питер Брук,
После две илјади години тишина, во Август 2001.
Ве поздравува амфитеатарот Хераклеа со Главата на поетот
Што се чува во Британскиот музеј во Лондон,
Ве поздравува амфитеатарот во Стоби на реката Еригон што се влива во Аксиос,
Каде што е подигната една од првите синагоги во Европа,
Ве поздравува амфитеатарот во Скупи,
Со статуите на римските императори
И сите неоткопани амфитеатри, каде сеуште се слушаат
Античките протагонисти и антагонисти,
Кои играа во последната трагедија на Вашиот омилен автор Еврипид,
Која се викаше „Архелаос или почетокот на народите“,
Бидејќи тој самот го заврши сопствениот живот  во
Селото Аретуса или Маслар,
Кое се наоѓа на два сати птичји лет од оваа сцена
На која Македонија Ве прогласува за Doctor Honoris Causa
Веднаш по Сорбона!
 
За да се движиме низ историјата
Ве поздравуваат и едни од најстарите теракотни икони
Пронајдени во едно лозје во Виничкото  Кале,
Ве поздравува и фреската на Ангелот од Курбиново,
И Св. Матеј од Охридската галерија на икони
Ве поздравуваат и стиховите од Вашата претстава Руми
И гласот на Мевлана што одекнува во текињата што ги
Опиша нашиот заеднички пријател Кудси Ергунер,
Што Ви беше композитор на истоимената претстава,
И што ја работеше музиката на мојата драма „Р“ ,
Во Марсеј во режија на Мемет Улусој
Ве поздравуваат и Шарената џамија во Тетово и Куршумли Ан во Скопје
Од славните градби на Отоманската империја
Низ зборовите на апостол Павле, кои и денска одекнуваат
Во македонската мултиетничка духовна ствароност:
„Ако Љубов немаш ништо немаш“
Со таа Љубов ќе ја евоцираме Вашата театарска и визуелна револуција
Што Вие ја направивте на сите пет континенти на планетата Земја
Вие сте револуционер и пред да се родите
Бидејќи таа започна со Вашето раѓање на 4 октомври 1941 г. во екот на Втората светска војна
Во Вако, во американската држава Тексас
И Вие бевте уште дете, кога  Теодор Адорно рече:
„Како е можно  да се мисли на поезија и уметност после ужасите на Аушвиц“,
Но, бидејќи заборавот е основа на светската историја
Борхес напомена  дека: „Единствено нешто што е бесмртно во историјата е самото човештвото“
Вие самиот, како и сите сами и осамени личности што ја градат идејата насветската цивилизација
Започнавте да го барате својот израз,
И низ архитектурата, низ танцот и низ визуелните уметности
Кои се прекршуваат низ театарот на Шекспировата Сцена на Светот
И бидејќи денес сте гостин на Македонија и на Балканот
ќе Ви ја посветиме Вам, една од најубавите реченици на
Проучувачот на балканската цивилизација, професорот Бранко Гавела
Кој го опиша индивидуалниот раст во уметноста со следните зборови:
„Окован во тело, човечкиот дух растеше од материјата како цвет од каменот“
Добредојдовте Роберт Вилсон, добредојдовте цвету од каменот!
 
Вашата танцова, театарска и визуелна револуција започнува со
Мерс Канингем, Марта Грејем и Џорџ Баланшин
И потоа Вие се движите во бескрајот што сам го создавате,
И тој бескрај го носи Вашето име бидејќи „Ајнштајн на плажа“, заедно со
Композиторот Филип Глас постигна таков светски успех
Што Вие бевте доживуван  како ново тектонско поместување
Во сценските и визуелните уметности чиишто
Плодотворни благодети, не само што ја фасцинираа т.н.
Транс Атлантска цивилација помеѓу Европа и Америка
Туку со Вашите појави на БИТЕФ во Белград 1971
И на Шираз-Персеполис фестивалот во Иран во 1972
Вие почнавте да ја будите илузијата дека театарот ќе го промени светот
 
Таа илузија продолжи со страшно темпо:
Преку Шекспировиот Крал Лир и неговиот и Ваш монолог на Хамлет,
Преку Хамлетмашинатаи сите други Хајнер Милери
Кои и денес се присутни во нашето сеќавање
Дека нова утопија ќе го спаси светот , а никако да го спаси
Преку Црниот Јавач  со Вилјам Бароуз и Том Вејтс,
Парсифал и Прстенот на Нибелунзите од Рихард Вагнер
Преку Бихнер, Ибзен,Брехт, Бекет,
Преку ВУМ видео портретите и бесмртната игра на Баришников
И инсталациите што ги вознемирија духовите на Венеција, Токио и Осло
Стигнувајќи до Русија, Индија и Кина
И Вашата последна изложба во Лувр
Каде што направивте да плаче целата ликовна и скулпторска класика
А светот никако да биде спасен !
 
Во Скопје Вие стигнавте од премиерата на Фауст во Париз,
Земјината топка ја потресуваат војни, уништувања, милиони невини жртви и бегалци
И овде во името на оваа церемонија јас би сакал да Ви го одвлечамв вниманието
На значењето на зборот Планета, што доаѓа од името Планетос – или осамен човек- скитник
Вие сте планетос и бидејќи сте во регионот на Балканот, кадешто се одвивала
Првата драма на бегалци од грчко-персиската војна,
Кога Историчарот Херодот бил жестоко нападнат од своите современици
Дека безобзирно го зголемува бројот на мигрантите што тогаш изнесувал олоку 30 000
Трагичарот  Софокле истапил со текстот „Одбраната на Херодот“
Во којшто го подвекол хуманизмот на Херодот во односот со бегалците,
Две и пол илјади години после тој настан,
Високоиот комитет за бегалци при Обединетите нации,
Објавува дека денеска официјано регистриран број на бегалци во светот е 273 милиони луѓе
Што може денеска шекспировата Сцена на Светот
И Роберт Вилсоновата визуелна револуција да одговорат на ова прашање?
Дали уметноста е тотално немоќна пред воените разурнувања
Со кои Големите сили го владеат светот?
Драги Роберт Вилсон, на крајот од оваа беседа со којаВе прогласуваме за Doctor Honoris Causa,
Ќе Ве потсетам на предавањето на Албер Ками во Бруклин Колеџот во Њујоркво 1946 г.
За кого Сартр рече дека е последно чудо на Медитеранот
Ги кажа следните зборови:
„Сите идеологии ќе исчезнат и само една тиранија ќе остане да владее врз беспомошното
човештво , а тоа е Тиранијата на парите“.
Бидејќи Вие сам по себе сте Глобална револуција
Во духот на Бодлеровиот стих дека „се почнува од Еден и се завршува во Еден“
Нека никне како цвеќе во каменот Вашиот ВУМ портрет на планетата Земја
Во која еден единстевен миг и ништо повеќе ќе веруваме дека сме спасени.
26 септември 2016 г. Скопје


0 Comments

РУДОЛФ ШУСТЕР ВО МАКЕДОНИЈА

9/15/2016

1 Comment

 
Легендарното име на словачката историја, култура, политика и кинематографија Рудолф Шустер, кој во својата исклучителна кариера од 1999 г. до 2004 г. беше и Претседател на Словачката Република, на 12 септември 2016 г. се здоби со највисоката универзитетска инсигниа Doctor Honoris Causa на Универзитетот Св. Климнет Охридски од Битола.  На свеченоста на којашто беа присутни голем број на претставници на дипломатскиот кор и на националните институции, ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски, Проф. Д-р Сашо Коруновски го поздрави претседателот Шустер и го изрази своето задоволство дека овој чин се одвива во исто време со Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола „Браќа Манаки“. Како претседател на рецензетската комисија, Јордан Плевенеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности го поднесе рефератот во којшто направи опсежна ретроспектива на животната, уметничката, и кинематографската одисеја на Шустер, којшто припаѓа на првата фамилија кинематографери на Словачка , кои што во дваесеттите години на 20 век, ја започнале, слично како браќата Манаки историјата на словачкиот нем филм. Ректорите Коруновски и Плевнеш беа поканети од Рудолф Шустер да бидат гости на неговиот  Приватен музеј на кинематографијата во Меѕев во Словачка, за да започне нова иницијатива за поврзување на овие две точки во европската историја на филмот кои се наоѓаат во нашите две земји. Како благодарност за  средбата  и идната соработка претседателот Шустер на ректорот Плевнеш му го подари македонското издание на неговиот политички роман „Ултиматум“, којшто во брилијантен превод на Стојан Лековски го објави „Просветно дело“, каде што е објавена и серија фотографии на незаборавните средби меѓу прерано починатиот македонски претсетател Борис Трајковски и претседателот Шустер.

1 Comment

Балканофилскиот подвиг на Плевнеш во париската „Телерама“

6/1/2016

0 Comments

 
Picture
На 1 Јуни 2016 година, во Париз, во престижниот Палас почнува шестото издание на филмскиот фестивал на Југо-Источна Европа SEE a Paris 2016. Оваа недела, еден од најтиражните неделници во Франција „Телерама“, објавува портрет на оснивачот на фестивалот, македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш. Во портеретот, покрај неговата импресивна уметничка дејност на различни меридијани, акцентот е ставен на неговиот балканофилски подвиг, кој започна пред шест години во Париз, продолжи пред две години во Берлин, а од оваа година ќе се одржува во еден од најубавите кинески градови, Нингбо, во близинна на Шангај.
Фестивалот на Југоисточна Европа станува платформа на вреднување на најзначајните настани во современите кинематографии и на вреднување на големите опуси на филмските класици на Југо-Источна Европа. Оваа година специјални гости на фестивалиот ќе бидат Вељко Булајиќ, на кого му се доделува наградата „SEE Film Legend 2016“, Желимир Жилник, кој ќе одржи интернационална работилница и актерот Бане Поповиќ, кој што по Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Емир Хаџихафисбеговиќ  и Раде Шербеџија, е прогласен за „SEE Actor 2016“.
Во овогодишното издание, кое свечено ќе биде отворено со изложбата на познатиот македонски сликар Владимир Геогиевски „Балканскиот Дон Кихот во Европа“, ќе бидат прикажани голем број играни, документарни и кратки филмови. Претседател на интернационалното жири што ќе ги оценува филмовите е познатиот француски режисер Ив Буасе, а за време на цермонијата на објавување на наградите, на 5 Јуни, на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, ќе и биде врачено признанието „SEE Music Legend 2016“.
0 Comments

Париз го чествува Чинго

2/23/2016

0 Comments

 
Picture
На 24 февруари, во една од најстарите образовни институции на СОРБОНА, Институтот за ориентални јазици и цивилизации, ќе се одржи симпозиум посветен на големото име на македонската кнжевност на интернационален план, Живко Чинго (1935-1987). Воведно обраќање на симпозиумот ќе има Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, а по повод второто издание на култниот роман “Големата вода”, кој го објави издавачката куќа Le nouvel Attila, а во превод на Марија Бежановска.
На симпозиумот исто така учествуваат поголем број на имиња од издавачкиот и книжевен свет на Франција, во организација на професорката Фроса Бушро, шеф на катедрата по Македонски студии во Париз.
По симпозиумот, во големиот аудиториум на ИНАЛКО ексклузивно ќе биде прикажан играниот филм “Големата вода”, во режија на Иво Трајков.

0 Comments

Промоција на драмите на Јордан Плевнеш во МНТ

1/20/2016

0 Comments

 
Picture
Во Македонскиот народен театар на 21 јануари 2016, со почеток во 20 часот, непосредно пред почетокот на изведбата на претставата „Вечната куќа“, ќе биде промовирано изданието на собраните драми на Јордан Плевнеш, коишто се играни во повеќе европски и светски земји. Ексклузивната книга е во издание на Македонскиот народен театар.
Приредувач е д-р Јелена Лужина, а присутните со пригодна реч, во присуство на авторот Јордан Плевнеш, ќе ги поздрави добитникот на наградата за хуманизам 2016, хрватскиот академик Дарко Гашпаровиќ.
0 Comments

Докторат за македонските медиуми

12/9/2015

0 Comments

 
Picture
Во свечената сала за докторски дисертации на Институтот Пантеон - АСАС кој е дел на Париската Сорбона, на 08 Декември 2015 година, скопјанката Ангелина Ајаноска со највисока оценка ја одбрани докторската дисертација “Македонскиот медиумски пејзаж”, плод на нејзината шест годишна интензивна научно-истражувачка дејност.
Во тезата се опфатени првите македонски весници во преродбата од почетокот на XIX век, печатени во различни балкански центри, како и весниците на македонската интелигенција во светските центри во Париз, Санкт Петерсбург, Женева и Лондон, со посебен акцент во периодот меѓу двете светски војни. Тезата продолжува со круната на асномска Македонија и првиот број на Нова Македонија во 1944 година и понатаму,  од 1991 година по осамостојувањето на Македонија, првиот дневен весник “Република”, како и сите македонски медиуми кои излегуваат на сите јазици во Мaкедонија, правејќи една европска лабораторија на културната и информатичката коегзистенција.
Ментор на нејзината теза е професор Фабрис Далмеида, автор на научните бестселери за медиумите како: “Сликите на пропагандата”, “Манипулација”, “Историја на медиумите во Франција” и други. Претседател на комисијата е Валери Древилар, а посебно признание кон високо образовниот систем на Република Македонија е тоа што како член на комисијата и главен автор на академскиот извештај учевствуваше и Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш.
Комисијата во својата оценка го предложи докторатот за објавување кај европските и македонските издавачи, за да се запознаат со идентитетот на македонскиот народ, за кој доајенот на француската поезија и журнализам Пјер Беарн рече: “На Македонија и нејзиниот народ најпосле родени од Европа”.

Picture
0 Comments

НОВА ПОСТАНОВКА НА „ЕРИГОН“ ОД ПЛЕВНЕШ ВО РЕЖИЈА НА ЈАНИ БОЈАЏИ 

9/25/2015

0 Comments

 
Picture
Драмски театар Скопје на 24 Септември премиерно ќе ја изведе претставата „Еригон“ од Јордан Плевнеш во режија на Јани Бојаџи, праизведена во 1982 година во режија на Љубиша Геогриевски.
Уметничкиот директор на ДТС Рубенс Муратовски на прес-конференција рече дека е храброст да се обнови претстава која била култна како што „Еригон“ била пред 33 години кога ги освоила наградите на најголемите фестивали во регионот, на Стериино позорје во Нови Сад, МЕСС во Сараево и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.  
- Во 1982 Плевнеш и Георгиевски се прашале дали и колку е естетски чин да се биде Македонец. Тоа се прашуваат генерации потоа, рече Муратовски.
Режисерот Бојаџи истакна дека „Еригон“ му била една од детските мечти, а кога пред 14 години почнал да се занимава со театар му била една од трите сценски предизвици, покрај „Тетовирани души“ и „Вејка на ветрот“. 
- Жал ми е што не се променио ништо за овие 40 години. Тогаш ова било направено со огромна страст и со една единствена намера нешто да се промени, и по толку време не се променило ништо. Јас сум прва генерација Македонец роден во Републиката и исклучително ми е непријатно чувството кога треба да го живеам животот на мојот дедо. За жал, тоа е вистината. Четириесет години подоцна се зафативме да се обидеме да допреме до тоа што Плевнеш, Георгиевски, Петар Темелковски, Мето Јовановски... го отвориле тогаш, рече Бојаџи.
За да го постави повторно текстот на Плевнеш  бил воден од идејата за општествена одговорност на театарот и од идејата на Љубиша Георгиевски во книгата  „Антологија на театарот“ дека „театарот е јавен чин, а со тоа и политички пар екселанс“.
- Ако сакаме како уметници да бидеме општествено одговорни и да си го оправдаме скапиот леб кој овој народ во овие исклучително сериозни времиња го одвојува за нас, за ние да правиме театар, тогаш јас лично и моите соработници не сакавме да се занимаваме со личните фрустрации и со сопствениот ескапизам. За жал, реалната култура и уметност во Македонија во последните 15 години е претворена во лечилиште за личните фрустрации на авторите. Се обидовме да бидеме јасни, точни, едноставни и прецизни, да се занимаваме со проблеми кои зборуваат за овој народ, за оваа земја, не со претензии дека ќе ги решиме, туку со идеја дека 40 години по праизведбата повторно ќе ги преотвориме, додаде Бојаџи. 
Насловната улога овојпат ја игра актерот Игор Стојчевски кој во претходната постановка на „Еригон“, во 1999 година, бил статист додека бил студент во класата на Владе Цветановски кој тогаш ја режирал оваа претстава. - Исклучително тешка материја, горлива тема и горчливи прашања кои ги поставуваме, рече Стојчевски. 
Во актерската екипа се и актери на ДТС и студенти на Универзитетот ЕСРА: Роберт Вељановски, Гордана Ендровска, Кристијан Светиев, Христијан Поп Симонов, Миа Кантарџиева, Марина Поп Панкова, Соња Стамболџиоска, Дритон Вејсели, Ирена Илиевска, Александар Степанулески, Анастас Тановски, Благица Димитровска, Александра Павлова, Ѓорѓи Тодоровски (кој играл и во праизведбата во 1982), Едмонд Сотир, како и Петар Темелковски и Милица Стојанова кои се појавуваат на видео. Сценограф на претставата е Владо Ѓоревски, костимограф Невенка Тасева-Петровиќ, музиката е на Горан Трајковски. 

Превземено од Утрински Весник.

0 Comments
<<Previous
Forward>>

    Archives

    January 2026
    May 2022
    March 2022
    February 2022
    August 2021
    July 2021
    July 2020
    June 2020
    December 2019
    November 2019
    September 2019
    July 2019
    April 2019
    December 2018
    November 2018
    October 2018
    August 2018
    June 2018
    May 2018
    April 2018
    January 2018
    December 2017
    November 2017
    May 2017
    March 2017
    September 2016
    June 2016
    February 2016
    January 2016
    December 2015
    September 2015
    August 2015
    July 2015
    March 2015
    February 2015
    December 2014
    October 2014
    September 2014
    July 2014
    June 2014
    May 2014
    March 2014
    February 2014
    January 2014
    December 2013
    November 2013
    October 2013
    September 2013
    July 2013
    June 2013
    March 2013
    February 2013
    January 2013
    December 2012
    October 2012
    September 2012
    July 2012
    June 2012
    May 2012
    March 2012
    February 2012
    December 2011
    November 2011
    October 2011
    September 2011

    Categories

    All

    RSS Feed

Powered by Create your own unique website with customizable templates.