Пишува:
Љубомир ГРУЕВСКИ
(Текстот е објавен во два дела во неделникот "Битолски весник" бр. 2533 на 18 и бр. 2534 на 25 декември 2013)
Ни четирите часа, колку што траеше своевиедниот сценски спектакл, со кој и официјално свечено е ставен во функција новиот објект на националната институција МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР, се чини не ѝ беа доволни на вешто сочинетата драмска структура на еминетниот македонски драматург Јордан ПЛЕВНЕШ - големиот познавач, истражувач и ползувач на прашливите но и недостапни архиви и артефакти од македонското колку херојско/јуначко и трагично, толку славно минато (сето ставено во литературна функција) за на крај да ја оствари својата авторска цел: да означи, да фасцинира но и да ја овековечи; да го врами нашето историско минато (ликови и настани) во вечниот сценски квадрат - таа сета драматична, трагична и толку славна македонска историска приказна - на вековниот голготски пат и непребол македонски.
Па така, и без подлегнување на импресиите мора да подвлечеме , дека со драмската структура- „ВЕЧНАТА КУЌА“ , Јордан ПЛЕВНЕШ и покрај иницијално наменскиот момент, со голем креативен труд и учинок, создава драмска фантазија, која со зрелоста (текстура, драмската сложеност, волуменозноста) и над се со зрелоста на основните и круцијални драматуршки елементи - вештината на правењето сценски перформанс, ги надвишува повеќето од неговите драмски ракописи.
Јордан ПЛЕВНЕШ, носителот на поетскиот јазик во драмската форма кај нас, со својата најчесто декомпонирана драматуршка матрица, со постмодернистички белези, својата авторска драматуршка појава ја отпочна во далечните осумдесетти години на сега веќе минатиот век, со лирско епската историски заснована приказна „Еригон“ во режија на уште тогаш веќе прославениот мајстор на македонскиот театар, режисерот Љубиша ГЕОРГИЕВСКИ. Вториот, големиот режисер, неговиот брат Владимир ЦВЕТАНОВСКИ беше исто така соработникот со кој тој успеваше да ја збогати театарската уметност со мечтателноста, поетичноста но и епичноста на македонската трагика. Не правејќи скоро никакви позначајни оддалечувања од својот основен драматуршки ракопис и тематски дискурс, тој следниот соработник за инсценациите на својата лирско-епска драматургија го наоѓа во осведочено најангажираниот и најинвентивниот театарски режисер од најмладата (сѐуште) генерација театарски режисери - Дејан ПРОЈКОВСКИ, како за оваа така и за други понови негови претстави.
Таа соработка, токму со ВЕЧНАТА КУЌА - овие денови го дава резултатот кој не остава простор за размисли околу многуте сценски решенија, иако широкото (и длабоко) во опфатот, навлегување на Ј. ПЛЕВНЕШ, во многу историски тајни и таинствености, загатки и контроверзи (како кај личности, така и во слични настани) финално не го загрозува ниту неговиот креативниот учинок, како автор на драматуршката предлошка, ниту инвентивниот и богат режисерски ракопис на Дејан ПРОЈКОВСКИ, кој покрај отворениот/податлив текст на Плевнеш, на располагање ја има најновата сценска технологија и техника , којашто останува да е придобивка спечалена благодарение на и со обновата, односно изградбата на Театарот крај Вардар (врз старите темели) за чија што пак функција Пројковски, мораше да се потпре врз познавачи на таа и таква врвна технологија која малку театарски куќи во Европа ја имаат на располагање, а чиишто достигнувања и можности и режисерот и сите други соработници, мајстори на својот занает и уметност (кореограф, сценограф, костимограф) ја ставаат во функција на претставата, обезбедувајќи го нејзиниот динамичен и мошне, мошне долг тек - на таа македонска , општочовечка но и општоцивилизациска сага, која не само што претставува, покажува историски факти и вистини од македонското минато, туку крајно и поставува круцијални прашања за македонскиот опстој.
Но пред да се одговори на сите прашања што ги носи со себе ВЕЧНАТА КУЌА во Новиот театар, под новиот покрив/покров, да кажеме дека во барањето на временски простор да одговори на сите барања и очекувања, а да не стане досадна - претставата, театарскиот чин „Вечната куќа“, по долги времиња ја врати паузата, меѓу два дела, меѓу два чина... Убаво за Театарот, убаво за публиката... Убаво да се средат импресиите, да се разменат, да се споделат чувствата.Со други зборови да се видат луѓето.Да се видиме спокојни и да расудиме, заеднички: „шчо напрајфне, и шчо...“ да се прави со иднината, по такво -минато.
Драмскиот текст на „Вечната куќа“ , Јордан Плевнеш го компонира врз идејата и непобитна (природна) вистина дека земјата (и земните богатства, имоти) - ги поседува и владее со „вечните“ империи и царства и нивните големи и непобедиви војски и војсководци, а не човекот (во било кое и величенствено/бесмртно издание) не како индивидуа, како смртно суштетсво , кој и денес и како високо развиено разумно битие постоејќи во високо развиената современост , сепак живее во очигледна заблуда за поседувањето на земјата и нејзините земни богатства.
Затоа во својата голема историска приказна, драматургот Плевнеш, драмското мора да го бара не во класичната драмска структура, туку во епичните драматики на многуте историски епизоди, настани и времиња, во кои се одвиваат, постојат и се случуваат драматичните житија на многуте од достојно одбележани историски ликови, кои со своето делување го обележуваат своето време и овој наш вечен балкански дом и македонскиот народ во него со сите или во сите неодмиливи македонски значајни историски личности, нивни стремежи и достигнувања, признати или не - но секогаш доблесни и доследни, на својата „вечна куќа“ - Македонија.
Очигледно за да го апострофира значајното гео-одредиште на Балканот и Македонија посебно - како земја кој е толку блиска до библиските простори (означена и на библиските страници, како прва земја на која стапнуваат светите првоапостоли Исусови), а и за да ја обезбеди толку нужната драмска нишка, авторот Јордан Плевнеш, ги одбира преставничките на еврејското семејство Бенвениста, чии славни претци по прогонот на „одбраниот народ“ од Португалија во средниот век, се населуваат во Македонија и токму во Скопје крај Вардар во 1502 година и ја градат својата импозантна куќа за „вечни времиња“. Трите современи претставнички на семејството Бенвениста, околу и преку кој се одвива нарацијата за големата сага за Македонија низ времиња и векови се: Стела Бенвениста, која го преживува познатиот холокауст на Евреите во Втората светска војна останува како вистински наследник на куќата во Скопје, која според законите на независна Република Македонија и припаѓа првенствено нејзе, како на единствен пре/живеан наследник, потоа тука се нејзината ќерка Естреа и внуката Естел. Авторот Плевнеш, трите ликови на смејството Бенвениста, ги ползува не само за да ја раскажува „македонската приказна“ низ векови, туку и очекувано за да развие и други линии на ваква или онаква паралелна драматуршка структура и на сиот историски опфат на нештата да им додаде доза на актуелизација и современост.
Главната раскажувачка (и покажувачка) линија одлично ја изнесува ликот на стара Стела Бенвениста - централната ролја која авторитетно, со мерка и емотивно ја остварува Искра Ветерова, а драматургот Плевнеш своевидното осовременување и лоцирање на дејствието(?) со одреден успех го остварува преку нејзината ќерка Естреа (во толкување на уверливата Драгана Костадиновска) и најмладиот изданок на семејството Бенвениста, нејзината ќерка, односно внуката Естел Бенвениста, во интерпретација на мошне симпатичното сценско лице, младата Дарја Ризова. Интимните и семејните исповеди на последниве две преставнички на семејството Бенвениста, треба да се и отклонувањето, односно драматуршкото избегнување на еднолиниската нарација и драмска приказна, во што се вклучени и други современи ликови и настани.
Во осварувањето на вака амбициозната во опфатот историска рамка на простори, историски проекции на историски настани и личности, овој мошне, мошне амбициозен проект морал да вклучи капацитети од над 120 актери, сегашни и поранешни членови на ансмблот на МНТ, но и студенти од театарските факултети ФДУ и ЕСРА. Во така големата бројка на ученици, актери со изградени уметнички профил, кои успешно ја пренесуваат сета драматика на замислата и остваруваат спектарот на бои на импозантната фреска во Вечната куќа. Исто така најлесно се самоапострофираа актерите Тони Михајловски - во улогата на личниот правен застапник на семејството Бенвениста; како и младиот Васил Шишков кој го толкува ликот на прерано починатиот негов татко - Ристо Шишков, една од трагичните, а даровити актерски фигури, со чии препознатливи патриотски беседи ќе заврши претставата, со што му беше дадена голема шанса на неговиот син - за враќање на сцената.
Треба многу простор за овој театарски настан да се одбележи во сите негови сегменти затоа и на крај таксативно да кажеме на спектаклот, одредницата музички, им ја обезбеди кој друг ако не Горан Трајковски; можностите во доменот на ритуалите (етно-историски и др.) режисерот Пројковски ги користи од познавањата на Александар Илиев, и на успешната негова режија, во техничкиот дел и драмско ползување на светлото, му помагаше европскиот специјалист Дени Шесниќ, за да го прикаже сите перформанси на современата сценска технологија, како и со леталото (цепелин) на сцената и над преполнетиот салон.
Па, нека трае вечно, овој чудесен сон - за вечниот дом, вечната куќа... За вечните вредности на уметноста и светот како простор за културен подем на убавото и хуманото - Зашто историјата е учителка (а уметност само помошник), нели?