Легендарното име на словачката историја, култура, политика и кинематографија Рудолф Шустер, кој во својата исклучителна кариера од 1999 г. до 2004 г. беше и Претседател на Словачката Република, на 12 септември 2016 г. се здоби со највисоката универзитетска инсигниа Doctor Honoris Causa на Универзитетот Св. Климнет Охридски од Битола. На свеченоста на којашто беа присутни голем број на претставници на дипломатскиот кор и на националните институции, ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски, Проф. Д-р Сашо Коруновски го поздрави претседателот Шустер и го изрази своето задоволство дека овој чин се одвива во исто време со Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола „Браќа Манаки“. Како претседател на рецензетската комисија, Јордан Плевенеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности го поднесе рефератот во којшто направи опсежна ретроспектива на животната, уметничката, и кинематографската одисеја на Шустер, којшто припаѓа на првата фамилија кинематографери на Словачка , кои што во дваесеттите години на 20 век, ја започнале, слично како браќата Манаки историјата на словачкиот нем филм. Ректорите Коруновски и Плевнеш беа поканети од Рудолф Шустер да бидат гости на неговиот Приватен музеј на кинематографијата во Меѕев во Словачка, за да започне нова иницијатива за поврзување на овие две точки во европската историја на филмот кои се наоѓаат во нашите две земји. Како благодарност за средбата и идната соработка претседателот Шустер на ректорот Плевнеш му го подари македонското издание на неговиот политички роман „Ултиматум“, којшто во брилијантен превод на Стојан Лековски го објави „Просветно дело“, каде што е објавена и серија фотографии на незаборавните средби меѓу прерано починатиот македонски претсетател Борис Трајковски и претседателот Шустер.
1 Comment
На 1 Јуни 2016 година, во Париз, во престижниот Палас почнува шестото издание на филмскиот фестивал на Југо-Источна Европа SEE a Paris 2016. Оваа недела, еден од најтиражните неделници во Франција „Телерама“, објавува портрет на оснивачот на фестивалот, македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш. Во портеретот, покрај неговата импресивна уметничка дејност на различни меридијани, акцентот е ставен на неговиот балканофилски подвиг, кој започна пред шест години во Париз, продолжи пред две години во Берлин, а од оваа година ќе се одржува во еден од најубавите кинески градови, Нингбо, во близинна на Шангај.
Фестивалот на Југоисточна Европа станува платформа на вреднување на најзначајните настани во современите кинематографии и на вреднување на големите опуси на филмските класици на Југо-Источна Европа. Оваа година специјални гости на фестивалиот ќе бидат Вељко Булајиќ, на кого му се доделува наградата „SEE Film Legend 2016“, Желимир Жилник, кој ќе одржи интернационална работилница и актерот Бане Поповиќ, кој што по Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Емир Хаџихафисбеговиќ и Раде Шербеџија, е прогласен за „SEE Actor 2016“. Во овогодишното издание, кое свечено ќе биде отворено со изложбата на познатиот македонски сликар Владимир Геогиевски „Балканскиот Дон Кихот во Европа“, ќе бидат прикажани голем број играни, документарни и кратки филмови. Претседател на интернационалното жири што ќе ги оценува филмовите е познатиот француски режисер Ив Буасе, а за време на цермонијата на објавување на наградите, на 5 Јуни, на кралицата на ромската музика Есма Реџепова, ќе и биде врачено признанието „SEE Music Legend 2016“. На 24 февруари, во една од најстарите образовни институции на СОРБОНА, Институтот за ориентални јазици и цивилизации, ќе се одржи симпозиум посветен на големото име на македонската кнжевност на интернационален план, Живко Чинго (1935-1987). Воведно обраќање на симпозиумот ќе има Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, а по повод второто издание на култниот роман “Големата вода”, кој го објави издавачката куќа Le nouvel Attila, а во превод на Марија Бежановска. На симпозиумот исто така учествуваат поголем број на имиња од издавачкиот и книжевен свет на Франција, во организација на професорката Фроса Бушро, шеф на катедрата по Македонски студии во Париз. По симпозиумот, во големиот аудиториум на ИНАЛКО ексклузивно ќе биде прикажан играниот филм “Големата вода”, во режија на Иво Трајков. Во Македонскиот народен театар на 21 јануари 2016, со почеток во 20 часот, непосредно пред почетокот на изведбата на претставата „Вечната куќа“, ќе биде промовирано изданието на собраните драми на Јордан Плевнеш, коишто се играни во повеќе европски и светски земји. Ексклузивната книга е во издание на Македонскиот народен театар.
Приредувач е д-р Јелена Лужина, а присутните со пригодна реч, во присуство на авторот Јордан Плевнеш, ќе ги поздрави добитникот на наградата за хуманизам 2016, хрватскиот академик Дарко Гашпаровиќ. Во свечената сала за докторски дисертации на Институтот Пантеон - АСАС кој е дел на Париската Сорбона, на 08 Декември 2015 година, скопјанката Ангелина Ајаноска со највисока оценка ја одбрани докторската дисертација “Македонскиот медиумски пејзаж”, плод на нејзината шест годишна интензивна научно-истражувачка дејност. Во тезата се опфатени првите македонски весници во преродбата од почетокот на XIX век, печатени во различни балкански центри, како и весниците на македонската интелигенција во светските центри во Париз, Санкт Петерсбург, Женева и Лондон, со посебен акцент во периодот меѓу двете светски војни. Тезата продолжува со круната на асномска Македонија и првиот број на Нова Македонија во 1944 година и понатаму, од 1991 година по осамостојувањето на Македонија, првиот дневен весник “Република”, како и сите македонски медиуми кои излегуваат на сите јазици во Мaкедонија, правејќи една европска лабораторија на културната и информатичката коегзистенција. Ментор на нејзината теза е професор Фабрис Далмеида, автор на научните бестселери за медиумите како: “Сликите на пропагандата”, “Манипулација”, “Историја на медиумите во Франција” и други. Претседател на комисијата е Валери Древилар, а посебно признание кон високо образовниот систем на Република Македонија е тоа што како член на комисијата и главен автор на академскиот извештај учевствуваше и Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш. Комисијата во својата оценка го предложи докторатот за објавување кај европските и македонските издавачи, за да се запознаат со идентитетот на македонскиот народ, за кој доајенот на француската поезија и журнализам Пјер Беарн рече: “На Македонија и нејзиниот народ најпосле родени од Европа”. Драмски театар Скопје на 24 Септември премиерно ќе ја изведе претставата „Еригон“ од Јордан Плевнеш во режија на Јани Бојаџи, праизведена во 1982 година во режија на Љубиша Геогриевски. Уметничкиот директор на ДТС Рубенс Муратовски на прес-конференција рече дека е храброст да се обнови претстава која била култна како што „Еригон“ била пред 33 години кога ги освоила наградите на најголемите фестивали во регионот, на Стериино позорје во Нови Сад, МЕСС во Сараево и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. - Во 1982 Плевнеш и Георгиевски се прашале дали и колку е естетски чин да се биде Македонец. Тоа се прашуваат генерации потоа, рече Муратовски. Режисерот Бојаџи истакна дека „Еригон“ му била една од детските мечти, а кога пред 14 години почнал да се занимава со театар му била една од трите сценски предизвици, покрај „Тетовирани души“ и „Вејка на ветрот“. - Жал ми е што не се променио ништо за овие 40 години. Тогаш ова било направено со огромна страст и со една единствена намера нешто да се промени, и по толку време не се променило ништо. Јас сум прва генерација Македонец роден во Републиката и исклучително ми е непријатно чувството кога треба да го живеам животот на мојот дедо. За жал, тоа е вистината. Четириесет години подоцна се зафативме да се обидеме да допреме до тоа што Плевнеш, Георгиевски, Петар Темелковски, Мето Јовановски... го отвориле тогаш, рече Бојаџи. За да го постави повторно текстот на Плевнеш бил воден од идејата за општествена одговорност на театарот и од идејата на Љубиша Георгиевски во книгата „Антологија на театарот“ дека „театарот е јавен чин, а со тоа и политички пар екселанс“. - Ако сакаме како уметници да бидеме општествено одговорни и да си го оправдаме скапиот леб кој овој народ во овие исклучително сериозни времиња го одвојува за нас, за ние да правиме театар, тогаш јас лично и моите соработници не сакавме да се занимаваме со личните фрустрации и со сопствениот ескапизам. За жал, реалната култура и уметност во Македонија во последните 15 години е претворена во лечилиште за личните фрустрации на авторите. Се обидовме да бидеме јасни, точни, едноставни и прецизни, да се занимаваме со проблеми кои зборуваат за овој народ, за оваа земја, не со претензии дека ќе ги решиме, туку со идеја дека 40 години по праизведбата повторно ќе ги преотвориме, додаде Бојаџи. Насловната улога овојпат ја игра актерот Игор Стојчевски кој во претходната постановка на „Еригон“, во 1999 година, бил статист додека бил студент во класата на Владе Цветановски кој тогаш ја режирал оваа претстава. - Исклучително тешка материја, горлива тема и горчливи прашања кои ги поставуваме, рече Стојчевски. Во актерската екипа се и актери на ДТС и студенти на Универзитетот ЕСРА: Роберт Вељановски, Гордана Ендровска, Кристијан Светиев, Христијан Поп Симонов, Миа Кантарџиева, Марина Поп Панкова, Соња Стамболџиоска, Дритон Вејсели, Ирена Илиевска, Александар Степанулески, Анастас Тановски, Благица Димитровска, Александра Павлова, Ѓорѓи Тодоровски (кој играл и во праизведбата во 1982), Едмонд Сотир, како и Петар Темелковски и Милица Стојанова кои се појавуваат на видео. Сценограф на претставата е Владо Ѓоревски, костимограф Невенка Тасева-Петровиќ, музиката е на Горан Трајковски. Превземено од Утрински Весник. По настапот на Виенскиот граѓански форум, каде што го претстави проектот за културна телевизија на земјите од Западен Балкан “SEE IP ART TV”, Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш, објави авторски текст за високо тиражниот весник “Der Standard” од Виена, кој што го потпишува заедно со австрискиот историчар Кристоф Бенедиктер. Во текстот кој што носи наслов “Долгиот пат на Балканот во Европа”, се анализира сегашната состојба на бескрајната транзиција и се потсетува на весникот “Балканска федерација”, кој што беше покренат од поголем број балкански интелектуалци и хуманисти во 1925 година, точно пред 90 години го имале истиот сон како и денешните генерации во земјите на Западен Балкан. Целиот текст може да се најде на следниот ЛИНК. Европската праизведба на пиесата “Кирил и Методи who are you” од Јордан Плевнеш во режија на Марин Кочовски, а во изведба на Народниот театар од Прилеп во ко-продукција со Сфумато театарот од Софија, Киклос театарот од Солун и Нета (Новата театарска акција во Европа), синоќа беше изведена на Големата сцена на Националниот театар во Букурешт во рамките на Европскиот театарски фестивал и наиде на сјаен прием кај фестивалската публика која ја награди со долготрајни овации. По самата претстава разговорите ги водеше Жорж Бану, професор на Сорбона и Претседател на Интернационалната асоцијација на театарски критичари (AICT). Г-динот Бану поздравувајќи ги присутните гости рече дека оваа престава е вистински драмски чин кој создава планетарна драма што за прв пат во историјата на светската драмаургија го третира прашањето дали е можна цивилизација на љубовта низ делото Св. Кирил и Методиј. Тој подвлече и дека Јордан Плевнеш со оваа драма го достигнува врвот на својата естетика, која е богатсво не само за Македонија, туку и за Европа и Светот. Режијата на Мартин Кочовски беше оценета како револуционерно пледоаје кое од светот на Бертолд Брехт влегува со импозантна сила во светот на Плевнеш. Играта на актерите на прилепскиот театар и гостите од Бугарија и Грција, беше оценета како вистинска фасцинација и беа изречени суперлативи за истакнатиот актер Ѓорѓи Јолевски кој е носител на главната улога. Посебен акцент на храбриот спектакл даде легендата на романскиот теар Јон Карамитру, како и врвни книжевни имиња на Романија и гости од различни земји. Амбасадорот на Република Македонија во Романија Панде Лазаревски, го оцени овој чин како историски настан и рече дека е најубавиот подарок за националниот празник 8 спетември - Денот на македонската независност, кој покажува дека со Кирил и Методи се освојува врвот на европската култура. Интернационалната Одисеја на претставата продолжува на Фестивалот Ристо Шишков во Струмица на 12 септември, а потоа и на фестивалот ExPonto во Словенија на 20 септември. Ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Г-динот Јордан Плевнеш на Граѓанскиот форум на Самитот на Западен Балкан во Виена го презентираше проектот “Аудиовизуелните мостови на Југоисточна Европа” преку искуствата на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз (SEE a Paris) и Берлин(SOE in Berlin). Покрај тоа беше презентиран и двегодишниот научно истражувачки проект SEE IP ART TV, во кој се вклучени поголем број на професори од Универзитетот за аудиовизуелни уметности и експерти од Европа и Балканот . SEE IP ART TV е замислена како телевизија која би се емитувала на интернет и би ги поврзувала културните и образовните системи на Балканот и земјите на Југо-Источна Европа. Проектот предизвика жив интерес помеѓу учесниците на овој собир кој ја трасира иднината на европската интеграција на балканските земји, а Универзитетот за аудиовизуелни уметности беше посочен како еден од главните подвижници на европеизацијата на Балканот. „Љубовта и единството не се теми на денешниот глобален свет. Единство нема ниту во Европа и Америка, ниту на Истокот, ниту на Балканот, ниту на архипелазите“. Ова беше воведната реплика на актерот Ѓорѓи Јолевски во претставата „Кирил и Методиј: who are you?“ која ја доживеа својата праизведба на 14 Август 2015 на летната сцена „Долни Сарај“ во рамки на годинешното издание на Охридско лето. Актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ во копродукција со „Сфумато“ театарот од Софија и „НЕТА“ од Љубљана, покажаа извонредна актерска игра која предизвика големи импресии кај публиката. Јордан Плевнеш кој е авторот на драмскиот текст, рече дека има голема симболика што во тоа што оваа претстава за прв пат се изведува токму во Охрид.
Режисерот на претставата, Мартин Кочовски вели дека основната порака на претставата е дека треба да и дадеме малку повеќе простор на духовноста.
Инаку претставата „Кирил и Методиј: who are you?“ е современа претстава со рефлексија на историска тема во која кризата во денешниот современ свет, дехуманизацијата, гладта за љубов, превласта на парите и импреријализмот умешно се поврзуваат со филозофијата на браќата Кирил и Методиј за обединување и љубов меѓу сите нации. Превземено од www.ohridnews.com |
Archives
March 2017
Categories |